Фото: ЕПА

АТЛЕТИКА – МАРАТОН ВО БЕРЛИН

  • Таа трчаше со темпо подобро од рекордното сѐ до 35-от километар, кога почна да чувствува силна болка и нејзиното темпо опадна

Повредената Тигст Асефа со тешкотии ја помина целта на Берлинскиот маратон во неделата, откако претходно изгледаше дека ќе го собори светскиот рекорд во женска конкуренција, пишува „Би-би-си“. Сепак, Етиопјанката (29) победи со третото најбрзо време во историјата, два часа, 11 минути и четири секунди. Но освојувачката на сребро на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз пред две години чекореше сигурно кон нов рекорд пред да забави во завршните фази од трката. Времето од 2:09:56 часа на Кенијката Рут Чепнгетич, постигнато во Чикаго во 2024 година, останува светски рекорд.
Асефа, победничката на Лондонскиот маратон годинава, почна силно и на 15-от километар имаше предност од една минута пред другите. Таа трчаше со темпо подобро од рекордното до 35-от километар, кога почна да чувствува силна болка и нејзиното темпо опадна. Сепак, таа го подобри рекордот на патеката во Берлин од 2:11:53 часа, кој самата го постави во 2023 година и кој беше нејзин личен рекорд. Таа го подобри и своето време од 2:15:41 постигнато на Лондонскиот маратон претходно истата година.
– Мораме да ѝ оддадеме признание за овој настап. Во поголемиот дел од трката таа се движеше со темпо за светски рекорд, но потоа се појави проблем со нејзината тетива. Никогаш не сум видел некој да заврши на ваков начин. Тешко е да се замисли болката што ја чувствуваше. Со тешко срце гледавме како поставува рекорд на патеката, знаејќи дека можеше да постигне многу повеќе – изјави директорот на трката Марк Милде, пренесе „Би-би-си“.
Сите пет првопласирани натпреварувачки беа од Етиопија, Бедату Хирпа е втора, а Дера Дида трета. Гује Адола, уште еден претставник на Етиопија, победи во машката конкуренција со време од 2:02:50 часа. Г.И.