Фото: ЕПА

УЕФА ОБЈАВИ НОВ ИЗВЕШТАЈ

  • Рекордната посетеност, невидените вложувања за трансфери и значајните случувања во женскиот фудбал се меѓу главните сознанија во новиот извештај на УЕФА за европскиот клупски фудбал

Извештајот на Европската фудбалска унија, кој ги опфаќа сезоната 2025/2026 и неодамнешниот летен преоден рок, дава сеопфатен преглед базиран на податоци за играчите, тренерите, клубовите и натпреварувањата, пишува УЕФА. Врз основа на анализа на повеќе од 700 клуба, извештајот ги испита успесите, предизвиците и променливата динамика на клупскиот фудбал во Европа. Наодите нудат целосен поглед на фудбалскиот екосистем, кој продолжува да привлекува извонредни нивоа на поддршка, а и се приспособува на променливата спортска и финансиска реалност, пишува УЕФА, која издвојува шест дефинирачки случувања.

Вложувањата за трансфери надминуваат 10 милијарди евра

Европските клубови за фудбалери првпат ја пробија бариерата од 10 милијарди евра за време на годинашниот летен преоден рок. Тоа претставува зголемување од осум отсто во однос на 2025 година и за 43 проценти во споредба со врвот пред пандемијата во 2019 година. Рекордниот вкупен износ беше поттикнат првенствено од повисоките цени, а не од значителното зголемување на бројот на трансфери. Имаше само 0,3 отсто повеќе склучени договори на годишно ниво, а бројот на трансфери вредни над 50 милиони евра се зголеми од 23 во 2025 година на 35 годинава.
Пазарот, исто така, станува сѐ поконцентриран. Англиските клубови беа вклучени во 52 отсто од глобалната вредност на трансферните договори, а трансферите директно помеѓу англиските клубови генерираа околу 2,2 милијарди евра. Првпат Англија учествуваше со 60 проценти од целата домашна трансфер-активност во светот по вредност, што го прави нејзиниот домашен пазар поголем од сите други заедно.
Младите играчи остануваат во центарот на стратегиите за ангажмани на клубовите. Рекордни 1,2 милијарда евра беа инвестирани во тинејџери, а фудбалерите на возраст до 23 години учествуваа со 56 отсто од сите вложувања за трансфери. Европските клубови исто така генерираа околу 10,3 милијарди евра од продажба на играчи, што доведе до проектирани профити од трансфери од 6,8 милијарди евра за вклучување во нивните сметки за 2026 и 2027 година. Сепак, зголемувањето на цените, одложените плаќања и зголемениот долг за трансфери може да создадат поголема зависност од идните продажби и континуираната ликвидност на пазарот, ставајќи дополнителен притисок врз клубовите ако побарувачката на купувачите или вредноста на трансферите се намали, пишува УЕФА. Бројките за трансфери за летово се привремени процени засновани на пријавени вредности и ќе бидат потврдени само откако клубовите ќе ги достават своите финансиски податоци директно до УЕФА.

Рекордна посетеност

Најмалку 242 милиони луѓе присуствуваа на мечевите на машките клубови и репрезентации низ Европа во сезоната 2025/2026, поставувајќи уште еден рекорд за посетеност и демонстрирајќи ја континуираната сила на искуството со фудбал во живо. Домашните машки лиги од највисоко ниво привлекоа 116 милиони гледачи, што е за 1,4 отсто повеќе во однос на претходниот рекорд, а минатата сезона беше трета по ред во која посетеноста на највисоките лиги надмина 110 милиони. Публиката се зголеми во 27 европски врвни дивизии, а 17 од нив ги забележаа своите највисоки бројки на посетеност во најмалку една деценија. Атрактивноста на фудбалот во живо се протега далеку над елитата. Дополнителни 82 милиони гледачи присуствуваа на мечеви од пониските лиги, домашните купови привлекоа 13 милиони, а машките клупски натпреварувања на УЕФА пречекаа 20 милиони. Во врвните дивизии, по 19 клуба забележаа вкупна посетеност на домашните лиги од повеќе од еден милион. Во ерата кога се емитуваат повеќе натпревари и повеќе од кога било досега онлајн е достапна фудбалска содржина, овие бројки покажуваат дека гледачите уште го ценат колективното искуство да бидат на натпреварот, пишува УЕФА.

