Низ светот има голем број земји како што се Канада, или одредени држави во рамките на САД, Холандија и други, кои веќе ја имаат легализирано рекреативната употреба на канабисот и економските бенефиции од мерката се значително големи. Ова беше посочено на настанот „Економските потенцијали од легализацијата на рекреативната употреба на канабисот во Република Македонија“ во организација на невладините здруженија НВО „Бивиум“ и НВО „Театарска работилница“.

Претставникот на НВО „Бивиум“, Филип Секуловски посочи дека доколку се отвори овој сектор се создава можност за двапати поголем обрт на средства со легализацијата во споредба со овој обрт, кој се прави во економијата благодарение на дозволената употреба на канабисот за медицински потреби.

– Се отвора еден сосема нов сектор, а со тоа и нови работни места, нови парични текови и нов даночен прилив за државата. Економските параметри ќе бидат многу позитивни. Со легализацијата во 2016 година покажавме дека има здравствени придобивки од неговата употреба, а сега целта е да се отворат нови можности за поголеми економски придобивки за целата нација – посочи Секуловски, кој истакна дека со ова барање се согласуваат многу невладини здруженија, но и голем дел од економската фела.

Тој нагласи и дека пазарот со канабис постојано расте, особено на светско ниво и нема причина зошто во него да не се вклучи и Македонија.

– Состојките што ги содржи канабисот веќе се користат за медицински цели, а ги има и во доста напитоци, значи има многу придобивки, треба да размислиме само како можеме тоа да го искористиме за економски напредок – рече Секулоски, додавајќи дека денес во Македонија има најмалку 16 компании, кои се занимаваат со производство на канабис за медицински цели, но тренд во светот е легализацијата на рекреативната употреба.

Тој посочи дека неформална група граѓански организации и компании веќе започнале официјална комуникација со органите на Владата на тема поврзана со имплементација на либерални политика за економска експлоатација на билката канабис (cannabis sativa, cannabis indica и cannabis ruderalis). Целта на оваа иницијатива е да се промовираат сите придобивки од процесот на легализација на истата таа, од економски аспект.

– Нашата позиција е дека Владата на РМ треба сериозно да пристапи кон анализа на сите придобивки од воведување либерални политики за легализација на рекреативната употреба на канабис. Овие придобивки, пред сѐ, се однесуваат на економските, здравствените и социјалните аспекти и на нивното позитивно влијание врз македонското општество – заклучува Секуловски. Е.Р.