Две диоптрии и две различни прогнози за глобалните економски состојби во наредната година

1: Истражување на „Ројтерс“ меѓу повеќе од петстотини економисти за инфлацијата во наредниот период

  • Истражување на „Ројтерс“ меѓу повеќе од 500 економисти предупредува на продолжен раст на цените во 2027 година. Поскапата енергија
    повторно ги тестира централните банки, а притисокот се чувствува и во Европа

Инфлацијата повторно станува една од најголемите закани за светската економија. Иако по претходниот глобален ценовен шок многу земји очекуваа постепено враќање кон постабилни цени, новото истражување на „Ројтерс“ меѓу повеќе од 500 економисти покажува дека надежите за брзо смирување на инфлацијата сè повеќе се оддалечуваат. Главниот фактор е новиот енергетски шок предизвикан од војната на Блискиот Исток. Нафтата поскапува, неизвесноста околу снабдувањето расте, а последиците постепено се пренесуваат врз транспортот, производството и секојдневните трошоци на домаќинствата. Според анкетата спроведена во октомври, економистите ги зголемиле прогнозите за инфлацијата во 2027 година за 31 од вкупно 50 анализирани економии. Истовремено, очекувањата за економскиот раст се подобрени за 23 земји, што укажува на поинаква слика од претходните сценарија во кои високата инфлација одеше заедно со слабеење на економската активност. Сепак, повисокиот раст не значи и полесен живот за граѓаните. Цените на суровата нафта остануваат над 100 долари за барел, а во октомври достигнаа и над 117 долари. Во споредба со почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран, поскапувањето надминува 60 проценти.

– Сè повеќе сум загрижена за инфлацијата – предупредува Џенет Хенри, главна глобална економистка на ХСБЦ (Hongkong and Shanghai Banking Corporation), која е една од најголемите и највлијателни меѓународни банкарски и финансиски групации во светот. Станува збор за британска мултинационална банкарска групација, со седиште во Лондон, основана во 1865 година во Хонгконг. Нејзината оцена ја одразува загриженоста дека подолготрајниот конфликт и ширењето на ценовните притисоци можат да доведат не само до повисока туку и до потрајна инфлација.
Особено загрижува тоа што поскапувањето на енергентите веќе не се ограничува само на горивата. Се појавуваат знаци дека влијанието се пренесува и врз базичната инфлација, која ги исклучува најнестабилните категории цени и често се користи како показател за подолгорочните инфлациски тенденции. За централните банки тоа претставува сериозен предизвик. Ако притисокот се прошири, можно е повторно зголемување на каматните стапки, што би ги поскапило кредитите и би ги ограничило инвестициите и потрошувачката. Истовремено, светската економија покажува изненадувачка отпорност.
„Ројтерс“ прогнозира глобален раст од три проценти во 2026 година и 3,2 процента во 2027 година. Значаен придонес имаат инвестициите во вештачката интелигенција, кои надминуваат илјада милијарди долари на глобално ниво од минатата година. Но придобивките не се рамномерно распределени. Додека инвестициите во технологијата им помагаат на одредени економии да растат, домаќинствата во многу земји продолжуваат да се соочуваат со високи трошоци за живот. Еврозоната, Велика Британија и другите развиени економии се соочуваат со зголемени инфлациски ризици, а прогнозите за 2027 година се ревидирани нагоре во 15 од 21 анализирана развиена економија.
Она што може кусо да се заклучи од ова истражување е дека „светот сè уште не може да прогласи победа над инфлацијата“. Дури и ако енергетскиот шок постепено ослабне, последиците врз транспортот, производството и цените на услугите можат да продолжат да се чувствуваат подолго време.

Македонија: Увезениот притисок останува ризик

За Македонија, ваквите движења се особено значајни поради зависноста од увозот на енергенти и изложеноста на промените на цените на европските пазари. Поскапата нафта и гасот можат да ги зголемат трошоците за транспорт и производство, а потоа да се прелеат и врз цените на храната и другите производи.
Меѓународниот монетарен фонд во октомвриските прогнози очекува просечна инфлација од четири проценти во 2026 година и 4,5 проценти во 2027 година. Тоа укажува дека инфлацискиот притисок кај нас може да остане значителен и во следната година. Сепак, конечниот ефект ќе зависи од движењето на светските цени на енергентите, курсните услови, домашната побарувачка и мерките на економската политика. Е.Р.


