Марта Кос / Фото: ЕПА

Денеска сме тука да работиме за подобри врски за луѓето од утрешнината, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос по пристигнувањето на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8 во Софија, пренесе БГНЕС.

Кос истакна дека Бугарија претставува порта кон Европа за регионот на Црното Море и Турција, додека Западен Балкан има значајна улога во поврзувањето на регионот.

Таа посочи дека во регионот во моментов се реализираат повеќе од 130 проекти, меѓу кои изградба на патишта и железници, како и унапредување на граничните премини.

 – Но, мојата визија како комесарка за проширување оди многу подалеку. Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа – рече Кос.

Според неа, со интеграцијата на регионот во ЕУ, граничните премини и транспортните врски за кои денес се разговара ќе имаат поинакво значење.

 – Ќе бидеме една Европа – Европа што работи заедно. Тоа е визијата кон која работиме во Брисел, тука во Софија, на Западен Балкан и, секако, во земјите-членки – додаде европската комесарка.