Куба втор ден е без електрична енергија поради голем колапс на националната електроенергетска мрежа, соопшти Министерството за енергетика и рударство, кое ги активирало протоколите за постепено обновување на снабдувањето.
Според надлежните, дефект на далноводи во западниот дел на земјата предизвикал каскаден колапс на целата електроенергетска мрежа.
До утрово, снабдувањето било обновено за околу пет отсто од корисниците во Хавана, која има околу 862.000 потрошувачи. Во неколку други провинции, меѓу кои Камагуеј, Пинар дел Рио и Гранма, воспоставени се помали изолирани зони со електрична енергија.
За снабдување на болниците и другите критични објекти повторно се активирани дизел-генератори.
Куба во изминатите две години се соочува со сè почести прекини на електричната енергија, во услови на тешка економска криза и проблеми со снабдувањето со гориво и одржувањето на застарената електроенергетска инфраструктура.
Од почетокот на годината земјата добила само една пратка гориво, од руски танкер во март, додека последните целосни прекини на електричната енергија се регистрирани во август, јули и март.
И во периодите кога националната мрежа функционира, жителите на Куба редовно се соочуваат со долготрајни прекини во снабдувањето.
