Македонија меѓу светските потреси и домашната ценовна реалност

За Македонија, овие прогнози имаат особена тежина. Како мала и отворена економија, со значителна зависност од увозот на енергенти, суровини и прехранбени производи, земјата тешко може да остане имуна на глобалните ценовни движења. Секое поскапување на нафтата се прелева врз транспортните и логистичките трошоци, а преку нив и врз цените на производите и услугите. Поскапувањето на житото, ѓубривата и земјоделските суровини, пак, создава дополнителен притисок врз домашното производство и трговијата со храна.
– Најголемиот ризик е повторувањето на добро познатото сценарио, а тоа е увезена инфлација, повисоки влезни цени за стопанските субјекти, а за граѓаните намалена куповна моќ и притисок врз животниот стандард. Треба да се истакне дека иако се прават вонредно напорни домашни економски политики за амортизирање на споменатите удари на глобален план, кој исклучително силно погодуваат локално, односно малите економии, мерките на надлежните во нашата држава имаат ограничен простор за влијание врз причините што доаѓаат однадвор, но имаат значителна одговорност во ублажувањето на нивните последици. Затоа, клучното прашање не е само колку ќе поскапи нафтата или храната на светските берзи, туку колку брзо и колку силно тие движења ќе се пренесат врз домашните цени. Имам впечаток дека Владата, Народната банка и економските институции, сепак внимателно ги следат овие процеси, особено во делот на инфлацијата, буџетските расходи и заштитата на најранливите категории граѓани – вели нашиот соговорник, економски експерт со кого разговаравме заради анализа на најновиот извештај на Светската банка. Е.Р.


2: Извештајот на Светска банка од 28 октомври 2026 година

Светот во 2027 година влегува во економска извесност

 

  • Прогнозите за следната 2027 година изгледаат малку поохрабрувачки. Светската банка (СБ) очекува вкупните цени на суровините во
    2027 година да се намалат за околу седум проценти. Енергетските пазари би требало да се стабилизираат, цените на металите да се намалат за околу три проценти, а цените на ѓубривата да се вратат на нивото од 2025 година

Светската банка (СБ) предупредува дека до крајот на годината ќе има нов ценовен бран, енергетски шокови и закана за глобалната прехранбена сигурност. Иако за 2027 година се најавува извесно смирување на пазарите, опасноста од нова инфлациска спирала останува. За малите и увозно зависни економии, меѓу кои е и македонската, ова не е само светска статистика туку директно предупредување за стопанството, бизнисите и семејните буџети за наредниве два месеца, но и ценовно релаксирање за наредната година.

Економијата повторно станува заложник на геополитиката

Светската економија повторно се соочува со стар, но никако надминат проблем. Имено, светските политички и воени конфликти да ги диктираат економските текови, а последиците од нив да ги чувствуваат и оние што немаат никаква улога во нивното создавање. Најновиот извештај на Светската банка (СБ) за движењето на цените на суровините испраќа сериозно предупредување. Во извештајот се вели дека 2026 година е обележана со силен раст на цените, предизвикан од истовремени потреси на енергетските, прехранбените и металните пазари, а според процените, вкупните цени на суровините во светот ќе пораснат за 23 проценти. Тоа е и дополнителен сигнал дека глобалната економија сè уште нема изградено доволно силни механизми за одбрана од надворешни шокови. Во центарот на оваа неизвесност повторно е Блискиот Исток.
– Воениот конфликт, нарушувањата на транспортните и трговските маршрути и намалените резерви на нафта создаваат притисок врз пазарите. Истовремено, продолжените воени дејствија меѓу Русија и Украина ги отежнуваат испораките на жито преку Црно Море – се вели во извештајот, а пораката на Светската банка е дека „светот не се соочува со изолиран проблем во една економска област туку со поврзана криза во која поскапата енергија ги зголемува производствените трошоци, а тие потоа се прелеваат врз храната, транспортот и речиси врз сите други сектори“.

Фото: ЕПА

Нафтата повторно станува најважниот барометар на кризата

Енергетскиот сектор е најсилно погоден. Светска банка предвидува дека цените на енергентите ќе пораснат за 32 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво од 2022 година, кога со почетокот на руско-украинската војна се предизвика голем потрес на енергетските пазари. Особено е загрижувачки падот на глобалното производство на нафта. Проекциите покажуваат намалување од 5,2 проценти, што би бил најголемиот пад во последните четири децении, ако се исклучи рецесиската 2020 година. Северноморската нафта „брент“ се очекува да има просечна цена од околу 91 долар за барел до крајот на тековнава година, наспроти 69 долари во 2025 година. Интересно е што за 2027 година се очекува одредено олеснување, со проектирана просечна цена од 79 долари за барел. Но според СБ, тоа „не значи и враќање кон евтината енергија“. Напротив, секое ново ескалирање на конфликтите може повторно да ги промени прогнозите. Ова е особено значајно затоа што нафтата не е само еден производ на светските берзи, бидејќи таа е вградена во цената на транспортот, производството, земјоделството, индустријата и услугите. Кога поскапува нафтата, поскапува и економскиот живот во целина.

