Храна, село, антропологија

Нашата денешна колумна, драг читателу, е еден вид на свето тројство: храна, село, антропологија. Во него сите три члена на семејството се врзани и произлегуваат еден од друг. Тие, заедно, се синтеза и ја прават големата слика на опстојбата на еден колектив, народ или нација, па и цивилизација во крајната инстанца. Тие заедно се сликата на нивната егзистенција, но истовремено и есенција, чистиот талог на нивната душа. А во тоа тројство, како што гледаш, драг читателу, ние почнуваме со елементот храна. За некого тоа ќе изгледа чудно, храната да биде најзначајна во приоритетите за еден народ. Во нашиот случај, пак, тоа е македонскиот народ и држава. Но и за секој друг народ и држава колку и да се технолошки и индустриски моќни тие. Таа по важност стои над нив, толку скромна и ненаметлива. Па и нашиот Аристотел, Македонецот од Стагира, натрупан како и сè друго (како што би рекол Х. Д. Лоренс) во „грчка вреќа“, вели дека, мислејќи на храната, со празен стомак не се филозофира. Што значи, пак, дека храната е невидлива ама важна основа на мислата и мислењето, на есенцијалната физиологија без која е неможно да се мисли. Храната е универзална супстанција во целокупниот жив свет за негово одржување, не само кај човекот туку и кај животните, па и кај растителниот и билниот свет. Таа е супстанција за задоволување на еден од трите најважни нагони: нагонот за глад, за жед и за секс. Според тоа, пак, нагонот за глад можеме да го именуваме и како нагон за храна, бидејќи нагонот за глад се скротува, имено, со неа. Следствено на тоа, пак, можеме да заклучиме дека ако еден колектив односно народ произведува и има доволно храна, тој е во основа задоволен макар имал кусок во некои други нешта од социјалните потреби. Во таквиот случај разбирливо е и позадоволен и посмирен и политичкиот естаблишмент, затоа што неговиот народ е елементарно, што е најважно, сит и нема да има бунт или револуција. Тоа го знаел и еден суров диктатор каков што бил Калигула во Римската Империја, кого го сметале за луд, меѓутоа, настрана од тоа, тој бил необично интелигентен и луциден. За тоа е доказ и неговиот луд, парадоксален потег со внесување на неговиот коњ во римскиот сенат и негово именување за сенатор, за да им покаже на другите сенатори дека тој е попаметен од нив. Таа сцена го инспирира и Ками да ја напише драмата „Калигула“, а јас, пак, си мислам во тој контекст, драг читателу, како би било и некој наш Калигула да го внесе својот коњ во нашиот парламент, особено во некои негови идиотски мигови, како оној кога се ништеа во него нашето име и идентитет.
Толку, но малку се отклонивме од нашата основна тема со славниот коњ на Калигула, но во однос на неа е многу важна и во некоја рака есенцијална луцидната изјава на римскиот диктатор, која тој ја замислил како катализатор на немирите на масата, а таа гласи: „Дајте му на народот леб и игри и тој ќе биде задоволен“. Тоа била неговата златна формула за да не крева народот глава дури и под теророт на такви диктатори какви што се тој и Нерон. Тоа е поучна формула од која, пак, не се поучија подоцна некои други диктатори, како Марија Антоанета што иронизираше со гладот на народот („ако немате леб, јадете колачи“), па потоа револуционерите ја гилотинираа и ѝ ја отсекоа главата. Истото тоа се случи и со Чаушеску во Романија. Интересна историска приказна.

