Фото: ОН

Пораките упатени од македонскиот премиер Христијан Мицкоски од говорницата на ОН

  • Премиерот пред Генералното собрание на ОН порача дека Македонија останува цврсто определена за НАТО и ЕУ, но очекува правилата,
    критериумите и преземените обврски да важат еднакво за сите

Светот во кој ќе живее генерацијата што денес тргнува на училиште ќе биде драматично различен од денешниот. Вештачката интелигенција ќе ги менува професиите и индустриите, климатските промени ќе влијаат врз економиите и миграциите, а безбедноста повеќе нема да се мери само преку армиите и границите туку и преку енергетските мрежи, дата-центрите, сателитите, каблите и дигиталната инфраструктура. Ова се клучните поенти во обраќањето на македонскиот премиер Христијан Мицкоски во ОН.
Парадоксот, според премиерот Мицкоски, е што човештвото никогаш немало поголеми технолошки можности, а истовремено милиони луѓе живеат во војни или под нивна закана. Оттука, прашањето не е само како ќе се решаваат денешните кризи туку и каков меѓународен поредок ќе им биде оставен на идните генерации.
За мала држава, според Мицкоски, тоа не е академско прашање, туку прашање на опстанок.

Поуката од македонското искуство

Премиерот потсети на времето кога Македонија стана членка на Обединетите нации, во периодот на распаѓањето на Југославија и војните во непосредното соседство. Тогаш, на македонска територија, ОН ја воспоставија својата прва превентивна мировна мисија.
Токму од тоа искуство извлече и една од клучните пораки: мирот не започнува кога војната ќе заврши, туку кога политиката е доволно мудра да спречи војната воопшто да започне.
Според него, малите држави немаат простор за геополитички грешки каков што имаат големите сили. За голема сила погрешната процена може да значи промена на стратегијата, додека за мала земја може да значи изгубена деценија.
Затоа, порача тој, правилата не смеат да се третираат како нешто што се подразбира, туку мора постојано да се заштитуваат.

Јасна ориентација кон НАТО, САД и ЕУ

Во услови на нова глобална конкуренција, Македонија, според Мицкоски, нема намера да остане во стратешка двосмисленост.
Тој јасно ги посочи трите столба на македонската надворешна ориентација – членството во НАТО, стратешкото партнерство со САД и полноправното членство во Европската Унија.
Овие определби, премиерот не ги гледа како три одделни политики, туку како една геополитичка ориентација заснована врз демократија, колективна безбедност, владеење на правото и отворена економија.
Истовремено, јасната ориентација кон сојузите, според него, не значи затворање кон остатокот од светот. Напротив, државата што е сигурна во сопствениот избор може посамоуверено да разговара и да соработува и со земји со различни интереси.

Кога правилата не важат еднакво

Најдиректната порака во говорот беше упатена кон меѓународниот систем и неговиот однос кон малите држави.
Мицкоски предупреди дека довербата е загрозена кога граѓаните и државите чувствуваат дека правилата не важат еднакво за сите, дека моќта понекогаш има предност пред принципите и дека преземените обврски може да станат условни.
Токму тука тој го вметна и македонското искуство со европската интеграција.
Од малите држави, посочи премиерот, се очекуваат почитување на правилата, компромиси и исполнување на критериумите. Но ако се бараат правила и предвидливост, тогаш тие мора да обезбедат и напредок кога критериумите ќе бидат исполнети.
Во спротивно, предупреди тој, станува сѐ потешко да им се објасни на граѓаните зошто треба да веруваат во компромисите, договорите и меѓународните институции.

Европскиот пат – да, но без поместување на целта

Мицкоски нагласи дека Македонија нема да се откаже од европската идеја и дека Европската Унија останува нејзин природен политички, економски и институционален дом.
Но истовремено испрати порака дека интеграцијата мора да остане процес заснован врз заслуги и мерливи критериуми.
„Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди“, беше суштината на неговата порака.
Паралелно со очекувањата кон Брисел, тој ја нагласи и домашната одговорност: владеење на правото, поефикасни институции, поконкурентна економија и враќање на довербата на граѓаните во сопствената држава.
Тоа, како што нагласи Мицкоски, е одговорност што Македонија нема да ја префрла на Брисел.

Инфраструктурата како геополитика

Во говорот тој не се задржа само на дипломатијата и меѓународниот поредок. Мицкоски ја нагласи и економско-стратешката важност на инфраструктурата.
Коридорите 8 и 10 ги претстави како дел од поширока европска визија за поврзување на Јадранско, Црно и Егејско Море со Централна Европа.
Македонската географија, порача тој, не мора да биде ограничување. Таа може да стане предност доколку државата изгради инфраструктура и институции што ќе ја претворат положбата на земјата во поврзаност со поширокиот регион.

Миграцијата и зелената транзиција

Мицкоски се осврна и на миграцијата, оценувајќи дека таа не може да се гледа само како прашање на границите.
Според него, миграцијата започнува таму каде што недостигаат безбедност, вработување, образование, перспектива и доверба дека утрешниот ден ќе биде подобар.
Сличен пристап побара и кон климатската политика. Зелената транзиција ја оцени како неопходна, но предупреди дека таа мора да биде економски и социјално одржлива и да не создава нови зависности.

