Стотици илјади Американци и натаму се без електрична енергија по силните бури што ги погодија источните и централните делови на САД за време на празникот Ден на благодарноста. Невремето предизвика обилни врнежи, силни налети на ветер и крајбрежни поплави, а го наруши и воздушниот сообраќај, пренесе „Њујорк тајмс“.
Според податоците на специјализираната веб-страница „PowerOutage“, близу половина милион домаќинства низ земјата сè уште немаат електрична енергија.
Најтешка е состојбата во сојузната држава Пенсилванија, каде што без струја останале околу 122.000 домаќинства.
Во делови од централната сојузна држава Мисури снежната покривка достигнала речиси 40 сантиметри. Таму, снабдувањето со електрична енергија сè уште не било обновено за околу 72.000 домаќинства.
Последиците од невремето се почувствувале и во воздушниот сообраќај. Регистрирани се доцнења на околу 1.600 летови, додека повеќе од 500 летови биле откажани. Без електрична енергија останале и близу 45.000 домаќинства во сојузната држава Њујорк.
Невремето ја наруши и традиционалната парада во Њујорк
За време на Денот на благодарноста, илјадници луѓе традиционално се собираат во Њујорк за да ја следат парадата организирана од стоковната куќа „Мејсис“. Настанот е познат по огромните балони исполнети со хелиум, во форма на ликови од анимирани филмови и познати личности од поп-културата.
Поради силните бури, парадата беше одложена.
Според објавените информации, ова е првпат во мирнодопски услови настанот да биде откажан. Парадата претходно била откажана трипати, во 1942, 1943 и 1944 година, за време на Втората светска војна.
































