Фото: Приватна Архива

Став

  • Повод: Текстот во „Трибуна“ — „ВМРО – 133 години непокор на македонските Бугари“

Доне Прентоски, соработник на „Нова Македонија“ од Германија

Текстот објавен во „Трибуна“, посветен на 133-годишнината од основањето на ВМРО, отвора противречност што веќе на сите долго време ни е јасно дека не може да се разреши ниту со таксативно набројување на историските факти од историските архиви (веродостојни документи и од нашите и од бугарските архиви) , ниту, од друга страна, со наметнато прогласување на бугарскиот национален наратив од страна на Софија, за „единствено можно и однапред утврдено толкување на минатото”. Проблемот не е во тоа што бугарската историографија има сопствено толкување на историските процеси. Проблемот настанува тогаш кога тоа бугарско толкување се претставува како неспорна вистина, а секоја можност за поинакво разбирање на македонското национално прашање се исклучува уште пред да биде разгледана. Авторот на текстот, од една страна, зборува за бугарскиот народ, неговата националноослободителна борба и создавањето на бугарската држава, а од друга страна, говори за македонскиот народ, неговата борба за слобода, политичко самоопределување и признавање на човековите права. Но кога доаѓа до прашањето за националниот идентитет на основачите и дејците на македонската револуционерна организација, расправата ја затвора со формулата „македонски Бугари“. (?!)

Токму тука се открива суштинската слабост на неговата аргументација. Ако авторот прави разлика меѓу бугарската националноослободителна борба и македонската револуционерна борба, тогаш мора да објасни врз кои критериуми ја заснова таа разлика и зошто тие критериуми ги применува различно кога станува збор за националниот идентитет на учесниците во двата историски процеса. Имено, ако бугарската ослободителна борба се претставува како израз на националните стремежи на еден народ, а македонската револуционерна борба се разгледува како посебен историски процес со сопствени политички цели и специфичен општествен контекст, тогаш не може, без дополнителни аргументи и историска анализа, идентитетот на македонските револуционери однапред да се прогласи за исклучиво бугарски, како со тоа да е разрешено и самото македонско национално прашање. Заедничката борба против Османлиското Царство, влијанието на бугарското ослободително движење, образованието, културните врски или познавањето на бугарската револуционерна литература се релевантни историски околности. Но ниту една од нив, земена изолирано, не е доволна за автоматски да се утврди националниот идентитет на сите учесници во македонското револуционерно движење, ниту да се исклучи можноста за посебен македонски национален идентитет. Историското влијание не е исто што и националниот идентитет. Политичката соработка не е исто што и националната истоветност. А заедничката борба против еден непријател не значи нужно дека сите што учествувале во неа имале идентична национална свест или истоветни претстави за политичката иднина на Македонија. Оттука произлегува прашањето на кое авторот не може да одговори само со повторување на формулата „македонски Бугари“: Зошто бугарската ослободителна борба ја претставува како национална борба на еден народ, додека македонската револуционерна борба ја сведува на дејствување на луѓе чиј национален идентитет однапред го дефинира како бугарски? Ако националниот идентитет се утврдува преку историски извори, политички идеи, конкретни цели, институционални дејствувања и контекстот во кој се формирале националните движења, тогаш тие критериуми мора да се применуваат доследно. Не е методолошки оправдано на едната страна да ѝ се признава право на национална историја, а на другата да ѝ се негира можноста за сопствено национално толкување уште пред да бидат разгледани сите релевантни докази. Токму во оваа недоследност се наоѓа јадрото на проблемот. Авторот не може истовремено да ја нагласува посебноста на македонската револуционерна борба како историски процес, а потоа да ја затвори расправата за националниот идентитет на нејзините учесници со однапред зададена национална квалификација, без да покаже дека таа квалификација произлегува од целосна и критичка анализа на историските извори. Со тоа не се докажува автоматски дека сите македонски револуционери имале ист национален идентитет, ниту дека историските врски со бугарското национално движење биле без значење. Се докажува нешто поинакво, но суштински важно, а тоа е дека формулата „македонски Бугари“ сама по себе не е аргумент, туку теза што допрва треба да се докаже за конкретните историски личности, периоди и околности. Затоа, вистинскиот интелектуален предизвик не е да се наметне едно национално толкување како конечна пресуда над историјата, туку да се утврди дали тоа толкување може да ги издржи истите критериуми на критичка анализа што ги бараме од секое сериозно историско толкување. Кога тие критериуми се применуваат селективно, не добиваме разрешување на историската сложеност, туку нејзино потчинување на однапред донесен заклучок. Историјата не се толкува доследно кога на едниот народ му се признава право на национална борба, а на другиот однапред му се одредува националниот идентитет. Таа се толкува доследно само тогаш кога истите стандарди на докажување важат за сите.