Титулите менуваат раце

Континуираната отвореност на европските натпреварувања беше дефинирачка карактеристика на сезоната 2025/2026, при што 36 од 55 домашни лиги крунисаа различен шампион од претходната сезона, пишува УЕФА. Шест клуба првпат ја освоија домашната лига, вклучувајќи два што беа промовирани во претходната сезона. Движењето низ фудбалската пирамида останува еднакво значајно. Во текот на изминатата деценија 1.240 клуба се натпреварувале во нивната домашна машка прва лига, а низ Европа приближно две третини од промовираните клубови избегнуваат испаѓање во текот на нивната прва сезона на повисоко ниво. Заедно, овие бројки ја покажуваат виталноста на европскиот спортски модел, во кој промоцијата и испаѓањето, отворените натпреварувања и квалификациите врз основа на спортски заслуги создаваат можности и ги поврзуваат сите нивоа на играта, пишува УЕФА.

Локално тренирани играчи имаат речиси половина од лигашките минути

Дури и на сѐ помеѓународниот трансфер-пазар, клубовите и лигите продолжуваат да обезбедуваат значајни можности за играчите развиени локално, кои учествуваа со околу 47 отсто од сите домашни лигашки минути во 20-те машки лиги анализирани во текот на сезоната 2025/2026, играјќи 39 проценти од достапните минути за време на фазите на лигата од машките клупски натпреварувања на УЕФА. Вкупно, рекордни 20.966 играчи се појавија во домашните врвни европски дивизии во 2025/2026, приближно 10 отсто повеќе од една деценија претходно. Сепак, времето за играње останува концентрирано меѓу релативно мало јадро. Единаесетте најкористени играчи во секој клуб учествуваа со 68 отсто од сите минути, зголемувајќи се на 89 кога групата беше проширена на 18-те најкористени играчи. Овие наоди ја нагласуваат рамнотежата што клубовите мора да ја постигнат помеѓу моментните перформанси, управувањето со тимот и долгорочниот развој на играчите, пишува УЕФА. Тие исто така покажуваат дека локално развиените и младите играчи продолжуваат да заземаат важно место во европскиот фудбалски екосистем.

Тренерите под постојан притисок

Клубовите од највисоките лиги направија 738 промени на главните тренери во текот на сезоната 2025/2026, три отсто повеќе отколку во претходната сезона и, во просек, нешто повеќе од една по клуб. Вкупно 63 проценти од европските машки клубови од највисоките лиги го сменија својот главен тренер барем еднаш. Приближно две третини од нив беа непланирани промени направени во текот на сезоната.

Професионален напредок во женскиот фудбал

Годинашниот извештај исто така дава детална анализа на женскиот клупски фудбал, покажувајќи напредок во посетеноста, можностите за играње, тренерските стандарди и структурите на натпреварите. Се проценува дека 5,1 милиони гледачи присуствувале на натпреварите на женскиот клупски фудбал во текот на сезоната 2025/2026. Ова вклучува повеќе од 3,7 милиони навивачи на домашните натпревари од највисокото ниво, заедно со посетеноста на Лигата на шампионите за фудбалерки, домашните купови и мечевите од пониските лиги. Професионалните стандарди исто така продолжуваат да се развиваат. Во првите пет женски лиги, 63 отсто од главните тренери имале УЕФА-пролиценца, а во Шпанија достигнува 89 проценти. Повеќе од половина од клубовите во тие пет лиги не направиле никаква промена на главниот тренер во текот на сезоната. Заедно, овие трендови одразуваат игра што привлекува поголема публика, а наедно ги зајакнува спортските и професионалните темели потребни за одржување на нејзиниот развој. Н.М.