ЧЕТИРИЕСЕТ И СЕДМИ „БРАЌА МАНАКИ“

Секоја есен, Битола станува центар на светската кинематографија. На отворањето на годинешново 47. издание, наградата „Златна камера 300“ за животно дело му е доделена на данскиот кинематограф Дан Лаустсен, а посебна верзија на истата награда му припадна на американскиот кинематограф Џеф Кроненвет, долгогодишен соработник на режисерот Дејвид Финчер и автор на фотографијата на филмовите „Боречки клуб“, „Друштвена мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“. Меѓу гостите се најдоа и турскиот режисер Семих Капланоглу, како и кинематографите Воли Фистер и Тимо Салминен. Годинава, Друштвото на филмските работници на Македонија започнува и соработка со Европската филмска академија, преку нејзиниот „Синематограферс чептер“, посветен на промоција и поддршка на кинематограферите. Фестивалот годинава првпат воведе и отворено кино, а Центарот за култура доби ново проекциско платно и проектор, со цел подобар квалитет на филмската слика.
Годинашново издание, кое трае од 19 до 25 септември 2026 година во Битола, симболично го носи насловот „Ткајачи на филм“, директна алузија на самиот прв филм на браќата од 1905 година. Фестивалот беше отворен со македонската премиера на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума и кинематографот Фредерик Нуаром, продукција на куќата на браќата и сестрите Митевски, со 13-годишната Евќар Абаз во главната улога на Адела. Во текот на седумте фестивалски дена, во Битола ќе бидат прикажани над 80 филма. Фестивалот ќе се затвори на 25 септември со македонската премиера на дебитантското остварување „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на режисерот Срѓан Јаниќиевиќ и кинематографот Дејан Димески, а последниот ден е резервиран и за мастерклас на режисерот Дарко Митревски на темата „Како да не направиш досаден филм?“
Меѓу последните активности на фестивалот беше мастеркласот на кинематограферот Суки Меденчевиќ во киното „Манаки“ во Битола, во чиј фокус беше неговата работа на серијата „Шајнинг вејл“, низ која Меденчевиќ детално го претстави процесот на создавање на визуелниот јазик на серијата, од изборот на камера и леќи, до осветлувањето, бојата и начинот на кој кинематографијата ја поддржува приказната. Меденчевиќ им прикажа на присутните сцени, трејлери и материјали од снимањето, објаснувајќи ги одлуките што стоеле зад изгледот на серијата. Тој зборуваше и за предизвиците при создавањето на куќата, која е еден од клучните елементи во приказната – простор што постепено станува речиси како самостоен лик.
„Шајнинг вејл“ е хорор-комедија за дисфункционално семејство што се обидува да започне одново, преселувајќи се од градот во стара куќа со мрачно минато. Приказната го следи семејството Пелпс, чиј однос дополнително се усложнува откако мајката Пат, писателка што се бори со креативна блокада и сопствени психолошки проблеми, почнува да доживува необични и натприродни појави во куќата.
– Она што ме привлече кај приказната е нивото на сторителингот – рече Меденчевиќ, зборувајќи за причините поради кои проектот му бил интересен.

