Повторно се активира Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп
- Се смета дека парламентарните избори во Израел следниот месец, на кои израелските гласачи ќе одлучуваат дали да го продолжат мандатот на конзервативната коалиција на премиерот Нетанјаху, ја отежнуваат
работата на одборот - Претставниците на одборот ја истакнаа важноста од зајакнување на инфраструктурата во Газа и зголемување на помошта пред почетокотна зимата
Разоружување на Хамас, расчистување на урнатините, обезбедување хуманитарна помош за Палестинците и формирање преодна влада се главните цели на новиот шестмесечен план за обнова на Појасот Газа вреден 2,45 милијарди долари, кој беше претставен од Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп на брифинг со медиумите одржан во Њујорк минатата недела.
Планот објавен во средата предвидува трошење на повеќе од 1,2 милијарда долари за обнова на инфраструктурата, вклучувајќи хуманитарни прифатилишта и расчистување урнатини, како и речиси 900 милиони долари за „мир и безбедност“ во првите шест месеци по постигнувањето на договорот.
Претставниците на одборот ја истакнаа важноста од зајакнување на инфраструктурата во Газа и зголемување на помошта пред почетокот на зимата. Од Одборот за мир исто така соопштија дека се потребни подготовки за преговарање за договори и за планирање ефективна транзиција на власта во Газа.
Арије Лајтстоун, виш советник во одборот, изјави дека „во многу блиска иднина“ ќе биде објавено формирање фонд преку кој донаторите ќе можат да придонесуваат со средства за образование, култура и за спорт во Газа.
Мал ефект од досегашните иницијативи
Влијанието на одборот досега се чини ограничено, откако претходните иницијативи резултираа со мал напредок на теренот. Официјалните лица признаваат дека средствата за обнова на Појасот Газа од меѓународните донатори сè уште не се исплатени. Израел, исто така, го отфрли претходниот план што го објави Трамп, кој беше претставен од одборот во јули. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тогаш изјави дека предлогот, кој бараше од Израел да ги запре воените операции во Газа, освен за одбрана од непосредни закани, би ја загрозил националната безбедност на Израел. Палестинската милитантна организација Хамас, пак, се согласи на својот дел од договорот, според кој, постепено би ги демонтирал подземните складишта за оружје и би го предал оружјето на привремено владино тело под надлежност на Одборот за мир.
Се смета дека парламентарните избори во Израел следниот месец, на кои израелските гласачи ќе одлучуваат дали да го продолжат мандатот на конзервативната коалиција на премиерот Нетанјаху, ја отежнуваат работата на одборот, како што посочува и Николај Младенов, член на Извршниот комитет на одборот за Газа.
– Нашите разговори со Израел во моментов не се лесни поради изборите таму. Сè е малку поемотивно и малку почувствително од политички аспект – истакна Младенов.
Поранешниот портпарол на Израел во Обединетите нации, Џонатан Харуноф, ја обвини „неподготвеноста на Хамас за демилитаризација“, за недостигот од напредок кон постигнување договор.
Замисла за алтернатива на Обединетите нации
Трамп го претстави Одборот за мир во јануари како поефикасна алтернатива на Обединетите нации, но тој се соочува со истите предизвици што долго време ги попречуваа напорите на ОН за воспоставување мир на Блискиот Исток. Советот за безбедност на ОН претходно го овозможи постоењето на одборот во ноември минатата година.
Одборот, вклучува шефови на држави и влади, меѓу кои и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а со него раководат високи функционери од администрацијата на Трамп, како што се државниот секретар Марко Рубио, зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник на претседателот за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Претседателот Трамп, пак, може доживотно да претседава со одборот, според статутот на ова тело.
Значителен дел од Газа е во урнатини откако израелската армија со воена акција возврати на нападите предводени од Хамас врз Израел од 7 октомври 2023 година. Минатиот октомври беше објавен прекин на огнот, но Израел и натаму врши „воени операции против оперативци на Хамас“ во енклавата. Р.С.
Иран инсистира на дипломатско решение откако Трамп го отфрли мировниот план
Ќе добие ли дипломатијата нова можност?
Само дипломатијата може да го реши конфликтот со САД и Израел, инсистираат властите во Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го отфрлил иранскиот предлог за повторно отворање на Ормускиот Теснец и прекин на борбите, пренесе „Ројтерс“.
– Нашите услови се јасни и секој чекор кон повторно отворање на Ормускиот Теснец зависи од исполнувањето на тие услови. Само решение постигнато преку преговори може да ги извлече од овој ќор-сокак – напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на социјалните мрежи.
Иран минатата недела на Генералното собрание на ОН во Њујорк објави мировен предлог, наведувајќи дека тој им бил пренесен на Американците преку катарски посредници. Трамп во саботата изјави дека го отфрлил планот и тврдеше дека очајот е она што ги тера Иранците да бараат договор за клучниот воден пат.
– Тие сакаат веднаш да склучат договор за отворање на Ормускиот Теснец бидејќи губат толку тешко – им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Сепак, оставајќи ја отворена можноста за дипломатија, Трамп во телефонско интервју за „Аксиос“ во неделата изјави дека очекува американските преговарачи да учествуваат во дополнителни разговори неделава.
Аракчи, пак, рече дека посредниците што ги олеснуваат разговорите меѓу Техеран и Вашингтон официјално не ја пренеле американската одлука за отфрлање на планот.
– Чекаме посредниците да ни ги пренесат конечните ставови и врз основа на нив ќе донесеме одлука – напиша Аракчи.
САД воведоа економска блокада врз Иран за да извршат притисок врз Техеран да ги запре нападите врз пловила во Ормускиот Теснец, кои драстично го намалија поморскиот сообраќај во областа, иако Трамп постојано тврди дека САД го контролираат тој воден пат.
Командантот на иранската армија, Амир Хатами, изјави дека војната е во критична и одлучувачка фаза, додавајќи дека Техеран нема да прифати ситуација во која не може да тргува, додека странските сили ги користат стратешките водни патишта во регионот.
– Ако Иран не може да тргува, ако Иран не може да живее, никој нема да може да тргува или да живее – рече тој во изјавите пренесени од државните медиуми.
Претходните дипломатски обиди за завршување на војната што започна на 28 февруари со американски и израелски напади врз Иран, се покажаа како недоволни. Оттогаш имаше неколку прекини на огнот и обновени меѓусебни напади. Во меѓувреме дојде и до проширување на конфликтот низ регионот откако Хутите освоија територија во Јемен потиснувајќи ги силите на владата поддржана од Саудиска Арабија, со што е загрозен извозот на саудиска нафта преку Црвено Море. Р.С.

































