Брисел и европската подвижна цел

  • Проблемот не е што Брисел поставува услови. Секоја сериозна политичка и економска заедница има право да поставува услови. Проблемот е кога условите престануваат да бидат јасни правила и стануваат подвижна цел
  • На Македонија ѝ се бараат реформи, но ѝ се поставува и услов што произлегува од чувствителен билатерален и политички контекст. Тоа е суштинската точка на спорот. Кога европската интеграција ќе почне да зависи од прашања што ги надминуваат класичните критериуми за институционална и демократска подготвеност, тогаш Брисел има обврска да објасни каде завршува европската условеност, а каде започнува билатералната, спорна политика

Европската Унија сака да ни објасни дека проширувањето е процес заснован на заслуги. На хартија, тоа звучи беспрекорно. Реформи, владеење на правото, демократија, функционални институции, усогласување со европските стандарди – исполнете ги критериумите и движете се кон членството.
Само што Македонија веќе две децении учи дека меѓу европските правила на хартија и европската политика во практика постои една голема празнина. Проблемот не е што Брисел поставува услови. Секоја сериозна политичка и економска заедница има право да поставува услови. Проблемот е кога условите престануваат да бидат јасни правила и стануваат подвижна цел.
Македонија е кандидат од 2005 година. Со години добиваше препораки за почеток на преговорите. Кога преговорите конечно беа формално отворени во 2022 година, пред земјата се појави нов услов – уставни измени поврзани со заклучоците на Советот на ЕУ. Сега токму тој услов стои како политичка рампа пред отворањето на првиот кластер. И тука започнува суштинското прашање. Имено, ако Македонија го исполни условот, што точно следува? Не општа европска фраза. Не „ќе видиме“. Не нова политичка формула. Туку конкретен одговор.
Затоа што која било земја, па и Македонија, може да прифати тежок компромис ако знае што добива за возврат. Граѓаните можат да поднесат болни реформи ако знаат дека реформите имаат мерлив резултат. Политичка власт може да бара тешки одлуки ако може чесно да им каже на граѓаните: ова е условот, ова е рокот, ова е следниот чекор. Но ако по секоја исполнета задача следува нова задача, тогаш интеграцијата престанува да биде патоказ и станува бесконечен испит. Токму затоа македонскиот случај е непријатен за европските либерални политички елити. Не затоа што Македонија е безгрешна. И не затоа што сите европски критики кон Скопје се неосновани. Туку затоа што европскиот кредибилитет се мери не само според тоа колку услови може да постави кон кандидатот, туку и според тоа колку доследно самата ЕУ ги применува своите правила. А тука Брисел има сериозен проблем.

Кога за едни кандидати се отвораат нови политички и временски перспективи, додека други остануваат во неопределеност, неизбежно се поставува прашањето дали станува збор само за техничка разлика во напредокот или и за нова политичка архитектура во која критериумите се толку еластични што можат да се истегнуваат според моменталниот интерес. Црна Гора и Албанија имаат поинаква преговарачка динамика. Украина и Молдавија имаат и специфична геополитичка тежина. Тоа се факти што не може да се игнорираат. Но токму затоа Брисел мора да биде уште попрецизен, а не помалку прецизен. Европа не може истовремено да бара од кандидатите да веруваат во меритократијата и да остава впечаток дека политичкиот контекст може да ја промени вредноста на истиот европски напор.
На Македонија ѝ се бараат реформи, но ѝ се поставува и услов што произлегува од чувствителен билатерален и политички контекст. Тоа е суштинската точка на спорот. Кога европската интеграција ќе почне да зависи од прашања што ги надминуваат класичните критериуми за институционална и демократска подготвеност, тогаш Брисел има обврска да објасни каде завршува европската условеност, а каде започнува билатералната, спорна политика.
Во спротивно, европскиот процес станува асиметричен. Брисел ги утврдува правилата, Брисел го толкува нивното значење, Брисел одредува кога се исполнети и Брисел одлучува кога следува следниот чекор. Кадија те тужи, кадија те суди… Таков процес тешко може да биде убедлив како процес заснован на предвидливи заслуги. И тука е најголемиот проблем. Не е најстрашно што Македонија чека. Најстрашно е што не знае што чека и колку треба да чека за непознатото?! Европската интеграција без временски хоризонт лесно се претвора во политичка чекалница. А чекалницата, кога трае со децении, произведува замор, недоверба и скепса. Брисел може да каже дека Македонија сама го знае условот. Но Македонија има право да праша.

Што точно ќе добиеме кога ќе го исполниме? Која Европа, каква Европа, каков статус во Европа, која европска лига? Ако одговорот е „следниот чекор“, тогаш нека биде јасно дефиниран. Ако следуваат нови услови, нека бидат однапред познати. Ако напредокот зависи од реформите, нека има мерливи реформски индикатори. Ако зависи од билатералните односи, тогаш и тоа треба отворено да се каже. Она што Европа не смее да го прави е од критериумите да создава еластична политичка гума. Зашто тогаш проблемот веќе не е (само) Македонија (реформите). Тогаш проблемот е кредибилитетот на самата европска политика на проширување. Европа не може од кандидатите да бара стабилни правила, а самата да остава впечаток на променлива цел. Не може да бара долгорочни компромиси од малите држави, а истовремено да им нуди краткорочни и променливи политички хоризонти. И не може да очекува граѓаните бесконечно да веруваат во процес во кој целта постојано се поместува.
Македонија не бара членство без исполнети услови. Бара нешто многу поедноставно. Македонија бара истите правила да значат исто за сите, а исполнетиот услов да произведува предвидлив политички резултат. Тоа не е уцена кон Европа. Тоа е минимумот на демократската логика. Зашто ако правилата постојано се менуваат, тогаш не се интегрира кандидатот во систем на правила. Кандидатот се интегрира во систем на политички одлуки. А тоа се две сосема различни работи. И токму затоа Македонија денес не треба да прашува само кога ќе влезе во Европската Унија. Треба да праша нешто многу посуштинско: Каде е целта, ако Брисел постојано ја преместува?