Кон 43. Меѓународен театарски фестивал во Алмада, Португалија

Влегувајќи во својата петта деценија, четириесет и третото издание на Меѓународниот театарски фестивал во Алмада, Португалија, ни носи ново читање на класичните драмски текстови, особено на Чехов, но и една мошне актуелна инсценација на старите апсурдисти од средината на дваесеттиот век, Смејуел Бекет и Ежен Јонеско. Преживувајќи го својот зрел театарски период во време кога метафизиката на војната се вовлекува во целиот наш интелектуален простор, уметничкиот директор на овој значаен фестивал, Родриго Франсишко, со оваа селекција нè потсетува на тоа дека сепак ние живееме во време на лага и илузија, која низ овие театарски продукции станува дел од нашата уметничка страст и како гледачи, но и како мислители на театарот. Репертоарот на двонеделниот театарски фестивал ни го предочува и тоа дека театарската историја има свои сублимати во денешните социјални движења, но во апологијата на денешната политичка занесеност. Се чини дека токму затоа ова издание на театарскиот фестивал во Алмада ја потенцира илузорноста на ветувањата и неодлучноста на современиот мал човек на дваесет и првиот век. Сепак, она што е најважно за овој престижен театарски фестивал е тоа дека како и секоја година, на неколкуте сцени на театарот „Хоакин Бените“ и отворената сцена во училиштето „Антонио да Коста“, како и во културниот центар „Белем“ во Лисабон, се најдоа претстави и од големите театарски имиња на дваесет и првиот век како што се Мило Рау, Кристијан Бенедети, Кристоф Марталер, Јозеф Наѓ, како и еден од најголемиот живи театарски магови, Питер Штајн.
Доминацијата на рускиот класик Чехов на сцените на фестивалот ни го наметна тоа дека неговите значенски параметри се неизбежни и дека во длабочината на поттекстите на неговите драми се кријат уште неоткриени пораки и инспирации. Така, во првите денови на фестивалот со своја инсценација на неговиот опсежен драмски текст „Платонов“, во продукција на театарот „Меноти“ од Милано, се појави Питер Штајн, чиј реализам во денешниот актуелен миг има една чудна, би рекол, тенка, минималистичка конвергенција, нешто што опседнува со својата верност и коренитост. По оваа петчасовна театарска импресија, кон Чехов се навраќаат и: театарот „Атомик Ант“ од Португалија, преку текстот „Само уште еден галеб“, текст на Инес Барагона и Мигуел Фрагата, кој е и режисер и изведувач на монодрамата, како и верзијата на Кристијан Бенедети на самата драма на Чехов, „Галеб“, во продукција на театарот „Студио“ од Франција, претстава во која соголеноста, на речиси празната сцена, е една значенска матрица во која ликовите на оваа пиеса се осовременети преку нивниот начин на живот и на блискоста со нас преку контекстуализирањето на дејствијата совршено достапни за денешното поимање на интимните односи и лагата како дел од илузорноста на дваесет и првиот век. Кристијан Бенедети низ својата режија ни го посочува и тоа дека не само во „Галеб“ туку и во сите други пиеси на Чехов, публиката е релевантен чинител и на дејствието, но и на сценската игра. Играјќи го и самиот ликот на Тригорин во оваа претстава, низ својот режисерски пристап тој се одлучува за таа современа, модерна и се чини не многу поднослива меланхоличност во која лагата можеби е и единствениот излез од неодлучноста и несфатеноста.

