Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп најави обемно истражување на нафта, гас и минерални ресурси на Гренланд, нарекувајќи го островот „нашиот нов и прекрасен Гренланд“.

-Обемно истражување на нафта, гас и минерали се подготвува за почеток на нашиот нов и прекрасен Гренланд! – напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушл“.

Тој се повика на експерти кои, според неговите наводи, тврдат дека Гренланд располага со многу поголеми количества лесно достапна нафта отколку речиси кое било друго копно во светот.

Трамп оцени дека островот има исклучително значење за безбедноста на САД и Европа, како во одбранбена, така и во офанзивна смисла. Според него, евентуален иден напад врз САД би морал да помине преку Гренланд, каде што американските одбранбени системи би можеле да неутрализираат беспилотни летала, ракети и други видови оружје.

Американскиот претседател истакна дека присуството на САД на островот овозможува стратешки увид во временските услови, локацијата и видното поле, што, според него, не може да се постигне на ист начин на друго место во светот.

Во меѓувреме, САД, Данска и Гренланд, автономна територија во рамките на Кралството Данска, на 22 септември во Њујорк потпишаа безбедносен договор. Со него се предвидува проширување на постојната американска база на островот и изградба на две нови воени бази.

Според американската страна, договорот е траен, нема рок на истекување и не може еднострано да биде раскинат. Данските власти и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, оценија дека биле почитувани нивните „црвени линии“ и дека договорот придонесува за зајакнување на безбедноста на Арктикот и во регионот на Северниот Атлантик.