ОН мора повторно да ја заслужат довербата

Во завршниот дел Мицкоски ја врати централната тема на говорот – довербата. Според него, реформата на Обединетите нации е неопходна за организацијата да стане поефикасна и поспособна да дејствува таму каде што е потребно заедничко дејствување.
Мултилатерализмот, порача тој, не започнува во Њујорк, туку со квалитетот на државите што доаѓаат во Њујорк.
А современиот суверенитет, според неговата дефиниција, не значи изолација, туку способност – државата сама да ја гради својата иднина, да го брани својот идентитет, да ги почитува другите и истовремено да биде сигурна во сопствените избори. На крајот, премиерот се наврати на воведот во неговиот говор – детето што оваа есен првпат седнува во училишна клупа.
На таа генерација, рече тој, денешните лидери не можат да ѝ ветат свет без кризи и конфликти. Но можат да ѝ остават свет во кој моќта не е единствениот аргумент, технологијата му служи на човештвото, а малата држава има право на истото достоинство, истите правила и истиот глас како и големата сила. Н.М.


Мицкоски на средба со Гутереш во седиштето на ОН

Премиерот Христијан Мицкоски за време на престојот во ОН во Њујорк се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Средбата се одржа во седиштето на светската организација, каде што двајцата разговарале за повеќе прашања од значење за Македонија и регионот.
Како што соопшти кабинетот на Гутереш, на разговорот била нагласена одличната соработка меѓу Обединетите нации и Македонија.
Во фокусот на средбата биле и европските интеграции на земјава, регионалната соработка, како и значењето на мултилатерализмот и неговото зајакнување.
Средбата со Гутереш следуваше по обраќањето на македонскиот премиер на генералната дебата на 81. сесија на Генералното собрание на ОН. Н.М.


Премиерот Мицкоски за македонско-бугарските односи

ЕУ треба да ги слушне аргументите на двете страни

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека досегашните билатерални средби меѓу Македонија и Бугарија не донеле суштински резултат и дека во процесот треба да се вклучи Европската Унија.
Во интервју за МТВ, Мицкоски ги опиша досегашните разговори како средби „колку да се случат“, посочувајќи дека по состаноците често следувале различни интерпретации за тоа што навистина било разговарано. Според него, присуството на ЕУ не би имало цел да биде арбитер во спорот, туку европските претставници директно да ги слушнат аргументите и на Македонија и на Бугарија.
Мицкоски призна дека меѓу двете земји постои билатерален спор и оцени дека токму затоа е потребно тој да се решава преку дијалог, додека е сè уште во почетна фаза.
– Нашата идеја кога велиме да се вклучи и Европската Унија е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат: „Ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор“. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме, ние во суштина навистина имаме билатерален спор, кој сега е на својот почеток. И додека е на почеток, ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската Унија, за да ги слушнат аргументите – нагласи Мицкоски.
Клучната забелешка на премиерот се однесува на можноста евроинтегративниот процес постојано да се продолжува со нови барања, притоа порачувајќи дека Владата не сака да влезе во процес без јасна претстава дека крајот на евроинтегративниот пат е достижен.
Според Мицкоски, и по отворањето на преговорите секое затворање на поглавје или кластер ќе бара одлуки во земјите членки, што, како што оцени, остава простор во иднина повторно да се појавуваат нови барања и блокади.
– Не би сакале да влеземе во процес што континуирано потоа ќе ни се поместува- порача премиерот.
„Ако сме партнери во НАТО, да бидеме партнери и во ЕУ“
Мицкоски рече дека Владата има предлози за надминување на проблемот и очекува за нив да разговара и со Бугарија.
Тој посочи дека двете земји се сојузници во НАТО и оцени дека логиката на добрососедските односи налага партнерството да се потврди и во европската интеграција.
Истовремено, Владата продолжува пред стратешките партнери, вклучувајќи ги и САД, да ги презентира македонските аргументи и позиции за евроинтегративниот процес. Целта, како што порача Мицкоски, е партнерите да ги слушнат македонските аргументи, а потоа самите да оценат дали тие се оправдани.


Мицкоски: На регионот му требаат брзи испораки од ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Европската Унија да испорача конкретни резултати за граѓаните од Западен Балкан, со цел да се намали растечката фрустрација во регионот.
По средбата со високата претставничка на ЕУ Каја Калас и претставници на земјите од Западен Балкан, Мицкоски рече дека бил загрижен од атмосферата на состанокот, бидејќи некои од темите и тензиите го потсетиле на почетокот на 1990-тите години.
Како примери ги посочи несогласувањата меѓу Србија и БиХ и постојаните тензии меѓу Србија и Косово.
Според него, и навидум помали прашања може да предизвикаат сериозни тензии во општествата, кои потоа би можеле да прераснат во конфликт.
Токму затоа Мицкоски пред Калас побара ЕУ да покаже дека не се сведува сè само на политичка реторика, туку дека може брзо да испорача нешто што граѓаните непосредно ќе го почувствуваат.
Како примери ги посочи прашањата поврзани со превозниците и укинувањето на роамингот меѓу Западен Балкан и ЕУ.
Според него, таквите конкретни чекори би можеле да ја намалат фрустрацијата и да покажат дека европската перспектива носи практични придобивки.
Мицкоски порача дека грешките од минатото треба да бидат поука, а не причина регионот повторно да се враќа кон старата реторика и поделби.
– Со ваква подбуцнувачка реторика ние не можеме да ја градиме иднината онака како што посакуваме – порача премиерот.
Тој нагласи дека Македонија одржува добра комуникација со регионалните држави и дека за време на престојот во Њујорк остварил повеќе средби со регионални лидери.
Во однос на најавениот план на Европската комисија за деблокирање и реорганизација на одредени процеси во Унијата, Мицкоски порача дека најавите треба да се преточат во конкретни мерки. Н.М.