Така. Долги дигресии како и секогаш, драг читателу, но тоа е наш стил и ти си навикнат на него. Оти знаеш дека тие дигресии никогаш не се периферни, а и потребни се во секој случај за да го одбегнеме сувопарниот и тавтолошки стил на професионалните, колку што се тоа, аналитичари, многумина од нив владини пропагандисти. Нашите дигресии, драг читателу, никогаш не одат далеку од епицентарот на темата и се налик на електроните што вртат околу јадрото на атомот. Итн. Туку, еве сега да ја смириме топката и in medias res да го кажеме најбитното, есенцијалното што ја исфрла нашата тема во средишната орбита на политиката и егзистенцијата на секој еден народ, мислата што може да биде и мото на оваа колумна. А тоа е дока храната е еден од најважните, ако не и најважниот (како што мислел и Калигула) елемент во Менделеевата таблица за суверенитетот на кој било народ, во нашиот случај, а тоа нè интересира нас, тоа е македонскиот народ. Оти ако рекол, веќе цитиран, Аристотел дека со празен стомак нема филозофија, по аналогија на неговата дефиниција пренесена на социјално-политички план без храна што ќе го полни стомакот на народот нема ни стабилно општество, нема ни барем елементарна среќа за неговите жители.
Тоа е тоа. Но дали кај нас владее и е сфатена таа максима: храната еден од најважните, а веројатно и најважниот елемент за суверенитетот на еден народ. Поважен дури и од негово поседување атомска бомба за да биде тој безбеден од агресијата на моќните што сакаат да го потчинат, а некогаш и уништат него, како што е тоа случајот со малата но непокорна Северна Кореја. Пак наизглед бизарна дигресија, но самата наша тема наложува поширок круг на асоцијации и аналогии за тоа. Оти јас, драг читателу, и сега тврдам (за тоа сум пишувал на овие страници) дека ние, „смачканото племе“ (Конески), да имавме атомска бомба како Северна Кореја не ќе можеше никој да нè чепне и да ни ги менува името и идентитетот во соработка и со нашите политички идиоти што учествуваа во тоа фашистичко злосторство. А ние си останавме до ден-денес на црешовото топче.

Така. Но да преминеме на главното: парадоксот е во тоа што Македонија не само што нема атомска бомба туку нема ни доволно храна. Таа е дефицитарна на повеќе нивоа, иако се преполни самопослугите со неа, но е прескапа за веќе екстремно сиромашниот џеб на еден слој од народот, кој е на работ од она што Маркс го дефинира како лумперпролетаријат. Сè повеќе се множат луѓе што питаат или бараат храна по контејнери. А сето тоа се случува во една од господ фрлена како дијамант од небото во сите елементи раскошна и плодородна земја, ама поради лошите политики, особено од нашето таканаречено (но никогаш непотврдено како автентичен суверенитет) осамостојување, па до денес. Кај сиромашниот народ што ги смирува нервите со дијазепам владеат општа невроза, неспокој и страв за сопствената насушна егзистенција. Не важи она на Џеферсон дека Господ му дал на секој човек еднакво право на правда и среќа. Цените па прехранбените производи се шокантни. Вие денес ја гледате цената на краставиците 60, утре 100, а задутре 150 или 200 денари. Некои зеленаши, заштитени и со закон, дебело профитираат од тоа. Денес храната, што е тажно, не учествува во суверенитетот на Македонија, која за време на Југославија, јас добро се сеќавам, ја снабдуваше неа со краставици, патлиџан, пиперки, бостан, компир и што уште не. Тогаш имаше доста цврст систем на организација и контрола, па квалитетот и цените, кои природно, бидејќи се произведуваше изобилство на храна, беа стабилни. Не постоеја глад и неухранетост на населението, кое имаше и добро организирано бесплатно здравство и образование.
А денес ситуацијата со храна во Македонија е безмалку драматична. Не е прејак, екстремен изразот, драг читателу. Ќе објасниме оти сега на ред е вториот член од насловната тријада на нашата колумна: селото. Ситуацијата и сликата со него кај нас се катастрофични. Јас добро знам, на пример, мојата отсекогаш запустена Малешевија може три Македонии да храни со компир и да ги полни казаните за ракија со слива. А тука успеваат во плодната малешевска котлина и житните култури. Да не зборуваме за сточарството. Во југословенскиот период во ридовите тука полни со питома трева и мајчина душичка не можевте да се пробиете кон планините од безбројните стада. Ечеа езгиите на овчарските кавали. Малешевското јагне и сирење беа меѓу највкусните, најквалитетните во Југославија и се трошеа како алва.

