Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата нема да се повлече од иницијативите за изградба на податочни центри и развој на рударскиот сектор, оценувајќи дека вештачката интелигенција, новите технологии и искористувањето на природните ресурси се дел од иднината на македонската економија.
Во интервју за ТВ Алфа, осврнувајќи се на критиките од СДСМ за отворањето нови рудници, проектот за антимон и најавата за изградба на национален податочен центар, Мицкоски иронично го опиша пристапот што, според него, го нуди опозицијата.
-Според нив има. Ќе го викнете Биг Мајк, ќе ја засадите цела држава со марихуана, ќе дозволите конзумирање на дрога во два-три туристички центра, како што имаа намера тогаш, и тие мислат дека на тој начин ќе биде сѐ во ред. Тоа е отприлика нивната иновативна економија, а патем ќе ги менувате даноците — прогресивен, па рамен данок, па прогресивен, ќе си експериментирате, па ќе видите дека кога тоа не чини, ќе им ставите солидарен данок, којшто ќе треба некоја друга влада да го враќа, како што ние го правиме. Отприлика таа е економијата. А цело време ќе се грижите за тоа што повеќе да ставите во својот џеб преку, не знам, милион други процеси коишто паралелно ќе ги водите. И тоа е отприлика нивната иновативна економија – рече Мицкоски, додавајќи дека таквиот пристап, според него, би бил „билет кон пропаста“.
Тој посочи дека Владата, според неговата оценка, ја затекнала државата во тешка економска состојба, но дека сега, како што рече, состојбата е доведена „на нула“ .
За податочните центри и вештачката интелигенција, Мицкоски рече дека процесот е неповратен и дека Македонија мора да биде дел од технолошкиот развој.
-Податочните центри и сѐ тоа за коешто јас зборувам се иднината на човештвото. Денеска сите оние говори на Генералното собрание во Обединетите нации беа токму за вештачката интелигенција – рече тој додавајчи дека и оние коишто ги критикуваат податочните центри, коишто се против, најголемиот дел од соопштенијата им се изработени со помош на вештачка интелигенција.
Мицкоски, кој е и инженер, посочи дека би било неодговорно доколку ја препознава важноста на вештачката интелигенција како инженер, а како премиер не го применува тоа знаење.
-Доаѓаат компании, се заинтересирани да изградиме архитектура којашто нас ќе нѐ направи буквално центар за ваков тип на индустрија не само во регионот, туку и во Европа. И никогаш нема да се повлечам од оваа иницијатива по цена, не знам, колку прес-конференции да прават, не знам колку да се јавуваат загрижени ликови во државата. Ако треба ќе ја платам, но ова е патот по којшто треба да оди земјата – рече Мицкоски.
Тој беше дециден дека Македонија ќе заостане доколку не инвестира во оваа област.
-Нема назад тој процес… ќе имаме можност како луѓе, како современици да зборуваме што ќе се случува. И тогаш ќе се навратиме на оваа дебата и верувајте дека ќе ви биде смешно тоа што некогаш некој го зборувал – рече премиерот.
Во однос на проектот за антимон, Мицкоски посочи дека преку проектно финансирање во проектот е вклучена американската ДФЦ (Development Finance Corporation), која, според него, располага со финансиско портфолио од околу 250 милијарди долари.
-Тие би влегле со 5 милиони долари во проект во којшто не се преземени сите заштитни мерки, во проект во којшто нема да има сигурен синџир на снабдување, посебно кога станува збор за воената индустрија? Тоа е невозможно, таму работат тимови на луѓе, многу постручни и многу поголеми експерти и стратези и во индустријата, и политички, од сите нас заедно. И тие ако тоа го препознале како иднина, па зарем ние не треба тоа да го препознаеме? – прашува Мицкоски,
Мицкоски при тоа направи споредба со Обединетите Арапски Емирати и развојот на Дубаи, посочувајќи дека земјата ја искористила својата природна предност со експлоатацијата на нафтата.
Според Мицкоски, природните ресурси треба да се искористат за развој на земјата и за создавање услови за враќање на луѓето кои ја напуштиле Македонија.
-Ова е тоа што Господ ѝ го дал на оваа земја, а и дал многу. И ако ние тоа не го искористиме, никогаш нема да ги вратиме оние коишто ја напуштија земјата – рече премиерот.
Тој нагласи дека додека ја предводи Владата ќе ги поддржува проектите за кои смета дека можат да придонесат за економски развој.
-Додека ја предводам Владата и ја добивам довербата од граѓаните, сѐ ќе сторам, секоја шанса којашто природата ни ја дала, којашто умните луѓе на оваа земја можат да ја развијат, ќе ја развиеме. Кога ќе престанам да добивам поддршка од граѓаните, еве ќе ја добијат тие коишто се против податочни центри, против автопатишта, против антимон, против сѐ, тогаш ќе кажам: „Извинете, капитулирав, ме поразивте, вие сте тие, терајте марихуана економија, терајте стабилни тендери, терајте модуларни болници, вие знаете како, еве ние не знаевме како“. Но уверен сум дека тоа нема да биде – рече Мицкоски.
За просторниот план и рудните наоѓалишта осврнувајќи се на критиките поврзани со просторниот план, Мицкоски рече дека доколку државата располага со информации и мерења за присуство на одредени руди, тие мора да бидат внесени во планот.
-Ќе биде спротивно на закон ако ние информациите коишто ги имаме не ги ставиме во просторниот план. Ако ние не ги ставиме во просторниот план, а имаме податоци, имаме мерења дека таму има таква и таква руда, не знам, злато, бакар, сребро, олово, цинк, антимон и така натаму, тогаш правиме кривично дело – рече тој.
Мицкоски нагласи дека внесувањето на одредено наоѓалиште во просторниот план, според него, не значи автоматски и одлука за негова експлоатација. -Друго е дали некој некогаш тоа ќе го истражува, рече тој, додавајќи дека, според него, во јавноста има „многу силна“ манипулација околу ова прашање.
Мицкоски порача дека Владата нема да се откаже од политиките поврзани со податочните центри, антимонот, инфраструктурните проекти и развојот на индустријата.
-Милиметар нема да се повлечеме пред овие луѓе кои со сила не тегнат во нивното политичко мочуриште…. Ќе ја развиваме земјата. Ќе мора да се помачат да нѐ победат на избори, тогаш ќе речеме: ‘Во ред, нѐ победивте, терајте, развивајте ја земјата како што вие сакате’. Додека сме ние Влада, ова е иднината – рече Мицкоски, пренесува МИА.
































