Фото: Џудо федерација

Со свечено отворање денеска во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје започна Европскиот куп за сениори „Скопје 2026“, на кој настапуваат најдобрите џудисти од Европа и од уште неколку континенти.

На натпреварувањето учествуваат 42 репрезентации со вкупно 441 натпреварувач, од кои 296 џудисти и 145 џудистки. Македонија настапува со 12 претставници – 11 џудисти и една џудистка, предводени од селекторот Горан Мицкоски.

Свеченото отворање беше збогатено со присуството на високи претставници на европското џудо, меѓу кои и претседателот на Европската џудо-унија, Ласло Тот, како и претставници на дипломатскиот кор.

Борбите во СЦ „Јане Сандански“ се одржуваат денеска и утре, од 9 до 19 часот, а влезот за посетителите е бесплатен.

Од Џудо-федерацијата на Македонија посочуваат дека организацијата на Европскиот куп е уште еден значаен меѓународен настан за Скопје и продолжение на серијата големи џудо-натпревари што во изминатите години се одржуваа во земјава.

Скопје претходно четири пати беше домаќин на Европскиот куп за јуниори, а во 2025 година го организираше и Европското првенство за кадети и натпреварувањата во џудо во рамките на Европскиот младински олимписки фестивал.

Љубителите на спортот денеска и утре имаат можност бесплатно да ги проследат настапите на светската џудо-елита.