А денес знамето во Малешевијата е спуштено, како за ден на жалост, на половина копје. Таму кај што имаше плодни ниви што светеа како злато сега има само трње. Моето родно Негрево е такво, целосно празно, со уште неколку жилави семејства. Мојата генерација целосно во потрага по егзистенција го напушти селото, ја голтна Скопје и не се врати назад, а старите што останаа се преселија на небото. А состојбата не е многу подобра и со некои други малешевски села. Скопје стана црна дупка, сингуларитет чиј магнет ги испусти македонските села. Тоа е пред сè резултат на политиката што никогаш не ја интересираше селото како еден од основните, ако не и најјакиот извор на суверенитетот на еден народ од каде што тој се храни и има егзистенцијална и психолошка сигурност. Има, со еден збор, услови за елементарна среќа, да не му се гладни децата и да не се колеба да им направи убава свадба. Таа елементарна среќа, драг читателу, денес кај нас виси на конец, оттука и галопот на таканаречената бела чума на иселување на младите, колку што уште останале во селата, но и од провинциските гратчиња, и нивно заминување во странство, во странските фабрики и универзитети. А кога некои од странските универзитети ќе се вратат во татковината може да не најдат во неа работа ако се без партиско портфолио. И случајот со мојот Филип е таков, како и на татко му што го казнуваа на двапати по три години исфрлен од работа оти го немаше тоа портфолио. Филип по враќањето како постдипломиран со одличен успех на германски универзитет во Бамберг чмаеше тука неколку години сè додека не го пронајде еден американски универзитет оти на нашите раштркани како потемкинови села „универзитети“ немаше место за „странецот“. Итн.
Се враќаме на храната и селото. Кај нас со секторот храна управува една гарнитура од официјализирани под чадорот на законот зеленаши и полузеленаши од едниот или другиот партиски блок. Зависи од изборите. Како резултат на тоа зеленаштво, пак, сме биле и сме чести сведоци кога производителите на ориз, на пример, го истурале него од вреќите на улица оти откупната цена е понижувачка, а на пазарот од зеленашките трговци е увезен ориз којзнае од каде од Азија. Истиот случај е чест и со лозарите што истураа цели приколки грозје оти цената е исто така понижувачка споредено, на пример, со цената на грозјето во Србија неколкупати повисока од македонската. Оти кај нас се заштитени винарските, пиварските и другите тајкуни ставени над производителите. Тие на чија страна е и Стопанската комора. А речиси калпаво работиме и на отворање странски пазари за нашите производи. Некогаш, пак, некои отворени ги затвораме, како што е тоа случајот со санкциите кон Русија, за да им угодиме на западните русофобичари, па, така, праските од Росоман скапуваат дома. И тука пак има некое зеленаштво и темна метафизика. За тоа говори, драг читателу, една атрактивна анегдота, која, колку и да е фризирана или стилизирана, е реална. Главен лик во неа е еден турски бизнисмен од Истанбул, кој имал добри информации за кочанскиот ориз дека е најдобар во светот и се запатил, дошол во Кочани кај градоначалникот да склопи драгоцена зделка на долг рок.

Разговорот меѓу него и градоначалникот бил срдечен и зделката договорена за колку што родил прочуениот кочански и околен ориз сè до Блатец регион. Така, но пред да си замине за Истанбул скапоцениот гостин го замолил градоначалникот да го прошета низ кочанските оризови полиња. И бил прошетан, ама тој бил вчудовиден од нивното шаренило, малку оризови леи, малку пченкарни и други, па прашал зошто е така, на што градоначалникот му дал за него шокантен одговор. Рекол: Затоа што и тоа што ќе го произведеме не можеме да го продадеме. На тоа одговорот на истанбулскиот бизнисмен бил уште пошокантен. Му рекол на кочанскиот градоначалник: Како така, па знаете ли вие дека со целиот кочански ориз, со сите негови дијамантски зрна до едно јас не можам да направам асолно ни еден ручек за гостите во Истанбул. Јасно ли ти е, драг читателу, во кој економски ќор-сокак сме заглавени со нашите партиски економски визионери. Па, ајде сега јас и ти да се надоврземе на тоа економско откровение на турскиот бизнисмен. Како архетипален пример тука го земаме нашето вино за кое немаме државна стратегија. Тука пак ќе ја земеме за пример омразената од нашата влада Русија, која ниту ја сфатиле ниту некогаш ќе ја сфатат и за која ништо не знаат оти имаат кусок на култура. Но да не филозофираме. Зборот ми е дека нашето вино до капка што го имаме нема да биде доволно ни за една новогодишна здравица (на руски тост) само во Москва, без Санкт Петербург. Нема да има ни за чашата на Петар Велики.
Така. Толку. Тука ставаме точка на оваа широка тема за која се потребни барем неколку дебели тома да ја соберат во себе. Затоа нека не спијат нашите економски универзитетлии. А ние, драг читателу, уште нешто на оваа тема ќе кажеме следната среда. Дотогаш голем поздрав од мене.

(продолжува)