Македонскиот авиосообраќај бележи значителен раст, а бројот на патници што ги користат скопскиот и охридскиот аеродром за само две години е двојно зголемен, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, пренесе МИА.
Според него, во периодот кога била избрана актуелната Влада, двата аеродрома годишно опслужувале околу два милиони патници, додека годинава се очекува бројката да надмине или да се приближи до четири милиони патници.
-Тоа е резултат на една исклучително мудра политика која ја водиме, не само во делот на субвенционирањето, туку и во начинот на работа на двата аеродрома. Се вложи многу, а во моментов многу вложуваме и на охридскиот аеродром. За многу брзо време ќе има убави вести – посочи Николоски во гостување на телевизија Сител.
Тој нагласи дека растот на авиосообраќајот е еден од факторите што дополнително го мотивираат во неговата работа, додавајќи дека начинот на управување со аеродромите бил препознаен и од Европската организација за безбедност на воздушната навигација (Евроконтрол).
Токму во Скопје неодамна бил одржан регионален состанок на Евроконтрол за Југоисточна Европа.
