„Македонски Бугари“: Историска ознака или средство за национално присвојување?

Формулацијата „македонски Бугари“ не смее да се третира како невина географска одредница, особено кога со неа се опишуваат основачите на организација што го носи името македонска и чија политичка дејност е нераскинливо поврзана со иднината на Македонија.

Секако, свесен сум дека постоеле историски личности од Македонија кои се самоопределувале како Бугари. Нивните лични изјави, политички убедувања и историски сведоштва мора да се истражуваат сериозно, без премолчување и без насилно приспособување кон денешните национални претстави. Но од фактот дека одредени личности се идентификувале како Бугари НЕ произлегува дека СИТЕ жители на Македонија имале ист идентитет, дека македонската национална свест не постоела или дека македонското револуционерно движење може целосно да се сведе на бугарски национален проект!

Тука е разликата меѓу признавањето на историското постоење на “македонски Бугари” и политичката употреба на таа ознака за присвојување на целокупната македонска револуционерна традиција.

Првото е прашање на историска фактографија, а второто е прашање на национален наратив. А за бугарскиот наратив, доволно е образованието, јазичната средина или политичките контакти на основачите на ВМРО и да си извлечат, (вклучително и авторот во Трибуна) генерализиран заклучок за национален идентитет на основачите на ВМРО, како и за идентитетот на целото население на Македонија!?

Се разбира дека таквиот нивни заклучок е далеку од вистината, фактите и историографијата. Уште помалку е оправдано од идентитетот на одделни револуционери да се извлече право на исклучиво национално толкување на нивното историско наследство. Но, секоја нација има право на креирање на свој национален наратив. А, агресивното присвојување на друг наратив со елементи на национална, јазична, културна и историска деноминација врз македонскиот народ, тоа веќе не доаѓа в предвид!

Ако бугарската борба е бугарска, зошто македонската да не биде македонска?

Авторот експлицитно во текстот наведува дека основачите биле инспирирани од „херојската борба на бугарскиот народ и формирањето на бугарската држава“. Тоа е значајно сведоштво за влијанието што бугарското ослободително движење можело да го има врз политичките идеи на македонските револуционери. Но инспирацијата не е исто што и националната припадност!

Македонските револуционери можеле да учат и од бугарското, и од српското и другите балкански ослободителни движења, без тоа да значи дека нивната политичка цел морала да биде создавање бугарска или српска држава. Историските движења не постојат во вакуум. Тие разменуваат идеи, преземаат организациски модели, читаат исти книги и се соочуваат со слични политички околности. Но од тоа не произлегува дека имаат идентични национални цели. Токму затоа е важно да се анализира и програмата на Македонската револуционерна организација. Основана во Солун во 1893 година, таа го поставила прашањето за политичката иднина на Македонија и Одринско во услови на османлиска власт. Автономијата на овие области била централен програмски принцип на раното движење, иако нејзиното значење и крајната политичка цел различно се толкувале низ времето и меѓу одделните револуционерни струи. Автономијата не е автоматски доказ за однапред оформена независна национална држава во модерна смисла. Но таа е политичко прашање што бара сопствена анализа, а не смее однапред да се прогласи за обичен инструмент на туѓ национален проект. Ако бугарската борба за бугарска држава е претставена како израз на бугарски национални интереси, тогаш мора да се дозволи и критичко испитување на автономистичката програма на македонското револуционерно движење како израз на специфичните политички потреби и интереси на Македонците за Македонија. Во спротивно, се применуваат двојни стандарди. Имено, бугарската револуционерна историја се толкува преку сопствената национална перспектива, а македонската преку националната перспектива на соседот!? Па, не оди тоа така, во ниеден објективен интелектуален резон.

