Фото: МИА

Во Македонија во моментов истовремено се градат пет автопатски делници, а наскоро се очекува да започне изградбата и на шестата, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во интервју за телевизија Сител, Николоски говореше за динамиката на изградбата на автопатите, роковите за реализација и идните инфраструктурни проекти. Тој оцени дека Коридорот 8 досега не се градел со ваква динамика, додавајќи дека Македонија во моментов реализира инфраструктурни проекти со обем каков што, според него, нема друга држава во регионот.

Како еден од најзначајните проекти ја посочи делницата Гостивар – Кичево, односно автопатот што ја заобиколува Стража. Според Николоски, работите се одвиваат со добра динамика, а рокот за завршување е до крајот на 2029 година.

-Тоа е најтешката делница, популарната Стража, а со ова решение целосно ја заобиколуваме. Станува збор за тежок потфат, прв автопат што се работи од двете страни, нешто што Македонија досега го нема видено – рече Николоски.

Во однос на делницата Букојчани – Кичево, министерот најави дека изборот на изведувач се очекува во текот на оваа недела. Постапката се спроведува во соработка со Европската банка за обнова и развој, која ја врши евалуацијата на понудите.

За изградбата има три понудувачи, а Николоски очекува до крајот на септември или почетокот на октомври да започнат работите. Со тоа, оваа делница би била шестиот автопат што истовремено се гради во државата.

Николоски се осврна и на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, каде што најави дека во октомври годинава треба да биде пуштен во употреба најкомплицираниот дел – тунелите кај Пресека, заедно со галериите.

Целиот автопат, според најавите, би требало да биде пуштен во употреба во првото тримесечје од следната година, во зависност од временските услови.

Како следни приоритетни инфраструктурни проекти, Николоски ги посочи експресните патишта Кочани – Виница – Делчево – граница со Бугарија и Радовиш – Струмица – Ново Село – граница со Бугарија, кои во моментов се во фаза на проектирање.