Со изведување докази предложени од одбраната, денеска во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје треба да продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пренесе МИА.
На претходното рочиште, Обвинителството вкрстено го испрашуваше вештакот Петре Русески, кој изработил градежно вештачење за одбраната. Тој остана на ставот дека, од градежен аспект, објектот не претрпел реконструкција ниту пренамена, туку дека станувало збор исклучиво за ентериерно уредување.
Според Русески, објектот од почетокот бил проектиран и изведен за деловна намена, поради што, согласно Законот за градење, ја задржал истата категорија и по приспособувањето во дискотека.
За време на вкрстеното испрашување, Обвинителството ја доведе во прашање стручноста и кредибилитетот на вештакот, поставувајќи прашања за неговото образование и познавањето на Законот за градење. Одбраната реагираше со приговори, барајќи прашањата да се однесуваат на суштината на наодот и на аргументите со кои тој би можел да се оспори.
Одбраната најави дека, доколку се утврдат несовпаѓања меѓу вештите наоди на Обвинителството и на одбраната, ќе побара супервештачење.
Родителите на загинатите во пожарот реагираа на обидот со градежното вештачење на одбраната да се оспори поширокиот наод на Обвинителството. Тие посочија дека вештакот Русески се изјаснува само за градежниот аспект и дека неговата стручност не ги опфаќа сите области опфатени со обвинителското вештачење.
-Вештачењето на Обвинителството не го опфаќа само градежниот аспект, туку повеќе области – урбанизам, градежништво, ДЗС, противпожарна заштита и други прашања поврзани со случајот – изјави Александар Наунов.
Тој додаде дека мислењето на вештакот на одбраната треба да се оценува во рамките на неговата стручна компетентност, а судот треба да утврди дали постојат суштински и неразрешливи противречности меѓу вештачењата што би ја оправдале потребата од супервештачење.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

































