ФУДБАЛ – ПО ПОРАЗОТ ВО ПРВОТО КОЛО ОД ШВАЈЦАРИЈА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ
- Во првото коло на лигите А, Б, Ц и Д гостинските репрезентации доминираа, откако на 26 меча гостите забележаа 12 победи и пет ремија
Фудбалската репрезентација на Македонија по поразот од четвртфиналистот на годинашното Светско првенство, Швајцарија, со 0-3, во Скопје, во 1. коло во дебитантскиот настап во лигата Б на Лигата на нациите, утре го продолжува натпреварувањето во групата 1, со дуелот на гости кај Словенија, во Љубљана. По првото коло во оваа група води Швајцарија со три бода, по еден имаат Словенија и Шкотска (меѓу себе ремизираа без голови, во Љубљана), а Македонија е без бодови. Победниците на четирите групи во лигата Б ќе обезбедат пласман во лигата А, второпласираните ќе играат во плејоф за пласман во лигата А, третопласираните ќе опстанат во лигата Б, а четвртопласираните ќе играат во плејофот за опстанок во лигата Б.
Во првото коло на лигите А, Б, Ц и Д гостинските репрезентации доминираа, откако од 26 меча на 17 гостите не загубија, бидејќи забележаа 12 победи и пет ремија. Во лигата А, на пример, победа дома забележаа само Португалија и Норвешка.
Од следната сезона Лигата на нациите ќе се игра со изменет формат, па наместо четири ќе има три лиги, А, Б и Ц, со по 18 репрезентации.
Лигата на нациите за сезоната 2028/2029 ќе ги вклучи репрезентациите врз основа на нивните резултати во сезоната 2026/2027, и тоа во лигата А ќе играат осумте четвртфиналисти од лигата А, две најдобри меѓу третопласираните од лигата А, по четири победници на групите во лигата Б и победници од плејофот.
Во лигата Б ќе настапат две најнискорангирани четвртопласирани од лигата А, четири поразени во плејофот на лигите А и Б, како и по четири третопласирани од лигата Б, победници на групите во лигата Ц и победници на плејофот помеѓу лигите Б и Ц. Во лигата Ц ќе играат четири поразени во плејофот на лигите Б и Ц, осум пласирани на 3-то и на 4-то место во лигата Ц и шест репрезентации од лигата Д, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.
































