Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е најтранспарентната институција меѓу министерствата и Владата во 2026 година, со максимални 100 проценти активна транспарентност, покажува годишното рангирање на Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето според Индексот на активна транспарентност е објавено денеска, 28 септември, по повод Меѓународниот ден на универзалниот пристап до информации, а опфаќа вкупно 102 институции – Владата, сите министерства и општините.
Просечната активна транспарентност на опфатените институции годинава изнесува 82 проценти, што претставува подобрување од два процентни поена во однос на 2025 година, кога просекот изнесувал 80 проценти.
Кај Владата и министерствата, активната транспарентност годинава достигнува 86 проценти, наспроти 84 проценти минатата година. Кај општините, просекот изнесува 81 процент, што е зголемување од два процентни поена во споредба со ланските 79 проценти.
Сепак, истражувањето покажува дека подобрувањето на просечниот резултат не се однесува на сите институции. Дури 41 процент од опфатените институции годинава имаат пониско ниво на активна транспарентност во споредба со претходната година.
Со максимален резултат од 100 проценти, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се искачи на првото место во рангирањето. Со тоа, по пет последователни години на лидерската позиција, Министерството за одбрана ја загуби првата позиција.
Кај локалната самоуправа, целосен резултат од 100 проценти активна транспарентност имаат општините Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип. Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека ниту една од општините што минатата година биле на лидерските позиции не успеала да го задржи истото место и годинава.
Источниот Регион, пак, четврта година по ред е највисоко рангиран меѓу регионите. Оваа година дополнително го подобрил резултатот, од 88 проценти во 2025 година на 91 процент.
На дното на рангирањето се наоѓа Општина Лозово, која и годинава има најниско ниво на активна транспарентност меѓу сите опфатени институции, со резултат од 36,9 проценти.
Финансиските информации остануваат област во која институциите објавуваат најмалку податоци. Министерствата објавуваат 71 процент од предвидените информации, додека кај општините овој удел е уште понизок и изнесува 64 проценти.
Истражувањето опфатило и тестирање на одговорите на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Резултатите покажуваат дека 32 проценти од институциите одговориле по истекот на законскиот рок или воопшто не одговориле на испратеното барање.

































