Камерниот состав на Националниот џез-оркестар настапи во престижниот концертен простор „Петров Галери“ во Храдец Кралове, Чешка.
Ансамблот се претстави со програма составена од авторски композиции, која ги отсликува креативноста, разновидноста и современиот уметнички израз на македонските џез-музичари.
Камерниот состав го сочинуваат Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт-саксофон, Иван Иванов – тенор-саксофон, Гордан Спасовски – пијано, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Виктор Филиповски – тапани.
А утре, Националниот џез-оркестар ќе го отвори 30. издание на еден од најзначајните џез-фестивали во регионот – „Џез фест Сараево“. Концертот ќе се одржи во Народниот театар во Сараево, на главната фестивалска сцена, со програмата „Macedonian Dreams“, под диригентската палка на маестро Владимир Николов.
„Macedonian Dreams“ претставува уникатен музички спој на традиционалната македонска музика, народните мелодии и ритми, авторските композиции и современиот џез-израз. Преку комплексни и современи аранжмани, македонското музичко наследство добива нова оркестарска димензија, создавајќи автентично концертно доживување. Програмата веќе беше претставена пред публиката во Будимпешта, Прага, Виена и во Брисел.