Почнува фестивалот „Браќа Манаки“

Во Битола доаѓа човекот што е познат на светско ниво како автор на екстремно квалитетни слики како директор на фотографија и умешно ја користи светлината, но повеќе е познат по тоа што ја користи темнината, односно сенките. Човек што во Битола ќе ја донесе атмосферата на трилерот, бидејќи тој ги изработи најдобрите трилери во светската кинематографија – Џеф Кроненвет е годинашен лауреат на специјална „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност, најави директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски. Мајсторот на светлината, сенките и супериорната дигитална естетика доаѓа во Битола за да го прими највисокото признание и да застане рамо до рамо со великаните на светската кинематографија. Со доделувањето на ова признание, Кроненвет се приклучува на клубот на великаните на светската кинематографија што ја освоиле специјална „Златна камера 300“, со што Битола уште еднаш цврсто се позиционира како центар на светската филмска уметност.
Доксевски годинава најави присуство и на голем број значајни филмски имиња, меѓу кои Јануш Камински, полско-американски кинематографер и двоен оскаровец, кој е добитник на „Златна камера 300“ на ИФФК „Браќа Манаки“, но никогаш не дојде во Битола, а годинава ќе имаме можност и Камински да биде дел од свеченото отворање на фестивалот. Селекторот на главната компетиција, Слаѓан Пенев, информираше за филмовите што ќе бидат прикажани на свеченото отворање и затворање на фестивалот од 19 до 25 септември, а се дел од главната селекција, која има 12 филма.
– Програмата „Камера 300“ на 47-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се состои од дванаесет филма што својата меѓународна премиера ја имале во 2026 година на некои од најголемите филмски фестивали во светот.
Меѓу нив и два нови домашни филма, со кои ќе биде отворен и затворен фестивалот. Филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума и кинематограферот Фредерик Нуаром ќе ја има својата македонска премиера по успешното претставување на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк и на Филмскиот фестивал во Сараево. Ова е втор филм на Дина Дума што ќе биде прикажан во главната програма на „Манаки“, по дебитантскиот „Сестри“, прикажан на 42-то издание на овој фестивал во 2021 година – вели Пенев.

Вториот македонски филм во програмата „Камера 300“ ќе биде „Нема да ви се верува што се случи претходно“, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, а директор на фотографијата е Дејан Димески. Уште еден филм од оваа програма во чие создавање има македонски удел е филмот „Срам и пари“ на режисерот Висар Морина и кинематограферот Јанис Мазух, во германско-косовско-словенечко-македонско-белгиско-албанската копродукција. Од непосредното соседство ни доаѓа и филмот „До крајот на денот“, во режија на дебитантката Јелена Максимовиќ, а кинематографер е Паул Шпенгеман. Меѓу другите филмови во програмата „Камера 300“ им уште неколку големи режисерски и кинематограферски имиња, а некои од нив и претходно учествувале на фестивалот „Браќа Манаки“. Тандемот Илкер Чатак и Јудит Кауфман по вторпат ќе биде во главната програма на „Манаки“, откако пред две години ја освои „Златната камера 300“ за филмот „Наставничка канцеларија“. Овој пат нивната напната психолошка, семејна и политичка драма „Жолти писма“ доаѓа во Битола по успешна фестивалска промоција низ многу европски и светски фестивали, како и една од најголемите филмски награди – „Златната мечка“ од Берлинале.
Уште два препознатливи режисерско-кинематограферски тандеми чии дела биле и претходно учесници на нашиот фестивал ќе бидат претставени во годинешната програма. Тандемот Павел Павликовски – Лукаш Жал доаѓа со филмот „Татковина“. Другиот е тандем, Андреј Звјагинцев – Михаил Кричман, ни го носи филмот „Минотаур“.

Меѓу новиот бран кинематографери, како активни соучесници во создавањето значајни современи филмски дела и чие време допрва доаѓа, во рамките на програмата „Камера 300“ ќе ги видиме и делата на Гералд Керклец (со филмот „Роза“, во режија на Маркус Шлајнцер), Ана Драгичи (со филмот „Атлас на универзумот“, во режија на Паул Негоеску), Ману Тилински (со филмот „Лав на мојот грб“, во режија на Тониа Мишиали) и Жонгџианг Лианг (со филмот „Непозната девојка“ во режија на Зоу Џинг).
– Годинашнатa натпреварувачка програма за најдобра камера во документарен филм на 47-от Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе претстави десет филма снимени во шеснаесет земји, фокусирајќи се на најновите ликовни истражувања во современиот документарен филм – информираше Кумјана Новакова, селекторка на документарната програма.
Со седум филма снимени во 2026 година и три во 2025 година, селекцијата ги спојува етаблираните и новите кинематографски гласови од Балканот, Европа, Блискиот Исток, Африка и Северна Америка.
– Селекцијата не обединува околу една единствена тема, туку, напротив, преку исклучителната разновидност на кинематографски пристапи. Избраните филмови се движат помеѓу документарен пристап, доку-фикција, перформативен филм, архивски пракси и нови слики, како и експериментални форми. Низ лични и интимни приказни до историски теми и географски истражувања, селектираните филмови се фокусираат на прашањата за политиките на сеќавање, борбите против насилството и опстанокот.
Како фестивал посветен на кинематографијата, селекцијата става посебен акцент на сликата како начин на размислување: не само како средство за документирање на светот туку и за негово повторно преиспитување, реконструкција и замислување – подвлече Новакова. С.Ј.