Според него, визуелниот пристап мора да биде во функција на приказната, а особено внимание посветил на светлото, бојата и изборот на леќи. Токму светлото и употребата на бојата биле меѓу клучните теми на неговото предавање. Меденчевиќ објасни дека за „Шајнинг вејл“ биле користени потопли тонови, а изборот на леќите бил важен за создавање специфично чувство во различните сцени.
– Многу сакам да има светло во средина на кадарот. Тоа дава драматичен, театрален изглед – објасни тој, посочувајќи како светлото може да стане дел од визуелниот наратив, а не само техничко средство за осветлување на сцената.
Еден од најинтересните моменти од мастер-класот беше начинот на кој Меденчевиќ го претстави осветлувањето на куќата. Првичниот пилот на серијата бил снимен во стара куќа во Јужна Пасадина, но за продолжението, продукцијата изградила реплика на куќата на студиски сетови. Тоа создало посебен предизвик за кинематограферот: сетот требало да изгледа природно без оглед на тоа од кој агол е поставена камерата.
– Моравме да создадеме локација исто како куќата во Пасадина. Имавме многу амбиентално светло. Имаше софт-светла над прозорците – објасни Меденчевиќ, говорејќи за практичните решенија со кои е постигнат посакуваниот изглед.
Тој сподели и пример за тоа како ограничувањата можат да доведат до едноставни, но ефикасни решенија. Кога нема голем буџет за опрема, објасни, хартиените топки можат да се користат за создавање меко светло.
Панел на темата „Изнаоѓање нови начини до срцето и умот на публиката“ во Битола одржаа и Тимо Салминен и Јануш Камински, реномирани кинематографери. Зборувајќи за својот пат кон кинематографијата, Тимо Салминен се наврати на своето семејство и на почетоците во филмот. Неговиот татко бил режисер на 36 филма, а кога Салминен имал 23 години, неговиот брат веќе работел како директор на фотографија.
– Така филмот ме зеде – рече Салминен, кој прво работел како асистент на директор на фотографија, паралелно со своето филмско образование. Подоцна работел хонорарно на реклами, а потоа и на играни филмови.
Салминен е познат по долгогодишната соработка со финскиот режисер Аки Каурисмаки, со кого создаде препознатлив визуелен свет во филмови како „Сенки во рајот“, „Ариел“, „Фолен ливс“ и др.
Јануш Камински зборуваше за работата на филмот „Д дајвинг бел анд д батерфлај“, режиран од Џулијан Шнабел. Филмот ја следи приказната на Жан-Доминик Боби, кој по мозочен удар останува целосно парализиран и се буди по повеќенеделна кома. За да го долови неговото субјективно искуство, Камински користел различни оптички и камерски техники, меѓу кои и леќи со кои можел селективно да го контролира фокусот и да создаде нестабилна, нарушена перцепција на просторот.
Манипулацијата со фокусот, движењето и брзината на снимањето не биле само визуелни експерименти туку средства за публиката да го почувствува светот од перспективата на главниот лик. Токму во тоа Камински ја гледа суштината на кинематографијата, техниката да биде во служба на приказната и емоцијата, а не сама на себe.
Претходно светски познатиот кинематографер Џеф Кроненвет одржа работилница, која ја модерираше Слаѓан Пенев. Кроненвет се потсети на најраните моменти од своето детство, кога филмскиот сет бил дел од неговото секојдневие. Уште на десетгодишна возраст почнал да експериментира со камерата, снимајќи го својот брат и создавајќи мали сцени во кои, како што раскажа, се обидувал да прикаже и ефекти како повреда од куршум.
– Самото тоа што гледав што се прави на сетовите ми беше интересно. Татко ми дома носеше камери, па ние бевме субјекти – рече Кроненвет, опишувајќи како љубопитноста и играта со камерата постепено прераснале во професионална определба.
За својата работа, Кроненвет доби две номинации за „Оскар“ за најдобра кинематографија, за „Девојката со тетоважа на змеј“ и „Социјалната мрежа“. Кроненвет е познат и по својот придонес во развојот на дигиталната кинематографија, со визуелен пристап во кој светлото, сенките, композицијата и движењето на камерата се користат за создавање атмосфера и за изразување на внатрешната состојба на ликовите. Тој има снимено многу популарни музички спотови, како тој за „Freedom“ на Џорџ Мајкл, кој го режирал токму Финчер. На годинашното издание на „Браќа Манаки“, Џеф Кроненвет е добитник на престижната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност, со што неговото име се впиша меѓу големите кинематографери што го добиле највисокото признание на фестивалот. В.Д.


Ацо Дуковски – добитник на медал „Браќа Манаки“ за придонес кон фестивалот

Друштвото на филмските работници на Македонија му го додели медалот „Браќа Манаки“ на Ацо Дуковски, за особен и долгогодишен придонес кон интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Признанието му беше врачено во рамките на 47. издание на фестивалот во Битола.
Ацо Дуковски е актер и долгогодишен филмски професионалец, чија работа е тесно поврзана со македонската кинематографија и кинокултура. Од 1984/85 до 2003 година беше директор на „Градски кина – Скопје“, кои во тој период управуваа со широка мрежа на киносали во градот. Како актер има остварено улоги во повеќе филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Време, води“, „Црвениот коњ“, „Преку езерото“, „Џипси меџик“, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“ и „Деца на сонцето“. Во годините на неговото раководење со „Градски кина“, Дуковски беше и голем поддржувач на „Браќа Манаки“. Неговите професионални контакти и ангажман придонесуваа во обезбедувањето филмови и гости за фестивалот, особено во период кога организацијата и меѓународната комуникација се одвиваа во значително поинакви услови од денешните.
Со медалот „Браќа Манаки“, Друштвото на филмските работници на Македонија му оддава признание на Ацо Дуковски за неговата долгогодишна посветеност, поддршка и придонес во развојот на фестивалот и македонската филмска култура. Медалот „Браќа Манаки“ е изработен од „Божиновски“, долгогодишен пријател и поддржувач на фестивалот, чија соработка со „Браќа Манаки“ продолжува и во рамките на годинашното издание.