- Директните контакти со Кремљ од страна на северноевропски лидери, имено финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере, кои се традиционално цврсти поддржувачи на Украина, отвораат простор за основани размислувања дека во ЕУ е почната
поинаква „европска стратегија кон Кремљ“. По долг период на доминација на логиката на военоразузнавачки и логистички ангажмани на ЕУ, а сепак како последица од тоа Брисел да биде маргинализиран во врска со решавање на украинскиот спор, сè поочигледна и поизразена станува потребата на бриселските елити да не останат само „набљудувач на преговорите“ што ќе ја определат украинската, а и европската иднина
Разговорите со рускиот претседател Владимир Путин од страна на некои европски лидери, доколку се потврдат како дел од поширока дипломатска иницијатива на европските лидери, би можеле да бидат една силна индикација дека во Европа повторно се динамизира отворањето на прашањето за политички излез од војната во Украина. Во тој контекст, особено внимание привлекува улогата на финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере.
Според наши соговорници, дипломати од кариера, во врска со овие два високи европски функционери, „не станува збор за политичари што лесно можат да бидат етикетирани како приврзаници на Москва или како поборници за отстапки кон Кремљ, туку, напротив, станува збор за лидери на две северноевропски држави, цврсто вградени во НАТО, кои руската безбедносна политика ја набљудуваат од непосредна географска близина“.
Од стратегија на милитаризам кон дипломатија на интересите
Финска, која по почетокот на руската воена операција во Украина ја напушти дотогашната политика на воена неврзаност и стана членка на НАТО во 2023 година, е меѓу земјите што најдиректно ги чувствуваат последиците од променетата европска безбедносна доктрина. Норвешка, пак, со децении ја гради својата политика врз комбинација од цврсто одвраќање со внимателно одржување на неопходните канали за комуникација со Русија, особено на Арктикот.
– Токму поради таквиот карактер на политичките доктрини на овие две држави, секој сигнал дека овие земји ја сметаат директната комуникација со Москва за неопходна – има голема политичка тежина. Тоа не значи дека тие се откажуваат од поддршката за Украина, ниту дека ја прифаќаат руската воена логика. Напротив, значи дека во нивните процени расте свеста оти воената поддршка и дипломатските напори не мора да бидат меѓусебно исклучиви. Европа со години ја темелеше својата стратегија врз конфронтациски елементи, санкции, воена помош за Киев и ограничување на руското влијание. Но, колку подолго трае војната толку посериозно се наметнува прашањето за крајната политичка „добивка“ на таа стратегија – анализира нашиот соговорник, дипломат од кариера.
Најголем страв на Брисел е постигнување мир – без Брисел
Според дипломатот, „во институциите на ЕУ постои и еден помалку експониран, но стратешки исклучително важен проблем, а тоа е опасноста клучните одлуки за идниот поредок на европскиот континент да бидат донесени БЕЗ одлучувачко учество на самата Европа“.
– Доколку преговорите за Украина се претворат во процес во кој главната иницијатива ја имаат Вашингтон и Москва, Европската Унија би можела да се најде пред свршен чин. Последиците од евентуалниот договор, меѓутоа, непосредно и апсолутно ќе ја засегаат ЕУ, нејзините политики, економијата и идните односи со Русија. Затоа, можната промена на дипломатскиот пристап не треба да се толкува само како обид за смирување на тензиите. Таа може да биде и обид за враќање на европската политичка компонента во процесот, бидејќи сега Брисел е маргинализиран. Се разбира дека Брисел не би сакал да се најде во ситуација во која тој досега издвојувал големи пари за да ја води оваа прокси- војна, а на крајот да остане надвор од просторијата во која ќе се договараат мирот и условите за него. Затоа, сега Брисел чувствува дека треба да отвори простор за нова европска тактика – постепено обновување на дипломатските канали што би ѝ овозможиле на ЕУ да влијае врз условите за евентуално решение – анализира дипломатот.
Преговорите не се капитулација, туку тест за политичка зрелост
Засега, дипломатскиот контакт на двата европски лидера со Москва сам по себе не е доказ дека Брисел направил стратешки пресврт на своите политики. Но, сепак, е сигнал.
– Ако земјите што се меѓу најчувствителните кон руските потези заклучуваат дека комуникацијата со Кремљ мора да остане отворена, тогаш тоа е сигнал што европските политички центри не можат лесно да го игнорираат. Вистинското прашање, според тоа, не е дали Европа треба да разговара со Москва, туку кога и со каков мандат… Затоа што, реално, Брисел засега нема што да стави на преговарачката маса како понуда… Америка има, но Брисел е со празни раце. Тој ги потроши сите џокери досега… И се разбира, ако Брисел навистина ја преиспитува досегашната тактика, тоа ќе мора да се покаже преку координирани дипломатски иницијативи, а не само преку поединечни контакти. Европа можеби сè уште не е подготвена да прогласи нов курс. Но таа има сè повеќе причини да размислува како да премине од политика што првенствено управува со последиците од војната кон политика што ќе учествува во создавањето услови за нејзино завршување. Зашто, на крајот, најголемиот европски пораз не би бил само продолжување на војната туку и можност мирот да биде договорен без Европа – и покрај тоа што токму Европа ќе мора да живее со неговите последици – вели нашиот ценет соговорник, дипломат од кариера. Р.С.
































