Подобрувањата во одредени аспекти во македонската економија регистрирани последниот период создадоа услови за намалување на каматната стапка на три проценти. Европската централна банка сѐ уште се држи до монетарната политика, која предвидува инјектирање на ликвидност, со најава дека со таквата политика ќе продолжат до крајот на годината. Народната банка на Република Македонија ќе ги следи европските монетарни политики и соодветно на нив ќе ја уредува својата. Ова го истакна гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, на вториот работен ден од годишната конференција што се одржува во Охрид.

Што се однесува на фискалната политика во земјата и актуелното прашање околу плановите за воведување прогресивен данок, Богов нагласи дека фискалната политика е во ингеренција на Владата, односно дека тоа е нејзино ексклузивно право, секако и одговорност.

– Монетарната политика ќе се приспособува на секоја фискална политика соодветно. Доколку фискалната политика е поконзервативна тогаш има простор монетарната да биде порелаксирана и обратно. Даночната политика не би ја коментирал, оттаму што тоа е исто така владина надлежност – истакна Богов.

Тој сугерира дека би било подобро Владата да се концентрира на оданочување на сегментите што досега не подлежеле на оданочување. Уште повеќе што и Македонија исто како и државите од регионот имаат проблем со сивата економија, која е мошне висока, а има простор за подобрување на јавните финансии токму преку зафаќање на оние економски активности што не се оданочени.

Светските финансиски експерти се осврнаа на актуелното прашање околу трговски бариери што ги воведуваат силните економии, со оцена дека секоја мерка спротивна на заложбите за слободна трговија негативно ќе влијае врз растот на националните и на светската економија.

– Трговска војна е лоша вест. Тоа негативно ќе се одрази врз економскиот развој, во сите економии на глобални рамки. Последиците од воведување евентуални трговски бариери ќе бидат повисоки увозни цени, а сето тоа ќе биде товар врз џебот на граѓаните. Друг негативен ефект би бил влошување на севкупните состојби на пазарот на капитал односно намалување на довербата кај инвеститорите. Трговска војна на подолг рок негативно ќе се одрази и врз растот на продуктивноста, имајќи предвид дека токму слободната трговија е една од детерминантите што условуваат зголемен економски раст – рече Јан Сметс, гувернер на Централната банка на Белгија.

Бас Бакер, регионален резидентен претставник на ММФ за Централна и за Источна Европа, посочи дека од почетокот на економската криза во рамките на еврозоната, секоја прогноза што Фондот ја дал по однос на стапката на развој на економијата била пониска од претходната.
– Подобрите резултати забележани во еврозоната регистрирани последната година беа резултат на зајакнувањето на светската трговска размена. Јасно е дека во услови на нагло забавување на трговската размена не може да се очекуваат позитивни економски параметри – рече Бакер.
Со конференцијата во Охрид се одбележува годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија.