Фото: ТАВ Македонија

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ од денеска е со модернизиран дел од терминалната зграда, со што се создадени подобри услови за патниците и вработените и се зголемени оперативните капацитети. Проектот е реализиран со инвестиција од 2,7 милиони евра, соопшти „ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ Аеродроми“, членка на Групацијата „АДП“.

Со проектот се реновирани и адаптирани 3.364 квадратни метри од терминалната зграда. Проширени и унапредени се зоните за пријавување на патници, безбедносна и пасошка контрола, гејтовите, просторот за преземање багаж, како и зоните за пристигнување и заминување.

Паралелно е проширена и административната зграда, со што се обезбедени подобри услови за вработените, Граничната полиција и Царината.

Главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан, оцени дека модернизираните капацитети го подготвуваат охридскиот аеродром за следната фаза на раст и за дополнително зголемување на бројот на патници и дестинации.

-Во „ТАВ Аеродроми“ не инвестираме само во аеродроми – инвестираме во поврзување на луѓето, развој на дестинациите и обликување на иднината на регионите што ги опслужуваме – истакна Каптан.

Тој посочи дека досега во македонските аеродроми се инвестирани речиси 300 милиони евра, а поврзаноста и годишниот сообраќај во изминатиот период се зголемени повеќе од четирипати.

Реконструкцијата се реализира во период на значителен раст на патничкиот сообраќај на охридскиот аеродром. Во првите осум месеци од 2026 година, аеродромот опслужил 232.421 патник, што претставува раст од 26,5 проценти во однос на истиот период минатата година.

Само во август биле опслужени 57.239 патници, односно 33,8 проценти повеќе во споредба со август 2025 година. Во истиот месец биле реализирани 425 операции, што претставува раст од 15,2 проценти на годишно ниво.

Во текот на летната сезона Охрид е поврзан со 17 дестинации преку осум авиокомпании. Јули 2026 година, пак, беше најуспешниот јули во историјата на охридскиот аеродром, со нови рекорди во патничкиот и воздушниот сообраќај.

Од „ТАВ Македонија“ нагласуваат дека проектот е насочен кон подобрување на патничкото искуство, унапредување на условите за работа и создавање капацитети што ќе можат да го следат идниот раст на охридскиот аеродром.