Сигурноста во снабдувањето со електрична енергија, природен гас и нафта, како и координацијата на инфраструктурните проекти за зајакнување на енергетските системи, се во фокусот на вториот министерски самит за енергетика што денеска се одржува во Белград.
На самитот учествуваат делегации од Македонија, Србија, Бугарија и Грција, предводени од ресорните министри Сања Божиновска, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, Ива Петрова и Ставрос Папаставру.
Меѓу клучните теми е развојот на регионалната гасна инфраструктура. Министрите разговараат за искористувањето на гасниот интерконектор Бугарија–Србија, развојот на Вертикалниот гасен коридор и пристапот на Србија и Македонија до капацитетите за течен природен гас (ЛНГ) во Грција, при што Александруполис би имал улога на регионална влезна точка.
На дневен ред се и координацијата меѓу операторите на преносните системи, заедничките механизми во случај на криза со снабдувањето со гас, како и идното планирање на гасната инфраструктура со можност за користење водород и обновливи гасови.
Министрите ќе разговараат и за можноста за заедничка или координирана набавка на природен гас, со цел да се зголеми сигурноста на снабдувањето во регионот.
Една од темите е и потенцијалната рута за југоисточен нафтен хаб долж коридорот Солун–Скопје–Ниш, како и можноста Србија преку Македонија да се поврзе со енергетската инфраструктура и пристаништето во Солун.
Во рамките на состанокот се очекува министрите да разменат информации и за достапноста на енергијата во претстојната зимска сезона, можностите за прекугранична размена на електрична енергија и подготвеноста на преносните системи.
Ќе се разговара и за планираните проекти за обновлива енергија, развојот на преносната мрежа и складирањето енергија, вклучително и батериски системи и реверзибилни хидроелектрани.
На дневен ред се и проблемите со високиот напон во регионалната електропреносна мрежа, меѓу кои е и најавеното инсталирање компензатор во трансформаторската станица „Врање 4“ до крајот на годината. Ќе се разгледаат и високите нивоа на оптоварување на регионалната преносна мрежа регистрирани на 12 септември.
Белградскиот самит има за цел да ги дефинира конкретните чекори за продлабочување на регионалната енергетска соработка, забрзување на инфраструктурните проекти и зголемување на отпорноста на енергетските системи.































