Фото: Пиксабеј

Четворица државјани на Полска се лишени од слобода откако, заедно со уште три лица, со четирицикли влегле во подрачјето на воените магацини во местото „Еребино“ во Тетово и ја оштетиле влезната врата на објектот, пренесе МИА.

Случајот бил пријавен вчера, 28 септември, во 18.24 часот од страна на Воената полиција на Армијата на Република Северна Македонија во Секторот за внатрешни работи Тетово.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, војниците кои биле на стража ги задржале четирите лица, идентификувани како Х.М.А. (55), Д.К.В. (55), К.В. (41) и К.Ј.Р. (36), сите државјани на Полска.

Останатите три лица, кои исто така се движеле со четирицикли, успеале да побегнат и по нив се преземаат мерки за пронаоѓање.

Четворицата приведени се сомничат за сторено кривично дело по член 350 од Кривичниот законик, „неовластено влегување во воени објекти“.

Од МВР информираат дека се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.