Македонија не е само географија

Во текстот се употребува изразот „географска Македонија“, како просторот во кој “се развива македонското/бугарското општество” да е доволен за објаснување на историската припадност на неговите жители.

Македонија не е само географска област. Таа е историски простор во кој со векови се развивале општествени, културни, јазични и политички процеси, а нејзиното население било изложено на различни влијанија и национални идеологии. Македонската национална свест не може да се објасни само преку една организација, една генерација револуционери или една национална определба. Таа има сопствен историски развој, кој мора да се разгледува преку повеќе извори, личности, идеи и општествени процеси.

Книгата на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“, објавена во 1903 година, е еден од клучните документи во развојот на модерната македонска национална мисла и идејата за посебен македонски литературен јазик. Нејзиното постоење покажува дека прашањето за македонската национална и јазична посебност било предмет на артикулирана интелектуална и политичка расправа уште пред официјалната кодификација на македонскиот литературен јазик во 1945 година. Ова не значи дека секој македонски револуционер од крајот на XIX век имал идентични национални ставови со Мисирков. Тоа би било историски неодржливо. Но секако значи дека македонскиот национален идентитет има сопствена историја на развој и не може да биде избришан со генерализација за националната припадност на неколкумина основачи на ВМРО. Територијата на Македонија е поширока од границите на денешната македонска држава. Македонската национална историја, култура и јазична традиција не се ограничуваат на современите државни граници, ниту може да се сведат на политичките поделби што ги претрпел регионот. Затоа, кога зборуваме за македонскиот народ, зборуваме за национална заедница со сопствен историски развој, а не само за население што живее на определена географска територија, а уште помалку за население што живее во само во Република Македонија, сега со дадена географска одредница. Македонскиот народ живее многу пошироко и тој субстрат е насекаде во светот и треба да се третира интегрално.

Автономија, самоопределување и државност

Најсериозниот проблем во авторовото толкување е што македонскиот народ го споменува како носител на борбата за слобода, но не ја разгледува доволно политичката содржина на таа борба. Слободата на еден народ не е само ослободување од туѓа власт. Таа го отвора и прашањето кој ќе одлучува за неговата политичка иднина, како ќе бидат уредени неговите институции и каков статус ќе има територијата на која живее Во историскиот контекст на крајот на XIX век, автономијата на Македонија била едно од централните решенија што се појавувале во програмите на револуционерното движење, што се разбира автоматски не се изедначува со нешто повисокиот степен на државна организација како што е „независна држава”, но не смее ниту да се толкува како „неважна епизода во историјата на бугарското национално ослободување”.

Автономна Македонија би подразбирала посебно политичко уредување на Македонија, иако конкретниот модел, неговите граници и односот кон османлиската власт зависеле од историскиот момент и од политичката струја што го застапувала. Затоа, аргументот дека македонската револуционерна борба била инспирирана од бугарската борба не одговара на прашањето за нејзината сопствена политичка програма. Инспирацијата објаснува од каде можеле да дојдат дел од идеите; таа не ја заменува анализата на тоа за што се борела Организацијата. Исто така, меѓународното право не дозволува автоматски да се заклучи дека секое споменување на народ подразбира право на независна држава во конкретен историски момент. Правото на самоопределување има различни форми на остварување. Но тоа не ја намалува важноста на прашањето за политичката самостојност на македонската посебност и засебност на заедницата и за нејзиното право да ја определува сопствената иднина.

Кој ја фалсификува историјата?

Особено проблематична е завршната квалификација на авторот, кој зборува за „современите фалсификатори на македонската историја“. Таквото обвинување од страна на интелектуалец, бара конкретни докази.

Историски документ не станува фалсификат само затоа што не се вклопува во нечиј национален наратив. Исто така, историска теза не станува вистинита само затоа што авторот ја претставува како одбрана од фалсификувањето. Ако некој тврди дека основачите на ВМРО биле национално Бугари, треба да ги покаже изворите, да ги разгледа нивните меѓусебни разлики и да објасни како тие се вклопуваат во програмските цели на Организацијата. Очигледно авторот нема веродостојни извори за своето тврдење.

