Фото: приватна архива

Најдобрите просветни работници имаат збор: Toме Китановски, наставник по биологија во ООУ „Гоце Делчев“-Василево

  • Од денеска, па до крајот на јануари 2027 година, ќе имате можност одблиску да се запознаете со носителите на признанието „Просветен работник на годината 2025/2026“ што ја доделуваат Сојузот на просветните работници на Македонија и Министерството за образование. На исти прашања, просветните работници одговараат на свој начин, од свој агол

Томе Китановски, по завршувањето на студиите по биологија на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што е прогласен за најдобар дипломиран студент, ја започнал својата кариера како наставник. Тој е автор на десет наставни програми за слободните изборни предмети за учениците од шесто до деветто одделение, кои се применуваат во училиштата низ цела Македонија, автор е на две книги и повеќе од 20 научни труда, од кои четири се објавени во списанија со импакт-фактор.
По стекнувањето на звањето магистер по технички науки, продолжил со научното усовршување и моментално е докторанд на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката Технологија.
Дополнително, ангажиран е како обучувач на наставници од основните и средните училишта во рамките на обуките организирани од Академијата ЦЕС и Бирото за развој на образованието (БРО), посветени на унапредувањето на наставната практика, интегрирањето на еколошките теми во наставата и развивањето одржливи навики и одговорно однесување кај учениците. Благодарение на сите овие многубројни достигнувања, Томе Китановски го стекнал и звањето наставник ментор.
– Признанието „Просветен работник на годината“ го доживувам како потврда за досегашната посветеност и како поттик за понатамошен професионален развој и придонес во образованието и науката – вели Китановски

Која е најважната лекција што ја научивте додека бевте ученик?
Најважната лекција што ја научив додека бев ученик е дека знаењето е вредно кога го применуваме во животот, а ефективната комуникација е клучна за успешно учење, меѓусебно разбирање и почитување. Вистинскиот успех доаѓа со труд, упорност, подготвеност да учиме од грешките, но и со способноста активно да ги слушаме другите, јасно да ги изразуваме своите мисли и да ги почитуваме различните мислења.

Што е за вас добар наставник?
За мене, добар учител е оној што ги инспирира учениците самостојно да размислуваат, да истражуваат и да откриваат. Оној што ќе ви покаже каде да гледате, но нема да ви каже што да видите.

Ако можеше да се смени професија на еден ден, што би биле?
Ако би можел да ја сменам професијата на еден ден, би сакал да бидам лекар. Уште како дете сонував да станам доктор, а тој сон ме следеше и во текот на средното образование. Завршив средно медицинско училиште во Штип, на насоката физиотерапевт. Сепак, во четврта година одлучив да го променам својот професионален пат и да студирам биологија.

Која мисла ве води низ животот?
„Променете го својот пат кога е потребно, но продолжете да се движите напред“.
Не мора да докажуваме дека нашиот избор е најдобар за сите, туку да имаме храброст да го следиме сопствениот пат, со почит кон туѓите избори и уверување дека секој чекор нѐ носи поблиску до нашата цел.

По што ги паметите вашите ученици?
Учениците ги паметам по нивните насмевки, љубопитноста, искрените прашања и заедничките моменти. По постигнувањата на натпреварите, учеството во меѓународни проекти, работилниците, екскурзиите и патувањата, преку кои учиме, истражуваме и создаваме спомени. Многу повеќе по сето она што го доживуваме и создаваме заедно отколку по бодовите на тестовите и оценките во е-дневникот.

Која е најважната лекција што сте ја добиле од вашите ученици?
Зад секое дете стои приказна, која не секогаш ја гледаме и разбираме. Откако станав наставник, станав поемпатичен и посвесен за различните семејни проблеми и животни предизвици со кои се соочуваат учениците. Бидејќи понекогаш најважната лекција што можеме да им ја дадеме не е запишана во ниту еден учебник, туку се пренесува преку нашата емпатија, трпение и човечност.

А, од колегите?
Тоа е дека образованието постојано се менува, но не треба да се плашиме од промените. Од нив научив дека промените не треба да ги доживуваме како закана, туку како можност за професионален раст и усовршување.

Што би смениле во денешниот образовен систем?
Би вовел повеќе практична настава, подобро опремени училишни кабинети и повеќе можности за искуствено учење, преку кое учениците ќе можат да го видат и да го применат во практика теоретското знаење. Исто така, би ставил поголем акцент на проблемските прашања и развивањето на аналитичкото и критичкото размислување наместо наставата да се темели претежно на меморирање факти.

Што ви е најважно да им пренесете на учениците?
Дека знаењето не е само она што ќе го запомнат од учебниците туку она што ќе умеат да го разберат, да го применат и да го искористат во животот. Но, пред сѐ, сакам да пораснат во луѓе со емпатија, почит, одговорност и разбирање за другите, затоа што не е доволно да бидеме успешни во она што го работиме, важно е и какви луѓе ќе станеме.