Фото: ЕПА

Големите поплави што зафатија делови од Бангкок предизвикаа сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај, соопштија денеска властите во главниот град на Тајланд, пишува „Лос Анџелес Тајмс“.

Авиокомпанијата „Тај ервејс“ најави дека до утре ќе откаже повеќе од десет летови. Погодени се и домашни и меѓународни линии.

Иако двата главни аеродроми во Бангкок – „Суварнабхуми“ и „Дон Муанг“ – остануваат отворени, патниците се предупредени да очекуваат значителни доцнења поради последиците од поплавите.

Тајландската Агенција за цивилно воздухопловство (CAAT) ги повика патниците пред да тргнат кон аеродромите да ја проверат состојбата на својот лет и да предвидат дополнително време за патување.

Особено погоден е „Суварнабхуми“, каде што поплавите го отежнаа пристигнувањето на дел од персоналот на работните места. „Тај ервејс“, со поддршка од војската, ангажираше дополнителен персонал за сортирање и доставување на багажот.

Бангкок се соочува со последиците од неколкудневните обилни врнежи. Според податоците на градските власти, поплавите погодиле околу 329.000 домаќинства, односно приближно 700.000 луѓе во различни делови од градот.

На национално ниво, поплавите погодиле повеќе од 576.000 домаќинства, со околу 1,79 милиони жители, соопштија официјалните лица.

Според досегашните податоци на властите, од средината на септември најмалку осум лица ги загубиле животите како последица на поплавите.