Фото: „Нова Македонија“

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (24)

  • Ниту едно друго езеро нема толку разновидни риби како Охридско, кое е како еликсир на животот, регионот бил развиен како Цариград, Багдад, Каиро и други метрополи, а по убавина бил втор во цела Румелија…, запишал познатиот патописец и историчар Евлија Челеби за нашиот Охрид

ОПИС НА ОХРИДСКО ЕЗЕРО

Ова езеро се протега открај-докрај точно петнаесет милји. Има облик на издолжен триаголник и потребни се цели дваесет и четири часа за да се обиколи. Тоа езеро е прекрасно како еликсир на животот. Еднаш, за облог, го обиколил шатир-башата на Фаик-паша од Трикала. Но не се вратил во текот на тој ден, туку со мака пристигнал дури по зајдисонце. Тој го обиколил за еден ден со брзо одење. Околу езерото се наоѓаат четири тврдини. Прв е овој град Струга; втор е градот Подградец, а најголем од сите е градот Охрид, кој лежи на брегот на езерото, на една карпа што се издига кон небото, до облаците и се наоѓа на северната страна на езерото. Околината на езерото е украсена со многу богати и добро населени чифлици. Ниту едно друго езеро нема толку разновидни риби како ова. Особено јагулата што се наоѓа овде има пријатен мирис како мошус и амбра. Таа е многу масна и, кога е сосема свежа, од неа се прави ќебап. На оној што ја јаде, оваа риба му дава толкава телесна сила и толку го зајакнува што, ако се бори со свој врсник, ќе го совлада пет-шест пати, ќе го собори на земја и ќе го надвладее како атлета. Се јаде и кога човек страда од главоболка. Ако човек ја насоли својата глава и ја стави главата на рибата врз својата глава, со Божја помош ќе се ослободи од главоболката. Вкусни се и рибите: штука, пастрмка, крап и белвица. Таму има илјадници видови риби, но овие пет наведени видови, за чудо Божјо, воопшто немаат мирис на риба.
Емин-агата на ова риболовиште, во еден залив точно на средината на оваа касаба Струга, подигнал голем дрвен мост со дванаесет лакови, долг сто и педесет чекори. На тој мост, врз големи столбови, бил подигнат голем дворец на емин-агата. Тоа бил голем сарај. На средината на тој дворец, на мостот, се наоѓа дрвена порта. Секоја вечер пасванџиите и вратарите ја затвораат портата на мостот, така што никој не може да премине од онаа страна на оваа, ниту од оваа на онаа страна, бидејќи секоја вечер на таа порта на мостот четириесет до педесет вооружени стражари држат стража и наизменично го чуваат дворецот до зори, за да не преминат избегани робови, харамии, убијци или крадци на риби. За таа цел била подигната оваа порта на дворецот на мостот.
Охридско Езеро е толку големо што од ниту една страна воопшто не е проодно, па станало вистински бедем среде овој вилает на Охридскиот санџак. Кај неговите истеци, на две места, се наоѓаат мостови. И таму луѓето на емините држат стража и наплаќаат пазарни царини од патниците и намерниците и десеток од риболовот. Тие ги чуваат овие премини така што не пуштаат ниту птица да помине; главниот премин, сепак, е мостот во Струга. Од долната страна на тој голем мост се наоѓаат стотици риболовни места (далјани), кои не можат да се опишат, туку треба да се видат. Водата што истекува од езерото под тој мост тече толку брзо што не може да се следи со окото. И зиме и лете таа тече во четири ракави, како реката Драва, така што никогаш не се прекинува. Чудно е што во ова езеро не се влеваат големи реки; и покрај тоа, водата од ова езеро и лете и зиме тече како реката Аму Дарија (Џејхун).
Тоа езеро е вистински еликсир на животот…

ОПИС НА РИБОЛОВНОТО СРЕДИШТЕ, НА СРЕЌНИОТ ГРАД ОХРИД

Според раскажувањето на латинските историчари, првиот основач на овој град бил еден византиски цар кој се викал цар Реџим, син на пророкот Салмон. Во тоа време живеел еден мудрец на царот Реџим кој се викал Охру, а царот го изградил овој град користејќи ја неговата мудрост. На кој начин овој град преминувал од власт под власт на многу држави, како и неговите градби, многу опширно опишале Јанван, братот на Јанко, синот на Мадијан, градителот на Цариград, и латинскиот историчар Пан. Ние, сепак, ќе го прикажеме накратко, бидејќи овој шехер на брегот на Охридско Езеро е развиено, богато и големо трговско место, како градовите Медаин, Багдад, Каиро, Бузанта, Македонија (не се знае на кој град точно мислел, преведувачи претпоставуваат на Скопје или Солун), Кавала и Цариград (Константинопол). Кога седумте кралеви чуле дека тој носи приходи од риболов колку стотици ризници, секој од нив на извесен начин подлегнал од копнежот и желбата да го добијат, па овој град повеќепати го окупирале; тоа довело до пропаѓање на градот, така што тој бил практично преполовен. На крајот седумте кралеви се договориле заеднички и рамноправно да управуваат со овој град и во таа смисла склучиле договор. Во него седумте кралеви поставиле свои везири. Додека овие седум кралеви заеднички и рамноправно управувале со градот, тогаш стариот султан Мурат-хан Втори го освоил од рацете на овие седум кралеви. Тогаш дошло до општ бунт на јаничарите во Одрин. Било кажано дека Мурат-хан е стар, па под тој изговор бил симнат од престолот (хилафет), а на престолот бил доведен султанот Освојувач (Мехмед II). Оваа ситуација ја искористиле седумте кралеви и го презеле овој град од исламските раце. И кога градот паднал во рацете на неверниците, јаничарите повторно се побуниле, зборувајќи дека султанот Освојувач е млад, дека е момче кое не се разбира во државните работи, а дека стариот Мурат-хан сè уште е во сила и дека ќе му се одмазди на непријателот. И кога тој повторно станал султан (халифа), неговата прва војна била походот кон овој град Охрид. Тој ја исекол војската на бановите на сите седум заблудени кралеви и повторно го освоил овој град. Откако по вторпат го освоил овој град, тој за време на своето второ владеење го освоил и градот Смирна (Измир). За чудо Божјо, Мурат-хан и по вторпат бил симнат од престолот, а султанот Освојувач повторно станал цар и самостојно го зел државното кормило во свои раце. Во меѓувреме, додека се случувало тоа, неверниците повторно го зазеле овој град. Тогаш Мехмед-хан лично тргнал кон Серес, Зихна и Манастир (Битола). И кога стигнал таму, го насочил својот поглед кон Охрид…

(продолжува)

М-р Никола Ристевски