На настанот по повод презентирање на новата инвестиција и потпишувањето на договорот се обратија претставници на Владата, како и на компанијата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ и други почесни гости.
Во своето обраќање, министерот за финансии Фатмир Бесими нагласи: „Големите инвестиции имаат ефект на снежна топка. Брендовите привлекуваат локално и нови инвестиции, како странски, така и домашни. Тие креираат нова вредност, го јакнат извозот преку промената на неговата структура кон производи со поголема додадена вредност, креираат нови работни места и влијаат кон забрзување на економската активност и економскиот развој. Нашата определба како Влада е да ги поддржиме и промовираме странските инвеститори кои ќе можат да го обезбедат овој ефект и кои пред сè ќе донесат придобивки за нашите граѓани, домашните фирми и економијата”.
На настанот се обрати и министерот за економија Крешник Бектеши, кој говореше за придобивките од инвестицијата. „Со оваа мултимилионска инвестиција на компанијата e.GO во ТИРЗ Тетово каде за прв пат ќе почнат да се произведуваат електрични возила во Северна Македонија, започнува нова ера во делот на странските инвестиции, но и за граѓаните за користење на електрични автомобили. Истовремено оваа инвестиција ќе донесе нови технологии и знаења од автомобилската индустрија кои ќе бидат значајни за развој на индустриското производство. Фабриката ќе придонесе и кон зајакнување на извозот“.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во своето обраќање на настанот истакна: „Новиот концепт на ТИРЗ дава конкретни резултати. По само 18 месеци ја имаме втората инвестиција над 100 милиони евра. Покажавме дека С.Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила туку на мапата земји кои имаат капацитет и услови за големи инвестиции. Само од почетокот на годинава имаме постигнато договори за инвестиции со обем од 370 милиони евра. Со вакво темпо очекувам до крајот на годинава да ја достигнеме границата од половина милијарда. На почетокот на мандатот ветивме европски работни места и можности за младите. Во компаниите во ТИРЗ, од почетокот на годинава имаме нови 1.100 работни места. Компанијата e.GO ќе исплаќа просечна бруто плата од 1.340 евра. Ме прашуваат зошто Тетово? А зошто да не, и Тетово е С. Македонија. И нема да ги делиме луѓето на наши и ваши, сите се наши. Но за мене клучното прашање гласи дали сакаме нашите деца да земаат три пати поголеми плати и да живеат во напредно општество или да бележиме рекорди на иселување. Со ваквите проекти им обезбедуваме иднина дома“.
На настанот се обрати и Али Везваеи, претседавач на бордот на компанијата e.GO. Тој во своето обраќање подвлече: „Овој договор е уште една клучна цел во стратегијата за глобален раст на e.GO и ја нагласува внатрешната вредност на нашата иновативна технологија и пристап. Навистина сме возбудени што ќе го прошириме нашиот производствен отпечаток во Република С.Македонија, следејќи го нашиот напредок во Бугарија претходно оваа година. Нашиот стратешки фокус во Југоисточна Европа се заснова на нашето верување во конкурентниот екосистем на регионот, атрактивна инвестициска клима и пристап до поттикнат и талентиран човечки капитал“