Фото: Влада

Министерот за финансии Фатмир Бесими не верува дека пред изборите може да се објави нов тендер за изградба на „Чебрен“ откако пропадна и 14-тиот тендер.

– Кога ќе се оцени повторно во однос на следните чекори, а веројатно сега оваа година пред избори не е реално да се ветува дека ќе стигнеме да објавиме оглас, рече денеска Бесими – одговарајќи на новинарски прашања.

Вели дека има аргументи „за“ и „против“ и за едната и за другата варијанта, односно „Чебрен“ да се гради преку јавно-приватно партнерство или со домашни средства.

Оваа инвестиција, според Бесими, треба да се реализира, а националниот интерес вели дека заштитен со Устав и дека не може со еден договор да се наштети на националните интереси.

– Да ги најдеме најдобрите што можат да направат добри проекти. Во нашите закони и во нашиот Устав јасно стои што е национален интерес. Нема дилема дека може со еден договор нешто да се наштети. Важно е да се реализира проектот и преку јавна дебата да се видат аргументите – истакна Бесими.

Последниот тендер за изградба на „Чебрен“ пропадна откако до 31 декември кога беше послендиот рок, грчката компанија ПЦЦ Архиродон не ја продолжи банкарската гаранција.

Константин Димитров, кој е дел од Здружението на инженери, вчера најави дека ќе покренат иницијатива да се донесе закон со којшто ќе почне да се гради Чебрен со домашни средства.

– Да се донесе закон за изградба на Чебрен, Галиште, Скочивир т.е. да се реши интегрално програмата со сливовите на реките каде Црна река е дел од Вардарска долина. Да се направи закон којшто не може да се менува без разлика која влада и да дојде. Однапред да се дефинираат средства коишто не се големи – рече Димитров.