Промовиран првиот солистички албум на Софија Армелин
Првиот солистички албум на Софија Армелин, насловен „Моја“, кој содржи 13 македонски авторски песни, како и една бонус-песна, „Знаме“ – бендовска песна посветена на Македонија, беше промовиран викендов во кафе-барот „Жапон“. Промоцијата помина во пријатна атмосфера, исполнета со музика, емоции и љубов кон македонската авторска песна, во присуство на голем број гости, пријатели, соработници и блиски луѓе на авторката.
Сите песни на албумот се авторски и се напишани и аранжирани од Софија Армелин и Михајло Тодоровски, како нивен заеднички музички израз и посветеност кон македонската авторска музика. Песните се снимени во продуцентската куќа „Д њу симптомс бенд – лаб“, во продукција на Михајло Тодоровски.
– Отсекогаш сум сакала да пеам, но не сум имала можност за тоа, сега се отвори таква шанса да ми се оствари сонот, иако имам 53 години. Овој албум е задоволство, самата музика ме исполнува духовно. Почнавме со подготовка на материјалот пред две години. Текстовите се авторски, повеќето се на Михајло Тодоровски, а неколку се мои. Комплетно сѐ, аранжман, музика, текст, правиме сами. Снимивме вкупно 44 песни, од кои 12 се на англиски јазик, а другите на македонски. Многу беше тешко да се направи изборот кои песни да бидат на првиот албум. Одбравме поп-песни, некој стил на шансони, и така го направивме изборот. На албумот се најдоа 13 песни и плус една бонус-песна, „Знаме“, која е бендовска и е посветена на Македонија, но не пречеше да биде на албумот бидејќи може да се изведува и како солистичка песна. Едноставно овој албум е остварување на мојот сон – вели Софија Армелин.
Таа нема музичко искуство, како што вели, почнала да се занимава со музика како член на бенд што се основал од една обична свирка, а таа требало да биде менаџерка на бендот, иако потајно сакала да биде пејачка.
– Навивав за тоа ниедна девојка што се пријави да биде членка на бендот да не остане и потоа сфатија дека всушност имаат вокал. Почнав да се надградувам во пеењето, да учам, почнав да одам и на часови по пеење и доста напреднав, повеќе не сум веќе почетник, иако немам музичко образование, правник сум по вокација, работам во адвокатската канцеларија „Менкиноски“ – вели Софија за почетоците во музиката.
Од снимениот материјал, како што додава, може да се издадат уште два-три албуми, а тој материјал би го промовирала со мини-концерт.
– Работев по десет часа дневно, тоа е љубов, музиката многу ме исполнува, отсекогаш сум сакала да застанам на сцена и да запеам, но бев многу срамежлива, сега имав голема поддршка од Михајло, кој ми даде ветер во грб, и така всушност се охрабрив да почнам да се занимавам со музика – вели Армелин.
Како што дополнува, нема големи очекувања, не размислува за тоа да биде дел од естрадната сцена, туку само сака да си ја оствари желбата и да допре до срцата на луѓето.
– Во овие текстови секој може да се пронајде, секоја песна е нешто што е доживеано. Сакам луѓето да уживаат, да си поминат убаво, да се слуша повеќе македонска музика и секој што може да напише текст без да се задржува, тоа да е убавината – да оставиме нешто за генерациите што доаѓаат – порачува пејачката. В.Д.
































