По повод 35 години независност на Македонија
- Хрватската публика ќе има можност да види избор од скулптурите претставени во првата поставка на проектот, одржана во Музејот на градот Скопје во 2024 година, како и новосоздадени дела
Во рамките на манифестацијата „Македонска традиција и обичаи“ вечерва, во 19 часот, во Сплит ќе биде поставена изложбата „Пикасо, можеби јас 2 +“ на македонскиот визуелен уметник и керамичар Филип Фиданоски, во организација на Македонското културно друштво „Македонија“. Изложбата се организира по повод 35 години независност на Македонија. Хрватската публика ќе има можност да види избор од скулптурите претставени во првата поставка на проектот, одржана во Музејот на градот Скопје во 2024 година, како и новосоздадени дела.
Организатори на манифестацијата се Заедницата на Македонците во Република Хрватска и Македонското културно друштво „Македонија“ од Сплит. Манифестацијата се одржува под покровителство на Советот за националните малцинства на Република Хрватска и Град Сплит.
– „Пикасо, можеби јас 2 +“ воспоставува авторски дијалог меѓу минатото и сегашноста. Фиданоски ги зема иконските форми од сликарството на Пабло Пикасо како појдовна точка и ги преведува во тродимензионалниот јазик на современата керамичка скулптура. Изложените дела не се копии, туку лични реинтерпретации создадени преку анализа на формата, бојата, композицијата и просторните односи во избраните дела на Пикасо. Во овој циклус, дводимензионалните мотиви добиваат материјална и физичка присутност: се ослободуваат од рамката, стануваат објекти што можат да се набљудуваат од различни агли и добиваат нова функција, контекст и наративност.
Меѓу делата се скулптури инспирирани од Пикасовите „Фигура“, „Жена во црвена фотелја (Метаморфоза)“, „Глава на жена“, „Оперска дива крај пијано“ и „Жена со сини очи“. Преку нив, Фиданоски ги истражува односите меѓу формата, бојата и идентитетот, но и прашањата за телото и присуството на женскиот лик во историјата на уметноста – се наведува во најавата.
Изложбата го отвора и историското прашање за односот меѓу сликарството и скулптурата. Со претворањето на сликарската претстава во самостојна керамичка форма, Фиданоски покажува дека уметничкото наследство продолжува да живее преку нови читања. Проектот истовремено е омаж на Пикасо и преиспитување на сопствениот скулпторски јазик на авторот. Каталошкиот текст за изложбата е на Кирил Пенушлиски.
Филип Фиданоски (1977, Скопје) е македонски визуелен уметник и керамичар со повеќе од три децении творечка работа. Дипломирал и магистрирал керамика на Националната ликовна академија во Софија, во класата на проф. Красимир Џидров. Во своето творештво ги поврзува скулптурата, сликарството и дизајнот, истражувајќи ги трансформацијата, меморијата и изразните можности на материјалот. В.Д.
































