Земањето на судбината во свои раце не е неред

Ако решите да се информирате што се случува деновиве низ светот, во медиумите веднаш ќе наидете на голем број вести за политички несогласувања, за безбедносни закани, што од воени конфликти, што од вештачката интелигенција и други модерни технологии, што, пак, резултира со песимистички предвидувања за економијата и за иднината на планетата, заедно со анализи за уривање на постојниот глобален поредок. Навидум, кризи каде и да се свртите. Да, навистина постои неизвесност, но се поставува прашањето како навистина треба да се толкуваат сите овие случувања, бидејќи не е сѐ црно или бело.
Европа и Америка ги затегаат и онака затегнатите односи поради приближувањето на Европската Унија и Канада. Европскиот блок истовремено води жолчна семејна расправа поради новиот буџет, додека некои од неговите членови уште негодуваат по обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за состојбата на Унијата.
Воениот конфликт во Персискиот Залив станува уште покомплициран со напредувањето на Хутите преку заземање важни стратешки точки по должината на брегот на Црвено Море, што претставува закана за дополнително попречување на глобалниот транспорт и за пазарот на енергенти. Последиците секако ќе бидат почувствувани глобално.
Ако тргнеме од тоа што е најблиску до нас, членките на Европската Унија се расправаат меѓу себе околу проектите што ги сметаат за приоритетни во обид да ги поштедат нивните даночни обврзници од дополнителни плаќања кон Брисел, со влегувањето на преговорите за новиот буџет на ЕУ вреден околу два билиона евра во мачна завршна фаза. Германија и Шпанија отидоа дотаму што нивниот судир го пренесоа во медиумите, изнесувајќи ги сопствените спротивставени аргументи во два авторски текста на порталот „Политико“.

Притоа на страната на Германија се и Данска, Холандија, Австрија и Финска. Кавгата се сведува на тоа што Шпанија бара дополнителни стотици милијарди евра за заедничкиот фонд, а спротивставената група го отфрла таквиот предлог. Треба да се додаде и дека ЕУ е под зголемен притисок за постигнување согласност за буџетот до крајот на годинава, во пресрет на изборите во Франција, Италија, Шпанија и Полска наредната година. Во Европа веќе се очекува нов суверенистички бран во Германија и Франција, додека Шкотска, Велс и Северна Ирска официјално бараат пат кон независност од Обединетото Кралство, со што допрва се можни големи промени.
Американски „Атлантик“ образложува дека САД со сета своја воена, технолошка и политичка моќ веќе шест месеци не успеваат да излезат накрај со Иран. Истовремено можат да се најдат наслови „Како јуришот на Хутите ги понижи Американците“ откако Иран преку подемот на сојузничкото движење стекна контрола врз стратешки важниот проток Баб ел Мандеб, заедно со Ормускиот Теснец. Тоа значи дека танкерите со нафта нема да можат да излезат од Персискиот Залив или да поминат низ Црвено Море без одобрение на официјален Техеран.
Либералните политички елити (како и медиумите што ги поддржуваат) се обидуваат актуелните геополитички промени во кои се урива хегемонијата, се распаѓа глобализмот и слабее влијанието на одредени традиционални центри на моќ да ги претстават како хаос и неред, бидејќи не им одговара зајакнувањето на националниот суверенизам.
Тука, во борбата на наративите, како своевидна идеолошка стапица е скован и наметнат терминот „нов глобален неред“, кој е претставен како геополитички концепт што се однесува на „свет во кој слабее стариот меѓународен систем заснован на правила“, додека на негово место не доаѓа нов јасен систем што би го заменил. Овој термин неодамна беше популаризиран од директорот на Европскиот совет за надворешни односи, Марк Леонард, во неговата книга „Преживување на хаосот: Геополитиката кога правилата потфрлаат“, издадена годинава. Тој дури го користи и поостриот термин „беспоредок“, што упатува на отсуство на секаков поредок и правила.

Со замислениот „хаос и неред“ всушност се правда слабеењето на либералите во САД, како и во ЕУ, додека голем број држави во светот, низ Африка, Азија, па и низ Европа, се ослободуваат од јаремот на колонијализмот и наметнатите туѓи политики, одлучувајќи се да работат за сопствените национални интереси, да ги користат сопствените ресурси (нафта, руда, водни ресурси) во своја полза и да склучуваат сојузништва по свое политичко убедување. Едноставно кажано, сами да одлучуваат за својата судбина.
Сепак, треба да се истакне дека во таква динамична состојба на промени тешко можеме да очекуваме почитување на сегашните правила и прописи. Затоа не чуди што премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Атлантскиот совет при владината посета на Вашингтон истакна дека во случајот на Македонија не важи пристапот за членство во ЕУ заснован врз заслуги, напоменувајќи дека земјава не може да напредува поради оптовареноста со билатерални прашања.
Државите сè почесто ги приспособуваат политиките и меѓународните односи исклучиво според сопствената моќ и интереси, сојузништвата стануваат попрагматични, а постојните принципи притоа се применуваат селективно. И Македонија затоа треба по сопствени убедувања да го определи својот простор за дејствување во оваа турбулентна реалност, во која не можеме да се повикуваме на правилата што сметаме оти би требало да се почитуваат, туку да се снајдеме најдобро што можеме во новонастаната состојба.