Дизел-горивото од полноќ поевтинува за 4,5 денари за литар, додека бензините поскапуваат за еден денар. Одлуката ја донесе денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Со новата одлука, просечната малопродажна цена на нафтените деривати се намалува за 1,06 отсто.
„Евросупер БС-95“ од ноќеска ќе се продава по максимална цена од 100 денари за литар, „евросупер БС-98“ ќе чини 102 денари, додека „евродизелот (Д-Е V)“ ќе се продава по 100 денари за литар.
Се намалува и цената на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), која е пониска за три денари и ќе изнесува 111,5 денари за литар. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 0,196 денари за килограм и ќе изнесува 49,882 денари.
Од РКЕ информираат дека во однос на претходната пресметка, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат различни движења. Кај бензините има зголемување од просечно 0,049 отсто, додека кај дизелот е регистрирано намалување од 6,734 отсто.
Кај екстра-лесното масло намалувањето изнесува просечно 4,936 отсто, а кај мазутот речиси 1,630 отсто.
Во пресметката влијаел и курсот на денарот, кој е за 0,9522 отсто повисок во однос на курсот на доларот по кој биле формирани цените при претходната пресметка.
Во новите цени е вклучено и намалувањето на акцизата за дизелот и бензините.
Дополнително, Владата денеска одлучи до 12 октомври да продолжи да важи мерката со која ДДВ-то за дизел-горивото е намалено од 18 на 10 отсто.

































