Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (42)
Јас сум првиот и, за жал, до денес единствениот професионалец од областа на милениците што јавно проговорил за целосната нетранспарентност околу извозот на улични кучиња во македонските медиуми. Оттогаш, на бранови, следуваат јавни и скриени притисоци, навреди и закани по физичкиот интегритет, со обиди за нарушување на угледот на услугите што ги нудат моите компании. Мојот академски и професионален углед низ годините не само што остана недопрен туку доби и повеќе почит и кредибилитет од оние што ја препознаваат благородната акција што ја водиме, а воедно на сите оние што бегаат од отворена аргументирана дебата им благодарам за непредвидената промоција што ми ја дадоа мене, на моите компании и проекти во тек.
А зошто извозот на улични кучиња е многу поважна тема за која мора да зборуваме и размислуваме?
Причини има повеќе, а една од најважните е благосостојбата на самите животни. Кучето се презема од својата средина и најчесто прво се сместува во прифатилиште во кафез, потоа се транспортира повторно во кафез со други кучиња, при што може да биде изложено на стрес, несоодветни услови и долги патувања. Потоа може да помине низ претоварни станици во други држави, карантински или други сместувачки објекти, каде што постојат ризици по неговото здравје, за на крајот да пристигне во нова клима и средина, која имунолошки и психолошки ќе го предизвикува. Каде исчезнува грижата за неговата средина тогаш? Зошто властите и активистите сѐ уште упорно го оправдуваат законскиот систем на „залови, третирај и врати на локација“ и како посебно важен момент за кучето е нагласено да биде вратено според географски точни координати на истата локација од каде што е преземено? Зошто се крева толку врева доколку едно куче е „дислоцирано“, па се прават напори да се врати назад? Паралелно, се соочуваме со колективен молк за тоа што некој истото куче го презема и го извезува илјадници километри од таа локација. Кој и според кои критериуми одлучува дека преселбата во соседната уличка е траума за кучето, а преселбата во странска држава е спас? Дали станува збор за организиран систем на јавни површини на улични кучиња, кои само чекаат извоз од една локација? Европската комисија во својата акција против нелегалната трговија со кучиња и мачки документираше 467 сомневања за измами со пасоши, вакцинации, потекло и здравствени документи. Во истата истрага се забележани и проблеми со благосостојбата при транспорт. Дали некој гарантира дека македонските кучиња не се изложени на вакви практики? И што се случува кога кучето ќе пристигне на дестинацијата? Дали сите навистина завршуваат конечно во топли домови или некои од нив менуваат неколку привремени „фостери“? Колку од нив се вратени од вдомувачот и потоа предадени на други сопственици? Колку се еутаназирани по пристигнувањето или при влез поради здравствени и други проблеми? Каде се тие податоци? Кој ги проверува емотивните фотографии од плажа со кои се рекламира секое успешно вдомување и дали некој некогаш објавува што се случило со кучето шест месеци или години подоцна?
Доколку благосостојбата на кучињата не е доволно важна за да говориме повеќе во јавноста на темава, еве што велат финансиите. Како ориентација за висината на сумите во игра, една германска агенција што посредува во вдомувањето кучиња од Македонија објавува дека просечната цена што треба да се плати за сите трошоци од едно улично куче од Македонија го чини купувачот — пардон, вдомувачот — околу илјада евра! Во последнава деценија се извезени илјадници улични кучиња од Македонија. Зборуваме за бизнис со извезување бесплатно стекната „стока“ чиј обрт, според објавената цена и бројот на извезени кучиња, надминува неколку милиони евра. Кучето од македонска улица се презема за нула денари. Кој ги плаќа овие пари, кому, како и за што? Десетици вакви организации работат со Македонија без да објават точно колку кучиња поминуваат низ нивните раце годишно. Како се вршат плаќањата и дали сите приливи и трошоци се уредно евидентирани и пријавени пред надлежните институции? Во Македонија има хумани луѓе што доброволно хранат улични кучиња и плаќаат ветеринарни третмани. Општините и јавните претпријатија плаќаат милиони евра годишно за обесштетување од напад, вработени, сместување, ветеринарна грижа и логистика. Милиони евра од граѓаните за овој проблем. Потоа посредници и странски организации преземаат кучиња од улица без надомест и ги извезуваат, додека јавноста нема јасен увид во тоа кој и како ги организира транспортите, под чија контрола и со каков финансиски отчет. Кој ја плаќа целата приказна и дали некој заработува од неа? Овде не зборуваме за неколку спонтани хумани вдомувања во странство, кои се за поздрав и почит, туку за цел индустриски систем организиран од странски организации на илјадници кучиња. Зошто истовремено не се извезуваат на ваков индустриски начин и нашите улични мачки, врани, гулаби, стаорци? Или нема пазар за нив? Терминот пазар е многу важен зашто е официјално употребен во јавноста од една од главните фигури на извозот на улични кучиња или, како што таа вели, „пазарот на вдомување на бездомните кучиња во странство“.

