Швајцарски искуства за флексибилен систем (трет дел)

Енергетиката на Македонија 2026-2030

„Чебрен“ и „Галиште“

Како што навестив во претходната колумна, во ова продолжение ќе се задржам на предизвиците и можните модели за реализација на „Чебрен“ и „Галиште“. Според анализите на долгорочните хидролошки серии и индикативните податоци од производството на ХЕ „Тиквеш“, може да се заклучи дека расположливиот воден ресурс е значително намален, односно дека денес има околу 30 проценти помалку вода во споредба со периодот кога бил проектиран хидросистемот. Овој фактор мора да биде земен предвид при сите економски и енергетски пресметки.
Олеснителна околност е тоа што, како пумпно-акумулациона централа, „Чебрен“ (а можеби и „Галиште“) нема потреба од голем природен доток, туку само од минимален прилив за покривање на загубите од испарување и другите природни загуби. Втор значаен предизвик е потребите за наводнување во Тиквешкиот Регион да бидат вклучени во сите анализи. Трет, и веројатно помал предизвик, е изградбата на пречистителна станица за отпадните води од Битола, кои преку Драгор се влеваат во Црна Река.
Во јавноста често се поставува прашањето кој е најдобриот модел за реализација на овој проект. Теоретски, државата има капацитет да обезбеди финансирање преку задолжување. Таква инвестиција од над милијарда евра би претставувала значителен дел од вкупните капитални инвестиции на државата за еден подолг временски период, а очигледно е дека постојат и други приоритети кон кои би можеле да се насочат овие средства, како што се училиштата, болниците, патиштата и канализациската инфраструктура.
Од друга страна, тешко е да се замисли дека приватен инвеститор самостојно би можел да го реализира проектот. Тој неизбежно би се соочил со експропријации, сложени постапки за добивање дозволи, административни пречки и можни судски постапки, што значително ја намалува веројатноста за успешна реализација.
Поради тоа, најсоодветен модел ми се чини јавно-приватното партнерство. Во таков модел, приватниот партнер би обезбедил финансирање, техничко знаење и управување со изградбата и експлоатацијата на централата, вклучително и трговијата со произведената електрична енергија. Јавниот партнер, пак, би ги обезбедил сите неопходни дозволи, експропријации и институционална поддршка за реализација на проектот.

Добар пример за успешно јавно-приватно партнерство во Македонија е концесијата на аеродромите во Скопје и во Охрид. Станува збор за инфраструктурни објекти од национално значење, кои претставуваат влезна врата во државата и првата слика што странските посетители ја добиваат за Македонија. Има малку проекти во земјата кај кои резултатите се толку видливи и толку широко прифатени како позитивни. Токму затоа, овој пример покажува дека кога интересите, ризиците и обврските на јавниот и приватниот партнер се јасно дефинирани, јавно-приватното партнерство може да биде успешен модел и за реализација на големи стратешки проекти.
Нормално, секој оправдано би го поставил прашањето: ако постои економска логика за проектот, зошто по повеќе од десет тендерски постапки сè уште не е пронајден инвеститор? Што научивме од досегашните тендери?
Ќе се задржам на два тендера што, според мене, беа најрелевантни, најдобро подготвени и со вистинска намера да се пронајде инвеститор. За сите други, повеќе оставаа впечаток дека служат за да се покаже дека нешто се работи отколку дека претставуваат реална можност за реализација на проектот.
Првиот беше во 2008 година. Понуди доставија едни од најзначајните европски производители на електрична енергија: од една страна конзорциум составен од германскиот енергетски гигант РВЕ (Rheinisch-Westfälisches Elektrizitätswerk – RWE) и словенечкото електростопанство (Holding slovenske elektrane), а од друга страна австриската компанија „Вербунд“ (Verbund). Стануваше збор за компании со годишни приходи од повеќе десетици милијарди евра.
Најповолната понуда предвидуваше шест години за изградба, концесија од 39 години и 47 проценти сопственички удел за државата во друштвото што ќе управува со централата. Не можам да шпекулирам зошто ваков договор не беше реализиран. Она што е неоспорно е дека во тој период најреномираните европски енергетски компании беа подготвени да инвестираат во проектот, притоа земајќи ги предвид и тогашните предизвици поврзани со хидрологијата и наводнувањето.
Вториот сериозен тендер беше во 2012 година, кога државната кинеска компанија ЦВЕ (CWE) понуди 40,5 проценти удел за државата, но со значително поголеми барања за државни гаранции. Тоа беше доста понеповолна понуда од онаа четири години претходно, но по поништувањето на тој тендер веќе никогаш не се појавија компании со капацитет и кредибилитет да понудат реална перспектива за реализација на проектот.

Оттука, потенцијалните инвеститори не се непознати, ниту пак е непознат интересот за проектот. Досегашните тендери покажаа дека интерес за „Чебрен“ пројавиле реномирани германски, австриски и кинески компании со значајно искуство во енергетиката. Можно е во иднина да се појават и помали регионални енергетски компании, самостојно или како партнери на поголеми инвеститори.
Но за да се привлечат сериозни понудувачи, најпрво мора да се демонстрира јасна и долгорочна определба на државата за реализација на проектот.
Кинеските енергетски компании би можеле да бидат интересни партнери поради нивниот капацитет за изведба на големи инфраструктурни проекти, брзото носење деловни одлуки и пристапот до значителни финансиски ресурси. Нивниот главен предизвик би бил адаптацијата кон сложените правила и специфичностите на европскиот пазар на електрична енергија.
Од друга страна, европските инвеститори најверојатно би се движеле побавно низ процесот на одлучување поради покомплексните корпоративни и административни процедури. Сепак, тие имаат значајна предност во одличното познавање на европскиот регулаторен и енергетски пазар, како и долгогодишното искуство во работењето во таква средина.
На крајот, клучното прашање не е дали постојат инвеститори заинтересирани за „Чебрен“. Досегашните тендери покажаа дека интерес имало и од водечки европски и од големи кинески компании. Прашањето е дали државата е подготвена да донесе одлука и да остане доследна на неа.
Ако во наредните две години се дефинира јасен модел за реализација, се избере инвеститор, а во следните две години се обезбедат предусловите за градба, првите агрегати би можеле да бидат приклучени на мрежата околу 2036 година. Ако не, „Чебрен“ ќе продолжи да живее како што живееше во изминатите пет децении: како проект за кој постојано се зборува, но никогаш не се реализира. Токму затоа, „Чебрен“ е вистинскиот тест дали државата има капацитет да обезбеди континуитет на една стратешка одлука подолго од еден изборен циклус. Тој е тест за способноста на Македонија да реализира стратешки национални проекти.
Во наредното продолжение ќе се задржам на „Бошков Мост“ и „Луково Поле“, анализирајќи ги нивната енергетска вредност, еколошките дилеми и реалните можности за нивна реализација во услови на забрзана енергетска транзиција.

(продолжува)

Авторот е инженер и проект-менаџер во хидроенергетиката (Швајцарија)