Македонската национална свест се развивала како посебен историски процес, и за тоа има длабока поткрепа и во бугарските архиви, отворени и затворени, и тоа авторот многу добро го знае, бидејќи и самиот читал документи, јазични извори, политички програми и сведоштва… И една работа мора да биде јасна: Еве и хипотетички, постоењето на „македонски Бугари” во одредени историски контексти НЕ ја поништува посебноста на македонскиот народ. Воедно, мала сугестија за размислување за автотот во Трибуна…

Имено, признавањето на македонскиот национален идентитет не бара негирање на фактот дека дел од македонските револуционери се идентификувале како Бугари, нит негирање дека голем дел се идентификувале токму како Македонци ( НЕ- Бугари!), и во еден таков контекст, историјата може да ги прифати двете појави без да ги претвора во доказ за национална идентичност! Затоа, Ве молам, НЕМОЈТЕ деноминација, Не денационализација, Не хегемонија, Не шовинизам…

Вистинското прашање не е дали постоеле луѓе од Македонија кои се чувствувале Бугари.  Вистинското прашање е зошто лично декларираниот идентитет на поединци дека се Бугари, треба да се претвори во исклучиво толкување и генерализација на целокупната македонска револуционерна борба!? Па дури да се генерализира таквото тврдење дека се однесува на една цела друга и различна етничка група, народ – македонскиот?!

Тоа е интелектуално неодржливо, доколку се смета авторот за интелектуалец, а не за платен пропагандист.

Допирните точки на националните истории не значат заедничка историја, а уште помалку значат ист национален идентитет

Текстот во „Трибуна“ сака да ја истакне улогата на основачите на ВМРО, но притоа создава впечаток дека македонската револуционерна историја може најдобро да се разбере преку бугарската национална припадност на нејзините актери. Тоа е неговата суштинска противречност. Ако авторот признава македонски народ, македонска борба за слобода и посебно политичко прашање на Македонија, тогаш мора да биде подготвен да ја разгледа и можноста македонскиот народ да има сопствен национален идентитет, различен од бугарскиот. Ако, пак, смета дека сите овие појави се само регионални изрази на бугарската национална историја, тогаш тоа е интелектуално и научно преплитко, и повеќе пропагандистички со претпоставки и етикетирања како што е „македонски Бугари“ за основачите на ВМРО. Ниту историските влијанија, ниту политичките сојузништва, ниту националните определби на одделни личности не можат да бидат замена за материјалниот доказ. Македонската борба за автономија и слобода се анализира во сопствениот историски контекст, со сите нејзини противречности, различни струи и развојни фази. Нејзиното значење не може да се извитоперува со тврдењето дека нејзините основачи биле „македонски Бугари“, ниту може да се одземе од македонската национална историја само затоа што дел од нивните политички идеи биле под влијание на бугарското ослободително движење. Македонците не ги негираат историските допирни точки со Бугарите, ниту со Србите, ниту со Грците или Власите или Албанците… или одредени испреплетени настани во регионот за да ја бранат сопствената национална посебност. Но исто така, никој не може легитимно да бара од македонскиот народ да ја прифати туѓата национална интерпретација како единствена вистина за сопственото минато. Ама непобитен факт е дека Македонците НИКОГАШ не биле на погрешната страна на историјата! НИКОЈПАТ!. И тоа НИКОЈ не може да ни го одземе, ниту негира!

Затоа, 133 години по основањето на ВМРО, прашањето не треба да биде чија сопственост се основачите, туку како нивната организација, нејзините програмски цели и историското наследство да се разберат без национални поедноставувања и присвојувања.

Македонската револуционерна традиција може да се проучува во контекст на бугарската, српската и пошироката балканска историја, но не мора да биде сведена на ниту една од нив. Заедничките допирни точки на некои личности и настани не значи ист национален идентитет, а историското влијание не е доказ за национална припадност. Македонија не е само географска одредница во туѓа национална историја; таа е простор на сопствена политичка, културна и национална историја, со повеќеслојност, како и впрочем сите национални истории на балканските народи.