Фото: ЕПА

ТЕНИС – НОВАК ЃОКОВИЌ ЈА ОСВОИ 102. ТИТУЛА ВО КАРИЕРАТА

Србинот Новак Ѓоковиќ (39) ја освои 102. титула во својата импресивна кариера (најмногу во 2015, вкупно 11 и во 2011, една помалку), откако Австралиецот Алекс де Минор се повлече поради повреда во финалето на турнирот „Кина опен“ и со тоа стана најстариот тенисер што освоил АТП-титула. Ѓоковиќ водеше против Де Минор со 7-6 (7-3), 0-1, кога Австралиецот беше принуден да се откаже поради повреда на левата нога. Со оваа победа, Ѓоковиќ се враќа и меѓу најдобрите 10 тенисери во светот. Ова е 21. година по ред како Ѓоковиќ освојува барем една титула во поединечна конкуренција, пишува „Би-би-си“. Само Американецот Џими Конорс (109 трофеи) и Швајцарецот Роже Федерер (103) имаат освоено повеќе титули во поединечна конкуренција во своите кариери од Ѓоковиќ, кој има серија од 34 победи на „Кина опен“, каде што досега седум пати го освоил трофејот и не загубил ниту еден меч.
– Секогаш имам високи очекувања и сакам да се замислам со трофејот, но особено овде во Пекинг, местото каде што никогаш не сум загубил. Овој трофеј значи многу повеќе од само еден трофеј или еден турнир – изјави Ѓоковиќ, пренесе „Би-би-си“.
Освојувачот на 24 гранслем-титули настапи во своето второ финале годинава, откако во јануари загуби во финалето на Австралија опен од Карлос Алкараз.
– Оваа година беше мошне предизвикувачка за мене, со многу подеми и падови, како и физички и здравствени проблеми, па едноставно се обидував да најдам добро чувство на теренот. Знам дека кога се чувствувам добро и добро го удирам топчето, уште можам да се натпреварувам на највисоко ниво. Оваа недела беше доказ за тоа. Многу сум горд – рече Ѓоковиќ, пренесе „Би-би-си“. Г.И.