Кога зборуваме за осовременувањето, претставата „Кралот на Фарандула“, историски мотивирано кабаре во изведена на Анхел Руиз и со музичка изведба на клавир на Бру Пери, нѐ одведува во златната доба на Шпанија, во седумнаесеттиот век каде што вибрантноста на уметноста сепак е затемнета од тешкиот и сив облак на војните и општествената корупција. Во ова барокно кабаре, раскажувајќи приказни инспирирани од вистински настани и ликови, како и со есенцијалната фасцинација од кралот Филип Четврти, ни отсликува еден историски пејзаж што ги има своите референци во современите социјални и општествени движења и сето тоа низ сјајната музичка интерпретација на Бру Фери на барокните и ренесансни песни на Монтеверди, Хосе Марин и на Хуан Хидагло. Секако, тука би спомнале уште една дуодрама, а тоа е „Мохамед и Израел“ на театарската трупа „Зирлив и ИГалван“, во режија на Мохамед Ел Кхатиб и Израел Галван, кои се и изведувачи на претставата, која импонираше со својата колоритност и фантазија, а која од друга страна говори за, како што велат тие, „ветување што изгледа невозможно“; поточно, една совршено умешна сценска адаптација на матриците на геополитичките и религиозни амбивалентности; претстава што исто така одушевува со преиспитувањето на толерантноста како чувство што со новите воени виори сè повеќе го губи значењето.
Фестивалот во Алмада низ годинашната селекција нè навраќа и на класичните апсурдисти од минатиот век низ претставите „Среќни денови“ по пиесата на Семјуел Бекет, во продукција на театарот „Маридионал“ во режија на Мигуел Сеабра, како и низ претставата „Поздрави“ по едночинките на Ежен Јонеско, „Поздрави“, „Новиот станар“ и „Делириум за двајца“, а во режија на Алваро Кореа, претстава што импонираше со актерската енергија, како и со симболистичките визуелни решенија. Секако, во оваа селекција имавме можност да ја погледнеме и сјајната драма на Кристоф Марталер, „Самит“, во продукција на театарот „Види“ од Лозана, Швајцарија. Тоа е пиеса што говори за паранојата од затвореноста и изолацијата. Имено, се работи за ликови што се затворени во една дрвена кутија и кои се обидуваат да се разберат еден со друг, конечно, шест лика што навлегле во таа клаусторфобична стапица и се обидуваат да му најдат смисла на своето постоење во таа, можеби „привремена“ состојба. Кристоф Марталер сочинил претстава што импонира со сите актерки дејствија и со совршената вклопеност на актерската енергија со режисерскиот ракопис. Секако, на овој фестивал не изостануваат и кореодрамите на Јозеф Наѓ, чест гостин на овој фестивал, овој пат со својата претстава „Дијалози во соништата“ во соработка со Иван Фатјо и во продукција на „Ателје 3+1“ од Франција, како и кореодрамата на Мартин Цимерман, „Данс Макабр“, во изведба на „МЗ Ателје“ од Швајцарија, а секако тука е и вариететската претстава „Вариетети“ по текст на Фернандо Хеитор и Флавио Гил и по музиката на Жоао Пауло Соарес, која нѐ фасцинира со извонредната музичка интерпретација и пластиката на актерскиот ансамбл, претстава што говори за едно исклучително тешко време во Португалија, но низ стил што плени со музичкиот израз.

Овој исклучително богат театарски фестивал, покрај многуте изложби и дебати, како и концерти речиси секоја вечер, повторно ни донесе значителна бројка од околу дваесетина претстави од Германија, Белгија, Швајцарија, Италија, Франција, Шпанија, а најмногу од Португалија. Конципирајќи го овој фестивал како ново читање на класиката, Родриго Франсишко нè понесе низ темните ходници на сивилото на дваесет и првиот век, кој и во својата трета декада нè разочарува со војни, корупција и лага, секако предупредувајќи го и целиот свет, како и оние што ќе дојдат по нас, дека театарот секогаш има свое ново читање, секогаш своја најнова интерпретација, дека носи со себе нови пораки и дека актуелноста на мигот е совршена матрица за новиот свет каде што можеби ќе се обидеме да прочитаме некоја друга концепција на класичната бесмртност. Дотогаш, веројатно ќе мораме да се предадеме на меморабилијата и на времето што историјата ни го одредило да го живееме како нејзин неизбежен концепт.

Сашо Огненовски