РАКОМЕТ – „ТРОФЕЈ НА МАКЕДОНИЈА 2026“
- Црна Гора го освои првото место, а МВП е репрезентативката на таа земја Ивана Савиќ. Третото место го освои Хрватска, а четврта е Србија. Сите четири репрезентации ќе играат на претстојното Европско првенство
Македонската женска ракометна репрезентација, предводена од новиот селектор Игор Марковиќ, со две победи и еден пораз, на втората позиција го заврши својот настап на традиционалниот меѓународен турнир „Трофеј Македонија 2026“, кој во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) се одржа викендов во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид. Овој турнир наедно беше и подготовка на Македонките за настап на годинашното 17. Европско првенство (ЕП), на кое домаќини се Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција.
Првото место и победничкиот трофеј ѝ припаднаа на селекцијата на Црна Гора, која забележа три победи. Трета е Хрватска, со по една победа, реми и пораз, а четврта е Србија со три порази.
Македонките се прикажаа во светло издание. Во првото коло ја совладаа Србија со 29-21 (во тоа коло Хрватска и Црна Гора одиграа 20-20), во второто загубија од Црна Гора со 23-29 (Хрватска ја победи Србија со 28-15), а во третото ја совладаа Хрватска со 25-22, што претставуваше мало изненадување (Црна Гора ја совлада Србија со 20-19).
Сите четири репрезентации ќе играат на претстојното Европско првенство. Така, Црна Гора е во групата А (се игра во Романија), со Унгарија, Словенија и со Исланд. Македонија ќе настапи во групата Б (во Романија), со Норвешка, Романија и со Швајцарија. Хрватска ќе биде дел од групата Д (во Чешка), во која се Холандија, Чешка и Австрија. Србија ќе игра во групата Ф (во Словачка), со Шведска, Германија и со Словачка. Првопласираните две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза.
За најдобар стрелец на турнирот „Трофеј Македонија 2026“ е прогласена десното македонско крило Сара Ристовска (се врати во репрезентацијата по паузата поради санирање на повредата), која постигна вкупно 22 гола. За најкорисна ракометарка (МВП) на турнирот е прогласена Ивана Савиќ од репрезентацијата на Црна Гора, а најдобра голманка е Луција Бешен од репрезентацијата на Хрватска. Г.И.
































