Денеска во Скопје ќе се одржи Економски форум за регионална соработка на кој се очекува да учествуваат над 300 компании од Македонија, Србија и Албанија, БиХ, Австрија, Полска, Грција. Ќе учествуваат и македонскиот премиер Зоран Заев, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама. Економскиот форум е во рамките на иницијативата за соработка позната како „Мини Шенген“.

На настанот ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива што досега беше нарекувана „Мини шенген“ и ќе бидат потпишани трилатерални договори што, според најавите, ќе го подобрат животот на граѓаните и на бизнис заедницата од Западен Балкан.

Меморандумот за разбирање за олеснување на увозот и извозот и движење на стоки во Западен Балкан и Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Македонија, Србија и Албанија. Третиот меморандум е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот и со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето за да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот, што значи отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за добивање дозвола за привремен престој.

Вучиќ, Рама и Заев, според најавите на Форумот, ќе ја претстават политичката и економската визија за интегриран регион. Планирани се и бројни средби на бизнисмени од регионот, кои ќе се одржат по официјалниот дел на Форумот.

Вчера премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ги прошетаа Вучиќ и Рама по новиот Кеј 13 Ноември.