Мотивот останува сосема нејасен. Дали оние што организираат извоз навистина, како што декларираат, сакаат да исчезнат уличните кучиња од Македонија? Но, ако утре нема кучиња за бесплатно преземање, што ќе извезуваат на пазарите во Германија и Англија? Од каде ќе доаѓа новата „бесплатна стока“? Каква е економската логика на систем во кој функционираат хранилки, чувари, плацеви, кафези, мрежа на посредници, донации, транспорт и други активности, а истовремено не постои јасна јавна слика за тоа како се финансира и контролира? Дали некому му одговара проблемот никогаш да не се реши, туку само постојано да се полни резервоарот? Дека извозот сам по себе не го решава проблемот покажува и фактот дека бројките на кучиња по улиците растат, додека паралелно расте и нивниот извоз. Наместо едната ставка да се намалува на сметка на другата, изгледа дека двете растат. Паралелниот раст на извозот и бројот на кучиња на улиците отвора сериозно прашање за ефективноста на овој модел. Оваа паралелна појава отвора прашање дали извозот воопшто влијае врз причините поради кои постојано се создава нова популација улични кучиња. Од друга страна, пак, кој е мотивот на еден Англичанец да увезува улично куче од Македонија, да го транспортира илјадници километри, без никогаш претходно да го посетил, без да го запознае, без да ги знае неговата историја и однесување? Тоа е спротивно на принципите на одговорното сопствеништво. Зошто истиот тој не вдоми куче од локалниот шелтер во своето место, каде што веќе има кучиња што чекаат дом во преполни прифатилишта? Дали има луѓе на кои им било одбиено вдомување во сопствената земја, па бараат начин да ги заобиколат тие проверки преку странски организации? Ова не се измислени прашања. Научна студија објавена во британскиот „Ветеринари рекорд“ (Veterinary Record) во 2020 година, со 3.080 испитаници, утврдила дека некои од луѓето што вдомувале кучиња од странство биле мотивирани и од тоа што претходно биле одбиени од прифатилишта во Велика Британија. Друга студија, објавена во списанието „Анимал велфер“ (Animal Welfare) во 2025 година, анализирала веб-страници на 241 германска организација што учествуваат во вдомување кучиња од Јужна и Источна Европа. Кај голем дел недостасувале информации за потеклото, транспортот, здравствената состојба и однесувањето на животните. Значи, дали емотивната приказна за спасено куче секогаш ја кажува целата вистина?
Најлесно е да се објави фотографија од куче во нов дом (секогаш на плажа?) и да се напише дека е спасено од балканскиот „пекол“. Таквите објави ја претставуваат Македонија во крајно негативно светло, а истовремено се користат во промотивни кампањи за собирање лајкови и донации. Овие странски веб-страници и платформи што имаат соработници од Македонија, преку своите објави придонесуваат за нарушување на угледот на државата. Ние сме претставени како место од третиот свет од кое треба да се спасуваат кучиња, често со емотивно сомнителни фотографии и приказни што создаваат слика за држава неспособна да се грижи за сопствените животни. Македонија е држава што е единствена во светот со куче на симболичната монета од еден денар и држава што успеала да ја зачува својата голема фауна (мечка, волк, рис, слободноживејачки кучиња…) за разлика од многу држави во Европа. Така, наместо да се бара системско решение за проблемот, од Македонија се создава извор на „спасувачки приказни“, донации и постојан извоз.
Оваа негативна слика за Македонија се одразува и врз професионалците и академските лица посветени на милениците. Ветеринарни доктори и професори, кинолози, стилисти за миленици, едукатори, дресери, сопственици на пансиони за кучиња, здруженија на животни и многу други правни лица што еволуираат во светот на милениците плаќаат данок, вработуваат луѓе, вршат трговија, производство или пак услуги со цел да се зголеми благосостојбата на милениците во Македонија. Сите тие луѓе при соработките со странските претставници се соочуваат со оваа еднострана и негативно искривена слика за Македонија. Таа негативна слика може да се одрази и на туризмот и на многу други сегменти од нашата економија, углед и култура.
Извозот на уличните животни од Македонија мора да се забрани во оваа индустриска форма затоа што претставува бегство од одговорност, а не решение. Спасувањето не смее да биде бизнис-модел изграден врз проблем што некој друг го плаќа. Додека граѓаните и јавните институции ги финансираат заловувањето, лекувањето, вакцинацијата, стерилизацијата и згрижувањето, животните се преземаат и транспортираат во странство, без доволно јавна контрола, гаранција за нивната понатамошна судбина, ниту финансиски отчет и транспарентност. Наместо да се решава причината за појавата на улични животни, се извезува последицата, а со неа и одговорноста. Животните се изложуваат на транспорт и промена на клима, средина, навики и сопственици, без гаранција дека новиот живот навистина е подобар. Македонија мора да воспостави систем што ќе го спречи чувањето куче без микрочип, односно без одговорност, строго ќе ги казни напуштањето и неконтролираното размножување и преку еколошки политики на модернизација на управувањето со сметот ќе влијае на намалувањето на колониите слободноживејачки животни, наместо како сега да одржува бесконечна понуда за извоз.
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот нуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, за да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите е и на одговорното сопствеништво на милениците.
Илија Петковски
