Храната – уште еден фронт на инфлацискиот притисок

Можеби најзагрижувачкиот дел од извештајот на СБ се прогнозите за прехранбените производи.
– Светската банка очекува цените на прехранбените суровини да пораснат за нешто повеќе од 10 проценти до крајот на 2026 година, а во 2027 година да следува дополнителен раст од околу седум проценти. Тоа значи дека за само две години кумулативното поскапување би можело да достигне околу 18 проценти. Зад овие бројки стојат повеќе фактори. Нарушените испораки на житни култури преку Црно Море, високите трошоци за енергија, поскапите ѓубрива и климатските ризици создаваат неповолна комбинација за земјоделското производство. Особено внимание привлекува предупредувањето за силното влијание на феноменот Ел нињо, кое би можело да ги загрози приносите на одредени земјоделски култури. Доколку се совпаднат климатските непогоди, прекините во снабдувањето и новите воени ескалации, цените на храната би можеле да бидат дури 12 проценти повисоки од основното сценарио на Светската банка. Тука веќе не станува збор само за инфлација туку за прашање на прехранбена сигурност – вели економски аналитичар, наш соговорник што го анализираше новиот извештај на Светската банка.
латото и металите – инвестиција во неизвесност?!

Интересен е и развојот на пазарот на металите.

– Светската банка предвидува дека цените на основните метали до крајот на 2026 година ќе пораснат до 25 проценти, достигнувајќи нови рекордни нивоа. Алуминиумот, бакарот и калајот се меѓу металите кај кои се очекуваат особено силни ценовни движења. Причината не е само во нарушувањето на понудата. Расте и побарувачката од индустриите поврзани со обновливите извори на енергија, електричните возила и центрите за податоци. Тоа покажува дека зелената и дигиталната трансформација, и покрај своите долгорочни придобивки, создаваат нови притисоци врз пазарите на суровини. Кај благородните метали, пак, прогнозата е раст од околу 40 проценти. Геополитичката неизвесност, нестабилноста на политиките и стравот од нови кризи ги насочуваат инвеститорите кон златото како традиционално засолниште за капиталот. Според извештајот на СБ, за 2027 година се очекува извесно намалување на цените на благородните метали, но тие и натаму би останале на историски високи нивоа. Оттука, евентуалниот пад на златото не треба автоматски да се толкува како враќање кон нормалните пазарни услови – го анализира извештајот на СБ нашиот соговорник.

Во 2027 година: олеснување, но не и економска безгрижност

На прв поглед, прогнозите за следната 2027 година изгледаат охрабрувачки. Светската банка очекува вкупните цени на суровините во 2027 година да се намалат за околу седум проценти. Енергетските пазари би требало да се стабилизираат, цените на металите да се намалат за околу три проценти, а цените на ѓубривата да се вратат на нивото од 2025 година.
– Но, рака на срце, ваквото сценарио има важна ограда. Имено, тоа би било поточно ако се имплицира и претпоставува дека нема да дојде до значително влошување на воените конфликти и дополнителни прекини во глобалното снабдување. Токму затоа Светската банка предупредува дека ризиците и натаму постојат. Имено, во случај на дополнителна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток и продолжено оштетување на руската нафтена инфраструктура, цената на „брент“ во 2027 година би можела да достигне просек од 105 долари за барел. Тоа би значело дека очекуваното смирување на инфлацијата може повторно да биде одложено, а централните банки да се најдат пред непријатен избор. Или повисоки каматни стапки за ограничување на инфлацијата или попопустлива монетарна политика со ризик од дополнителен раст на цените – вели нашиот соговорник.

Светската економија сè повеќе зависи од фактори што тешко можат да се предвидат

Пошироката економска слика не остава многу простор за еуфорија. Во својот извештај за глобалните економски изгледи („Global Economic Prospects“), Светската банка предупредува дека глобалниот економски раст во 2026 година би можел да забави на 2,5 проценти, под влијание на конфликтот на Блискиот Исток и зголемените трошоци.
– За периодот 2027–2028 година се очекува постепено закрепнување, но со значителни ризици. Оттука, најважната порака од најновите процени на Светската банка е дека светската економија сè повеќе зависи од фактори што тешко можат да се предвидат, а уште потешко да се контролираат. Економските прогнози за 2027 година носат надеж за извесно стабилизирање, но не и гаранција за враќање кон предвидливоста. Намалувањето на цените на суровините ќе биде добредојдено, но нема автоматски да ги избрише последиците од претходните поскапувања. Во такви околности, државите мора да размислуваат подалеку од краткорочните интервенции. Потребни се посигурни енергетски извори, диверзификација на снабдувањето, посилно домашно земјоделско производство и поголема фискална дисциплина. Зашто, ако нешто јасно покажува најновиот извештај на Светската банка, тоа е дека економската стабилност веќе не се мери само со стапките на раст и висината на бруто-домашниот производ. Таа се мери и со способноста на една држава да обезбеди енергија, храна и пристојни услови за живот кога светот околу неа е во криза. А токму тука е и најголемиот предизвик за 2027 година. Имено, да не се помеша привременото смирување на пазарите со вистинско надминување на кризата. Бидејќи во глобалната економија, како што повторно нè потсетува Светска банка, она што денес изгледа како проблем на далечните светски берзи, утре може да стане проблем на секое семејство – анализира нашиот соговорник, економски експерт и аналитичар. Е.Р.