Експанзија на „женски“ изложби – тренд или неопходност

  • Постановките во кои учесници се жени или кои имаат особена нагласка на „женственоста“ или „женскоста“ бележат вистинска експанзија. Сега постои дури и „опасност“ женските изложби да станат тренд и помодарство. Сепак, поверојатно е дека и тие се одраз на социокултурното опкружување, кое сѐ уште не е комплетно редефинирано

Само изминатата недела во Скопје паралелно се отворени дури три изложби што се занимаваат со женски прашања. Две од нив се актуелни во Музејот на современата уметност. Првата, со наслов „Првите. Жените меѓу мажите“, е истражувачки проект и групна изложба со дела од над 40 авторки од различни генерации, курирана од Ивана Васева, посветена на придонесот на жените во македонската модерна и современа уметност. Оваа изложба ја открива историјата создадена во пукнатините на македонската историја на уметност, враќајќи ги во фокусот жените чие творештво и придонес долго време останале на маргините на уметничката историја. Организаторите посочуваат дека генералната идеја на изложбата е да ги преиспита доминантните наративи во историјата на уметноста и да понуди поинакви перспективи за минатите уметнички практики и нивното претставување. Ова истражување е и обид за креирање „историја создадена во пукнатините“ (или во меѓупросторите), каде што жените, малцинствата и колонизираните народи создавале знаење, филозофија и отпор, не преку официјалните институции (од кои биле исклучени), туку низ скриените „пукнатини“ на доминантниот патријархален и колонијален систем.
Втората изложба со наслов „Жени, животни, постколонијалци, бактерии, други и вознемирените води“ ги става во преден план современите кризи и општествени нееднаквости што произлегуваат од логиката на капиталистичкиот патријархат, систем заснован врз доминација, експлоатација и контрола над жените, другите и природата. Ваквата испреплетена политичка хиерархизација ги поставува правата на оние што не се дел од канонот на пониско рамниште. Оваа изложба e, всушност, изложбен есеј што тргнува од претпоставка и презентација со заложба за нови форми на еколошка и етичка одговорност и колективна грижа, кои се прошируваат надвор од човечкото. Претпоставката што ја поставува е дека за подобар свет се потребни нови етички релационалности што ќе ја нарушат хиерархијата меѓу луѓето и другите и ќе ја зацврстат меѓузависноста.
Третата изложба „Фемина 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ е отворена во „Мала станица“, во рамките на одбележувањето на 80 години од Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Кураторка е Сузана Милевска. Поставката обединува седум феминистички уметнички позиции на aвторките: Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Маневa-Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Изложбата е посветена на Лилјана Ѓузелова (1935-2018) и на нејзиното последно дело „Женска книга“ (2010), кое го позајмува нејзиниот син Игор Хаџи-Бошков…
И не само неделава, последниве години се евидентни голем број изложби на жени автори. Постановките во кои учесници се жени или кои имаат особена нагласка на „женственоста“ или „женскоста“ бележат вистинска експанзија. Сега постои „опасноста“ дури женските изложби да станат тренд и помодарство. Сепак, поверојатно е дека и тие се одраз на социокултурното опкружување, кое сé уште не е комплетно редефинирано. Денес женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација (политичка, економска, образовна), но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената е променета, иако – не докрај.

Факт е дека последиците од патријархатот се чувствуваат и сега, бидејќи тој со векови го оневозможуваше пристапот на жената до симболичкото или ѝ го одземаше правото да се самодефинира. Родовите предрасуди не се докрај надминати, но веројатно свеста дека таквата состојба мора да се менува сé повеќе се зацврстува. Придавката „женска“ пред именката „уметност“ има свое оправдување и е резултат на тоа дека сé уште не сме навикнати на поголемо (иако не и рамноправно) учество на жената во сферата на творештвото. Но фактот што сѐ уште пред изложбите на авторките секогаш се појавува и придавката „женски“, како укажување на некаква исклучивост, кажува дека свеста и натаму треба да се менува кон прифаќање на овие изложби, како на творештво што има намера да покаже дека се работи за нешто многу покомплексно.

„Без оглед дали жените се свесни за мутациите што беа произведени или проследени со нивното будење, прашањето што денес им се поставува може да се формулира вака: кое е нашето место во општествениот договор? Далеку од тоа да им припаѓа на еднаквите мажи, овој договор се заснова врз некој однос, пред сѐ однос на жртвување, сепарација и инкорпорирање на разликите, кои така произведуваат смисла што може да се соопшти. Затоа, какво е нашето место во тој поредок на жртвување и/или говор? Бидејќи не сакаме и понатаму да бидеме исклучени од него, или веќе не се задоволуваме да ја задржиме функцијата (на мајка, сопруга, болничарка, лекарка, учителка…) што ни ја припишале, за да трае тој општествено-политички договор и за да можеме во него да го искажеме нашето преку традицијата запишано место што сакаме да го преобразиме“, ќе напише Јулија Кристева, една од најзначајните фигури на современата филозофија, психоанализа и книжевна теорија, чии дела имаат огромно влијание врз феминистичката мисла, родовите студии и разбирањето на женскиот идентитет…. Да се преобрази запишаното место на жената, тоа веројатно е идеологијата и на идниот феминизам или на родовите студии.