Претседателката Гордана Силјановска Давкова упати честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста, во која порача дека 35 години по историскиот референдум, државата се соочува со генерациска одговорност да ги заврши клучните задачи – да ги искорени криминалот и корупцијата, да воспостави бескомпромисно владеење на правото и да изгради мирно и праведно општество на рамноправни граѓани.
Во честитката, Силјановска Давкова посочи дека пред 35 години граѓаните го доживеале „третиот Илинден“ и со референдумот од 8 септември 1991 година го заокружиле делото на илинденците и асномците, создавајќи сопствен национален и граѓански дом.
Таа нагласи дека најголемото достигнување за еден народ е сопствената суверена и демократска држава, која ги штити слободата, идентитетот и достоинството на граѓаните и работи за нивниот просперитет.
Според претседателката, независноста не е завршена историска епизода, туку трајна обврска за секоја генерација да ја чува, гради и унапредува државата.
Силјановска Давкова ги издвојува довербата на граѓаните во институциите, меѓусебната доверба и вербата во иднината на Македонија како трите столба врз кои почива независноста.
Во празничната честитка таа се осврна и на постигнувањата во изминатите три и пол децении, меѓу кои ги наведе членството во НАТО, развојот на економијата, отворањето кон светските пазари и воспоставувањето стратешки партнерства кои ја поддржуваат земјата на патот кон Европската Унија.
Претседателката, сепак, посочи дека периодот по осамостојувањето бил проследен и со сериозни искушенија, блокади и двојни стандарди, кои придонеле за создавање на внатрешни проблеми.
Како еден од најголемите предизвици го издвојува иселувањето на младите, нагласувајќи дека секое заминување претставува загуба за општеството.
Во тој контекст, таа порача дека државата не треба да се гледа само како систем на институции, туку пред сè како заедница на луѓе.
-Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани – порача Силјановска Давкова.
Таа ја истакна визијата за стабилна, напредна и европска држава, но и за татковина во која младите ќе ја гледаат својата иднина и ќе создаваат семејства, наместо да заминуваат во странство.
Во честитката претседателката повика и на посилно поврзување со македонската дијаспора и на обединување на луѓето со македонско потекло во градењето на државата.
На крајот, Силјановска Давкова им го честиташе 8 Септември на граѓаните, со потсетување дека на референдумот во 1991 година, со огромно мнозинство, тие се изјасниле за суверена и самостојна држава.
































