Фото: Принтскрин

По неколку дена без нови примероци, во Институтот за јавно здравје денеска се вршат лабораториски анализи на четири сомнителни случаи на западнонилска треска. Материјалите, покрај од Клиниката за инфективни болести, се испратени и од Детската клиника и од други здравствени установи каде што се хоспитализирани пациенти со симптоми на вирусната инфекција.

– Резултатите се очекува да бидат готови во текот на денот, а доколку се позитивни ќе се пристапи кон епидемиолошка анкета. Податоците ќе бидат објавени и на апликацијата на веб-страниците на ИЈЗ и Министерството за здравство – изјави директорката на ИЈЗ, д-р Марија Андоновска.

Според досегашните податоци, во Македонија се потврдени 56 случаи на западнонилска треска. Осум лица се хоспитализирани, 40 оздравеле, а седуммина починале. Починатите се мажи на возраст од 62 до 83 години, а кај петмина биле регистрирани и други заболувања.

Според последниот извештај на ИЈЗ, речиси 79 проценти од заразените се мажи, а најголем број од случаите се кај лица постари од 60 години. Најмногу случаи се пријавени во Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.

Според последниот неделен извештај на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Македонија и натаму има најголем број заразени и починати на милион жители. Западнонилска треска досега е потврдена во 15 држави, додека Србија има пријавено 18, а Хрватска седум случаи.