Народна банка ја презеде контролата врз „АЛТА банка“ Битола, работењето продолжува со ограничувања
Народната Банка на Македонија воведе привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер со квалификувано учество, „Алта банка“ АД Белград, со што нагласува дека воведувањето привремена администрација не значи затворање на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Од НБРМ истакнуваат дека цел на оваа привремена заштитна мерка е банката да продолжи непречено да работи, средствата на клиентите да останат на нивните сметки, а имотот и интересите на сите штедачи и други доверители да бидат заштитени до разрешување на сопственичката состојба, односно промена на сопственоста на банката.
– Станува збор за привремена заштитна мерка, а не за постапка за затворање на банката. „АЛТА банка“ АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Банката е ликвидна, висококапитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди – се вели во соопштението од Народна банка.
Случајот дојде по одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на „АЛТА банка“ АД Белград, при што српскиот регулатор најави дека Агенцијата за осигурување на депозити со судска одлука ќе биде назначена за стечаен управник. „АЛТА банка“ АД Битола, по одлуката во Србија, соопшти дека е самостојно правно лице, регистрирано во Македонија, кое работи во согласност со домашната законска регулатива и е под непосреден супервизорски надзор на Народната банка.
Народната банка го појаснува работењето во периодот на привремената администрација:
– „АЛТА банка“ АД Битола работи и продолжува да им ги обезбедува услугите на своите клиенти. Мерките преземени во однос на „Алта банка“ АД Белград не значат одземање на дозволата за работа на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту отворање стечајна постапка;
– Банката е ликвидна, висококапитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио, а нејзиното работење е предмет на непосреден супервизорски надзор од страна на Народната банка;
– Воведувањето администрација е привремена мерка со која управувањето со имотот и работењето на банката привремено се вршат преку лица именувани од Народната банка. Целта е да се зачува стабилноста на банката и да се заштитат средствата и интересите на нејзините клиенти до промената на сопственичката структура;
– Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки. Привремено е ограничена само динамиката на одливот на средства, со цел да се спречи нагло и масовно повлекување на ликвидноста, што би можело да влијае врз интересите на сите штедачи;
– За физичките лица е определен неделен лимит за одлив од сметките во износ од 10.000 денари, кој може да се користи со картичките издадени од банката за готовински подигања и плаќања кај трговци. Внатрешните плаќања од сметките на физичките лица кон сметките на други физички и правни лица, во рамките на банката остануваат овозможени во неограничен износ;
– Правните лица ќе може да извршуваат само внатрешни плаќања од своите сметки кон сметките на други правни и физички лица, во рамките на банката во неограничен износ. Правните лица нема да можат да изнесуваат средства надвор од банката преку платните системи во земјата, а ниту пак преку повлекување готовина од банкомати или шалтери на банката;
– Приливните плаќања од странство преку СЕПА и коресподентно банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство нема да бидат достапни привремено за физичките и правните лица;
– Кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат своите обврски кон банката;
– Штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до износ од 30.000 евра, во согласност со законските правила.
Народната банка соопшти дека континуирано ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и ќе ги преиспитува воведените ограничувања во согласност со развојот на состојбата, како и дека навремено ќе ја информира јавноста за сите евентуални промени. Е.Р.
































