Фото: Дарко Андоновски

Македонските граѓани сè уште повеќе сакаат да плаќаат во кеш и покрај големите можности што ги нудат новите електронски начини за плаќања. Последните податоци на Народната банка за септември 2018 година покажуваат дека од вкупниот број трансакции реализирани со кредитни трансфери или приближно пет милиони, во хартиена форма се реализирани 2.896.599 трансакции, додека електронски 2.069.280. Податоците укажуваат дека електронскиот начин на плаќање е поприфатлив за правните лица, кои од вкупниот број електронски трансакции со кредитни трансфери реализирале 1.771.544, додека, пак, физичките лица иницирале 14,4 отсто од електронските трансакции со кредитни трансфери или 297.736 трансакции.
Од реализираните електронски плаќања преку мобилен во септември 2018 година се остварени над 66 илјади.

Објавените податоци, сепак, покажуваат дека од година на година има раст на трансакциите со кредитни трансфери иницирани преку мобилен, така што во 2017 година почнуваат од 25.597 во јануари и во последниот месец достигнувале 54.897, а во 2016 година во првиот месец се реализирале 13.085 и достигнале 29.367 во декември 2016 година.

Банките континуирано инвестираат во модерни и иновативни технологии, а целта е на клиентите да им се овозможи услуга 24 часа. Во своите услуги речиси сите имаат понуда за мобилно банкарство. За да се зголеми неговата примена нудат и поволности и пониски провизии, но истакнуваат дека сè уште поголемиот број клиенти не се подготвени да ги прифатат новите технологии.

Според нив, тука постои голем потенцијал банките со својата експертиза позитивно и проактивно да влијаат на обука и едукација на населението кон прифаќање на новите технологии и нов начин на интеракција со банките. Е.Р.