Марко Бислимовски

Претседателот на РКЕ предупредува на можен ценовен шок

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимовски, најави дека ова тело нема да се произнесува околу новите цени на топлинската енергија за Скопје ако оттаму не се сигурни дека ТЕ-ТО ќе работи и ќе биде ставено во мрежа.
– РКЕ нема да носи одлука за цената на топлинската енергија во Скопје сè додека не бидеме сигурни дека ТЕ-ТО ќе работи и ќе биде ставено на мрежата. Ако ТЕ-ТО оваа година го немаме функционално на мрежа ќе ни се случи ценовна катастрофа, а тоа не ни е ни накрај на памет да го дозволиме. Додека не се знае дека ќе можеме да ги искористиме придобивките од ТЕ-ТО нема да имаме одлука – истакна Бислимовски.
Според него, топлинската енергија од ТЕ-ТО е многу битна бидејќи во 2022 година таа беше трипати поевтина од цената што ја имаа топланите во градот Скопје.
– Технолошкиот процес во когенеративните постројки овозможува да има производство на топлинска енергија со пониска цена и тоа ќе го искористиме до максимум. За да го направиме тоа, сериозен проблем ни е топловодот што поминуваше на мостот „Беласица“ и кој беше оштетен од пожарот што го зафати мостот. Не сакам да навлегувам кој е надлежен – дали Град Скопје или ЕСМ, но верувам дека Град Скопје и ЕСМ ќе преземат сѐ за да се санира топловодот и да ја добиеме таа топлинска енергија од ТЕ-ТО. Топловодот ќе ни помогне топлината од когенеративната електроцентрала да дојде во другиот дел на Скопје, бидејќи има други пумпни станици што овозможуваат оваа топлина да дојде и до општината Карпош. Додека не добиеме јасна сигурност дека ТЕ-ТО ќе работи и дека ќе ја добиваме топлината од ТЕ-ТО ние нема да донесеме одлука за цената на топлинската енергија, бидејќи не можеме да го префрлиме товарот кај потрошувачите за работа што може да се среди за две недели и за помалку – рече Бислимоски.
Тој, во изјава за МИА, посочи дека е вообичаено Град Скопје да каже дека сѐ е во ред со мостот „Беласица“ и да им даде дозвола на „ЕСМ дистрибуција“ да ги постави новите цевки на топловодот под мостот.
– Ова е пресериозна работа за да се чека да се изврши – истакна Бислимоски. Е.Р.