Фото: Игор Бансколиев

Сите пензионери што поседуваат дебитни картички, веќе од денеска преку банкоматите и во трговската мрежа ќе располагаат со својата пензија, информираат од Македонската банкарска асоцијација.
Готовинската исплата на пензиите, за оние пензионери што не поседуваат дебитни картички, ќе се спроведе во групи, поточно денеска пензија ќе примаат пензионерите чии пензии не се повисоки од 11.000 денари, а утре ќе се делат пензии во висина од 11.001 до 14.000 денари.
Од понеделник, 31 август, ќе се делат пензии во висина од 14.001 до 18.000 денари, додека на 1 септември следуваат пензиите повисоки од 18.000 денари.

Овој распоред, како што информираат од Македонската банкарска асоцијација, важи и за корисниците на пензии од Еуростандард банка АД Скопје, кои до 21.8.2020 година отвориле трансакциска сметка во банката преку која би сакале во иднина да им се врши исплата на пензијата.
За корисниците на пензии што од Еуростандард банка АД Скопје ќе се префрлат во друга банка по 21 август банките ќе обезбедат дополнителни исплати на 7, 14 и 25 септември.
Македонската банкарска асоцијација ги потсетува корисниците на банкарски услуги дека при посета на филијалите и експозитурите треба да носат лична заштитна опрема и да одржуваат соодветна дистанца.